1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГерманија

Расизам и сиромаштија - две страни на ист медал?

8 мај 2024

Црнците, муслиманите и Азијците се повеќе изложени на ризик од сиромаштија во Германија, покажува ново истражување. Дури и доброто образование ги штити од тоа само условно.

https://p.dw.com/p/4fcNX
Еднаквост за сите - стои на плакат на протест против дискриминација
Еднаквост за сите -парола на протест против дискриминацијаФотографија: Christian Ditsch/imago

Расизмот е многу раширен во Германија. Но, какви конкретни последици може да има за оние кои се погодени од него? Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата во Берлин се зафати со тоа прашање. Социолозите Зерин Саликутлук и Клара Подковик сакале да откријат дали постои  поврзаност помеѓу расизмот и сиромаштијата.  И дојдоа до заклучок дека - постои.

Темел на нивната анализа е Националниот монитор за  дискриминација и расизам,  на кој соработува Саликутлук. „Ако ги погледнете официјалните статистички податоци или извештаите на германската влада за  сиромаштијата и богатството,  тие најмногу се делат за оние со мигрантско потекло или оние кои имаат германско државјанство. Но, каква е состојбата на луѓето кои се погодени од расизам во Германија - за тоа досега не можевме да кажеме ништо“.

Секојдневна дискриминација

За да се фрли повеќе светлина на таа област, биле истражувани различни области, објаснува научничката во интервју за ДВ: образовниот систем, пазарот на труд, пазарот на станови и здравствениот систем. Други студии веќе покажаа дека се јавува  дискриминација при барање работа.  Сето ова го зголемува ризикот луѓето да живеат  под прагот на сиромаштија.

Во Германија се сметаат за изложени на ризик од сиромаштија  оние кои имаат помалку од 60 проценти од статистички просечниот приход. Во 2023 година тоа изнесуваше 1.310 евра месечно. Под таа граница, како што велат, биле пет проценти од Германците без мигрантско потекло - иако работеле со полно работно време. Кај црнците, муслиманите и луѓето од Азија во просек имало 20 проценти.

Со добро образование, а сепак загрозени од сиромаштија

Притоа, од тешка финансиска состојба доброто образование штити само условно - од мајсторска диплома во некој занает, па сѐ до докторат на универзитет. Од Германците без мигрантско потекло со добро образование, пет проценти изјавиле дека им се заканува сиромаштија.  Луѓето кои доживеале расизам  пријавиле два до седум пати поголем ризик од сиромаштија.

Зерин Саликутлук
Зерин Саликутлук, социолог и помлад професор на Универзитетот Хумболт во БерлинФотографија: DeZIM

Најчесто се погодени мажите муслимани со 33 проценти. Авторката на студијата, Зерин Саликутлук, за ова го има следново објаснување: околу 20 отсто од анкетираните луѓе од муслиманска вероисповед дошле во Германија по 2013 година - пред сѐ од Сирија и Авганистан. Значи од земји кои беа многу погодени од војна и сиромаштија. „А во случајот со бегалците веќе е познато дека тие се повеќе изложени на  ризик од сиромаштија  поради потешкиот пристап до пазарот на трудот."

Ако името звучи туѓо…

Меѓутоа, дискриминирани се и луѓето од странско потекло кои во Германија живеат многу подолго или дури се родени во таа земја и имаат и германско државјанство. Саликутлук потсетува на експериментите во кои се испраќале апликации за конкурс за работа со идентични квалификации, но со различни имиња. Резултатот бил следен: „Луѓето чие име звучи турско имаат помали шанси да бидат поканети на интервју за работно место".

Резултатите од тоа истражување покажуваат дека е неопходно да се преземат насочени мерки во борбата против сиромаштијата и да се поттикнат еднаквите можности за групите кои се дискриминирани, вели Саликутлук. Во студијата се наведуваат и конкретни предлози - особено треба да се признаат дипломите стекнати во странство, се посочува во студијата.

Како да се намали стапката на сиромаштија?

„Тоа би го забрзало влезот на бегалците и другите мигранти на германскиот пазар на труд и ќе овозможи пристап на специјалисти со странски дипломи до соодветни занимања“, се вели во студијата. За побрза интеграција на пазарот на трудот, тимот околу Зерин Саликутлук сака побрз пристап до јазичните курсеви и курсевите за интеграција. Зашто, само ако може приходот од некоја работа да ги покрие егзистенцијалните потреби, стапката на сиромаштија кај бегалците може да се намали.