Израел, Хамас и слабоста на Западот
11 октомври 2023„Безбедноста на Израел е германски државен резон.“ Ова го изјави германскиот канцелар Олаф Шолц по нападите на Хамас врз Израел. Слични изјави дадоа и министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер, како и шефовите на социјалдемократите, демократите, Зелените и на либералите.
И додека најважните политички актери во Германија се на страната на Израел, од пропалестинските митинзи доаѓаат поинакви пораки. „Не прифаќаме на нашите улици да се слават одвратните напади врз Израел“, одговори канцеларот Шолц. Но, не кажа како има намера да ги спречи.
Минатата година, на заедничката пресßконференција со палестинскиот претседател Махмуд Абас, германскиот канцелар конфузно молчеше кога Абас го обвини Израел за „повеќекратен холокауст“ врз Палестинците. Подоцна, Шолц се огради од таа изјава на Абас, нарекувајќи ја „неподнослива и неприфатлива“.
Финансирање на тероризам?
Што ќе направи германската влада по големиот терористички напад врз Израел? Во моментов Германија испраќа 250 милиони евра помош за палестинските територии. Министерката за развојна помош, Свенја Шулце, има намера да го разгледа „заедничкиот ангажман во корист на палестинските територии“. Таа вели дека нема директно финансирање на палестинските автономни власти, и на никаков начин не му се помага ниту на Хамас, кој е забранет како терористичка организација и во Германија и во Европската унија.
Но, понекогаш не е лесно да се утврди во чии раце завршуваат парите. Александар Добринт од конзервативната баварска ЦСУ затоа бара да се стопираат сите плаќања на палестинската страна.
Германско-израелското друштво бара финансирањето да биде поврзано со јасни услови. „Нашите даночни пари не смеат да се користат за финансирање на тероризам и антисемитизам“, се наведува во соопштението на претседателот на тоа друштво, Фолкер Бек.
Во истата дилема се и другите земји во Европска унија. Без финансиска поддршка од ЕУ, институциите на палестинската автономија едвај би опстанале.
САД испраќаат воени бродови
Иако Европската унија е најголемиот финансиер, таа игра споредна улога во однос на моќта и влијанието на Блискиот Исток, за разлика од Вашингтон. САД најавија дека ќе испратат бродови и борбени авиони во регионот.
Американскиот претседател Џозеф Бајден досега беше на дистанца од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради спорните правни реформи во Израел и односот кон Палестинците. Но, нападот врз Израел му даде можност на Бајден безрезервно да застане на страната на Израел и воено.
Повторното избивање на конфликтот ги загрозува долгорочните напори на САД за стабилизирање на регионот. Тука спаѓа и одмрзнувањето на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија. Првите саудиски реакции беа навистина воздржани. И Египет очигледно прави напори да спречи натамошна ескалација. Од друга страна, за некое време беше уништена надежта на Бајден за постигнување нов нуклеарен договор со Иран, кој го поддржува Хамас.
Одвлекување на вниманието од Украина
И покрај разбирањето на западните земји за воениот одговор на Израел, во нивен интерес е да се смири конфликтот. Германскиот канцелар Шолц предупреди дека пожарот може да се прошири низ регионот и повика на посредување меѓу Израел и Палестинците.
Ниту Бајден ниту Шолц не го кажуваат тоа гласно, но знаат дека насилството на Блискиот Исток го оттргнува вниманието на светската јавност од војната во Украина. Токму од тоа стравува украинскиот претседател Володимир Зеленски. Со оглед на тоа што украинската контраофанзива едвај напредува, земјите кои ја поддржуваат Украина стануваат нетрпеливи. Во нив се шири одреден замор од војната.
Пред сè, американскиот претседател Бајден има потешкотии да ја одржи финансиската и воената помош за Украина. Ако сега американските ресурси долго време би биле врзани за Блискиот Исток, тие ќе недостасуваат за војната во Украина.
Но, сликата е уште поширока. Аналитичарката Даниела Шварцер на Првата програма на германскиот јавен сервис (АРД) рече дека фокусот на САД на Украина е краткорочен, но е долгорочен на Кина и на индо-пацифичкиот регион. „Се разбира, Соединетите Американски Држави размислуваат колку точно можат да инвестираат во одредени конфликти... Веќе сега се поставува прашањето, колку средства сѐ уште се достапни за поддршка на Украина, доколку тоа стане подолга војна.“ Таа објасни дека на некој начин меѓу различните конфликти мораат да се урамнотежат политичкото внимание, финансирањето и дистрибуцијата на воен материјал.
Кина - повторно неутрална
Западот повторно го доживува она горко искуство во украинската војна. Важните земји во развој и новите индустриски развиени земји, дури и оние за кои се смета дека ги делат истите вредности со Западот, не го осудија Хамас.
Јужноафриканската Република, на пример, не го осуди рускиот напад врз Украина. А сега владејачката партија, Африканскиот национален конгрес, издаде соопштение во кое го спореди поранешниот апартхејд во Јужноафриканската Република со денешната ситуација на Блискиот Исток.
Кина, исто така, не го осуди Хамас, исто како што Пекинг одби да ја осуди руската агресија на Украина.
Се огласи и Русија, која ги потсети Европејците и Американците на целта кои тие ја поддржуваат со години: палестинска држава, рече министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, би била најдобриот начин за решавање на конфликтот. „Не можеме да се согласиме со оние кои велат дека може да има безбедност само во борбата против тероризмот“, рече тој.
Тој предлог го изнесува земјата чиј претседател Владимир Путин го оспори правото на постоење на Украина и кој веќе година и пол води безмилосна војна и против украинските цивили.