Што би значел копнен напад врз Газа?
12 октомври 2023„Ова е само почеток“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, повикувајќи на одмазда за терористичкиот напад на Хамас. „Она што ќе им го правиме на нашите непријатели во наредните денови ќе им одекнува со генерации.“
Воените експерти се убедени дека ова е најава за копнена офанзива на Појасот Газа, кој е целосно опколен од оклопните возила и тенкови на израелска армија. 300.000 резервисти кренаа оружје, што е најголема мобилизација во историјата на Израел.
Израелските власти ги повикаа цивилите од Појасот Газа да се „засолнат“, со забелешка дека можат да одат во Египет. Но, во меѓувреме единствениот премин кон Египет е затворен, а околу 2,2 милиони луѓе се во целосна изолација.
На луѓето во Израел, пак, им било кажано да складираат храна, вода и лекови за 72 часа, што, исто така, може да биде предвесник на копнена офанзива.
Според анализата на лондонскиот весник Гардијан, за време на претходните борби во Газа, израелската армија се обидела да го окупира централниот дел од тој мал појас, долг околу четириесет и широк од шест до дванаесет километри.
Така би се прекинала врската меѓу градот Газа и јужниот дел на Појасот. Но, и Хамас веројатно е подготвен за тоа сценарио.
Урбаната борба е ризик за војската
„Хамас има предност бидејќи добро го познава теренот и може да делува од заседи“, вели Муриел Асебург, експерт за Блискиот Исток од берлинската Фондацијата за наука и политика. И тоа и покрај воената надмоќ на Израел, чии војници би имале воздушна поддршка.
„Ризикот за израелските војници би бил многу голем и покрај тоа, бидејќи тие не знаат точно каде се кријат борците, каде се складиштата за оружје, а каде се заложниците. Во борба од куќа до куќа, израелската армија би можела да претрпи големи загуби“, додаде таа за порталот Тагесшау на германскиот јавен сервис.
Како што потсетува Гардијан, во 2014 година израелската армија загуби 13 војници за само една ноќ борби во Шуџаја, најгусто населената населба во градот Газа. Војниците наишле на противтенковска мина и митралези.
До денес, пишува весникот, Хамас веројатно има голем број оригинални руски преносливи противтенковски ракети од типот Корнет. Тие веќе се покажаа како смртоносни против израелските тенкови во Либан.
Хамас веројатно има и модифицирани дронови-бомбардери, како оние што се користат на украинското бојно поле.
Што е со заложниците?
Ако се чини дека расположението во Израел е дека Хамас сега мора да се исчисти, прашањето е што ќе биде со заложниците?
Според различни проценки, Хамас држи околу стотина заложници, а терористичката група Исламски џихад држи уште триесет. Меѓу нив жени, деца, странски државјани...
Наводно, првите разговори за можна размена биле водени преку катарски посредници, но биле неуспешни.
„Доколку пред копнената офанзива воспоставувањето на хуманитарен коридор успее, тогаш барем дел од заложниците - жени, деца и постари лица - би можеле да бидат ослободени во замена за палестинските затвореници од израелските затвори“, резимира Асебург.
Инаку, Хамас се закани дека ќе стрела по еден заложник за секоја израелска ракета која без предупредување ќе падне врз станбен објект во Појасот Газа.
Ами Ајалон, поранешен израелски министер и шеф на тајната служба Шин Бет, жестоко ја критикуваше владата на неговата земја поради политиката кон Палестинците, тврдејќи дека така го зајакнала Хамас.
Дури и Ајалон, познат како човек кој се залага за мир со Палестинците, вели дека Израел сега нема друг избор освен да влезе во Газа. „За да се направи тоа, илјадници Палестинци ќе мораат да бидат убиени. Немам претстава колку израелски војници и цивили би настрадале“.
Како што додаде во интервју за францускиот весник Фигаро, масакрот што го изврши Хамас досега беше незамислив. „А, за да се уништи военото крило на Хамас, нема алтернатива за копнена офанзива. Затоа што не можеме да убиеме два милиони луѓе со бомбардирање“.
Хамас ги има вкалкулирано загинатите цивили
Многу експерти наведуваат две причини зошто Хамас би можел сепак да се радува на таква израелска офанзива.
Прво, колку повеќе жртви, толку помали се шансите арапските држави, како Саудиска Арабија, да ги нормализираат односите со Израел. Второ, има индиции дека во случај на офанзива на Газа, опасноста за Израел веднаш би дошла од север, од либанскиот Хезболах. Така, војската би се развлекла на барем два фронта.
Инаку, малкумина веруваат дека Израел се подготвува повторно да ја окупира Газа. Според анализата на Гардијан, би било преголем предизвик да се држи појасот под контрола подолго време. Затоа се претпоставува дека целта ќе биде брза елиминација на Хамас.
Но, експертот од Берлин, Муриел Асебург, предупредува дека Хамас, дури и ако биде поразен во Газа, нема да исчезне, туку може да дејствува од егзил. Асебург смета дека Хамас „бескрупулозно“ веќе вкалкулирал голем број жртви меѓу палестинските цивили.
„Може да се очекуваат голем број цивилни жртви во Појасот Газа. Комплетната блокада, која војската сега ја воведе, најавата на израелските власти дека ќе го прекинат снабдувањето со храна, вода, струја и гориво ќе ја отежнат ситуацијата во наредните денови и недели“, вели таа.
А што по војната?
Обединетите нации го осудија држењето заложници, како и блокадата на Газа и побараа на хуманитарен коридор.
„Воениот успех на Израел во Појасот Газа сигурно нема да значи дерадикализација на тамошното население. Без перспектива за жителите на Газа, не е можен траен мир, па ни безбедност за Израел“, додава Асебург. „САД и Европејците застанаа зад Израел, со оглед на грозоморните воени злосторства извршени од Хамас. Но, нивна задача е и да прашаат што по војната, како може да се создадат одржливи перспективи кои повеќе нема да бидат плодна почва за Хамас и за другите радикали“, заклучува таа.