Ова не е само уште еден конфликт во Газа. Жестокиот напад на милитантно исламистичкиот Хамас врз Израел, на 50-годишнината од војната на Јом Кипур, нема споредба и сличности со ниеден претходен напад од Појасот. Поради софистицираноста на нападот, иако изведен со рудиментални средства, поради крволочноста, бруталноста, убиствата на деца и киднапирањето цивили, поради пропагандата и целите на исламистичкиот Хамас,и секако, поради способноста егзистенцијално да се загрози Израел - и однадвор и одвнатре.
Израел е единствената земја на светот која живее во перманентна узбуна и под постојана закана. Секој ден чувствува дека се бори за својот живот. Затоа и досега важеше мотото дека Израел мора да е опасен и луд, како лудо куче, со цел никој да нема храброст да го нападне. Тој ефект во последните години пропадна или се намали и затоа Израел овојпат беше понижен. Од израелскиот одговор на оваа траума, ќе зависи иднината на еврејската држава и на Блискиот Исток.
Израел се соочува со драматична идентитетска и политичка криза која го приморува да го коригира актуелниот курс. Хамас го изведе страотниот напад затоа што беше убеден дека Израел веќе не е опасен како порано. Технолошкиот хибрис и ароганција, воената атрофираност, политичката поларизација и внатрешните поделби, само придонесоа за актуелниот дебакл. Затоа Израел мора веднаш да одлучи како ќе го поврати својот стратешки кредибилитет и закана, и конечно да одлучи што ќе прави со Палестинците.
Палестинската кауза
Првиот системски и структурален факт е дека ниедна сила не може да го уништи Израел без да се уништи и самата себеси. Нуклеарната закана на Израел им е добро позната на сите непријатели, особено на Иран. Токму и од тие причини никој не сонува да води отворена војна со Израел, напротив, сите бараат начини како да воспостават економски и геополитички врски, почнувајќи од Саудиска Арабија. Сега тој договор е ставен под мраз, Хамас го одложи, но ништо не гарантира дека нема да се случи.
Друга базична реалност е дека палестинскиот кампус и кауза се слаби, разделени и очајни. Палестинската самоуправа на Махмуд Абас е претворена во дух, нивниот молк во моментов е погласен од израелските бомби, и вештачки се одржува во живот од страна на Израел, САД и ЕУ, со цел да не се откаже од блефот „решение за две држави“, кој материјално е неизводлив. Доволно е да се фрли око врз расцепканата мапа на Западниот брег од страна на окупаторот, за да се увиди невозможноста од такво решение. Нападот од 7 октомври би требало да му послужи на Хамас да го воскресне „палестинското прашање“. На тактички план целта му е да го консолидира приматот кај Палестинците, за сметка на бледата и ослабена Палестинска самоуправа. Многу потешка е неговата стратешка цел да го врати „арапскиот свет“ кон палестинската кауза, свет кој одамна има кренато раце од Палестинците, и оттука да ги саботираат Абрахамовите договори со арапските петромонархии, почнувајќи од Саудиска Арабија.
Третиот фактор е што ќе направат Хезболах, спонзорот Иран, Сирија или Русија која почна да изразува поддршка за својот сојузник од Техеран и од почетокот на инвазијата врз Украина одржува блиски врски со Хамас. Хезболах, десетпати посилен и подобро опремен од Хамас, засега тактизира, го заплашува и задева Израел, но не отвара нов фронт. Тука постојат две црвени линии: доколку Израел копнено тргне да го уништи Хамас во Газа, и доколку ги избрка Палестинците кон Египет и Синај, тогаш мошне веројатно Хезболах ќе влезе во војна. Секако и Хезболах во Либан мора да внимава на слабото расположение кај економски руинираниот народ за нов конфликт, а и Иран дома се соочува со најголемите и најраширени протести во својата историја. Од друга страна, нападот на Хамас го обврзува Израел да влезе со копнени трупи во Газа,приморувајќи го да се бори во тесен простор, да води една војна која Израелците секогаш сакале да ја избегнат: крвава, долга и идеална за герила.
Само Израел може трајно да го порази и уништи Израел?
Доколку Израел влезе во Газа ги очекува взаемен масакр, од кој може да произлезе и пораз, кој би бил катастрофален за земјата. Доколку победи, има две опции: Да владее со уште 2 милиони Палестинци, или да ги избрка - но прашањето е каде?! Дали тоа би било победа, е дискутабилно. Доколку пак Израел не влезе во Газа, тогаш ќе ја избегне стапицата на Хамас и Иран, но ќе ја разочара својата јавност, ќе докаже дека веќе не плаши никого и евентуално ќе мора да го легитимира Хамас и да седне на преговарачка маса. Излегува дека само Израел може трајно да го порази и уништи Израел. Хамас знае дека нема капацитет за тоа, како ни Иран, но знаат и дека трошејќи го, разделувајќи го, напаѓајки го, можат да го наведат на погрешни и суицидални чекори.
Тука доаѓа во игра и четвртиот, последен и најважен фактор. Израел ќе биде сигурен и безбеден сѐ додека ја ужива заштитата од САД. Но, Америка денес, затворена во себе, зафатена од уште подраматична идентитетска криза и културна војна, опседната со илјадници несигурности и предизвици, наместо сигурност, сѐ повеќе проектира несигурност. Тоа им отвара можности на Русија, Кина, Иран и други средни или помали сили постојано да ја предизвикуваат, како никогаш порано. Тоа за Израел е егзистенцијален проблем.
Последното нешто што Вашингтон го посакува
Нападот на Хамас врз Израел создава една сосема нова реалност и за Америка. Една втора и нова војна, покрај онаа во Украина, е последното нешто што Вашингтон го посакува. Новиот судир на Блискиот Исток ризикува да се прошири или одолговлечи што е опасно сценарио за некој кој одамна го има напуштено регионот. Воедно, намалената способност на Израел да ги заплаши противниците, како и загрозеното помирување со Саудијците, само дополнително им ги комплицира плановите на Американците.
САД и Израел во последно време има тензични односи. Неутралноста на Израел кон Украина, американскиот обид за олеснување на односите со Иран, критиките кон Нетанјаху за неговата правосудна реформа, како и оддалечноста на САД од регионот донекаде ги влошија односите помеѓу Вашингтон и Тел Авив.
Сега, Израел под напад секако ја менува ситуацијата и апсолутен интерес на САД е да притрча во помош на својот сојузник. Затоа Вашингтон е подготвен да му дозволи на Израел да го поврати својот заканувачки капацитет и затоа и Блинкен и Бајден изразија согласност Израел силно да удри врз Хамас. САД знаат дека доколку способноста на нивниот сојузник да биде некој од кој другите се плашат е ослабнат, тогаш или мора да ја прифатат таа реалност, или пак самите да компензираат за тој недостаток. Знаејќи ја блискоста првата опција нема никогаш да се случи, па затоа сме сведоци на втората.
САД го испратија својот носач на авиони „УСС Џералд Форд“ и уште 5 воени брода, со цел да делува како штит и да го заштити Израел од напад зад грб. САД сакаат да го намалат ризикот копнената инвазија на Газа да се искористи за други да интервенираат во конфликтот и да се отворат нови фронтови во Либан и Сирија. Секако, САД, после иницијалната поддршка за одмазда, ќе извршат и притисок врз Израел да прифати прекин на огнот и да не дозволи проширување на конфликтот.
Новата војна на Блискиот Исток ги истоштува САД
Домашната политичка поддршка во САД за Израел е речиси тотална. Но, доколку Израел претера со максималистичката цел - целосно уништување на Хамас, последиците од крвопролевањето може да произведат поделби и растечки антисемитизам во американското општество. Друг проблем се оружјето и муницијата. Администрацијата на Бајден веднаш стави на располагање 8 милијарди за Израел и размислува да го искористи моментот за во Конгресот да протурка заеднички пакет на помош за Украина и Израел со преку 100 милијарди за цела 2024 година. Од воено-индустриски аспект тоа ќе биде титански подвиг, имајќи предвид колку и Израел и САД воено се атрофираа за сметка на технолошката софистицираност.
Вашингтон ќе сака да ги заштити и Абрахамовите договори, но Ријад во овој момент нема да биде расположен да се компромитира пред муслиманската јавност, ниту да ризикува со Иран и покрај новопронајдена блискост под посредништво на Кина. Конечно, САД нема да дозволат директно вмешување на Иран, па затоа и тврдат дека не постојат докази за вмешаност на Техеран во организација на нападите. Со други зборови, новата војна на Блискиот Исток ги истоштува САД и внесува дополнително одземање на вниманието од тивката војна со Кина. После Украина, кризата на Блискиот Исток значи отварање на трет фронт за светскиот хегемон. Маките на Израел неизбежно ќе се рефлектираат врз Америка и обратно.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.