Абас го откажува договореното со Израел и САД
20 мај 2020Престедателот на Палестинците, Махмуд Абас, прогласи за неважечки повеќе договори со Израел и САД. Неговата влада „од денеска“ не се чувствува обврзана кон договорите, рече Абас по средбата со палестинското раководство во Рамала. Тоа важи и за соработката по безбедносните прашања.
Со тоа Абас реагира на намерата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анксија на територии во окупираниот Западен брег. Во минатото Абас повеќепати упатуваше слични закани, но тие не беа спроведувани во пракса.
Сега Израел би морало да ја преземе одговорноста за окупираните територии, изјави претседателот на Палестинците. Тој додаде дека САД стануваат партнер на окупаторска сила „која има целосна одговорност за угнетувањето на палестинскиот народ“.
Повеќе:
Мировниот план на Трамп - ни план, ниту мировен
Мировниот блискоисточен план на Трамп - шанса на векот или маневар?
Абас: „Му велиме 'Не' на Трамп“
Новата израелска влада, во согласност со Блискоисточниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, сака да ги анектира еврејските населби, како и стратешки и економски важната долина на Јордан во Западниот брег. Плановите во светот предизвикаа многу контроверзи.
Трамп го претстави својот концепт за Блискиот Исток во Вашингтон во јануари, во присуство на израелскиот премиер Нетанјаху. Палестинците, според планот, би требало да добијат можност за своја држава, но без долината на Јордан и без Источен Ерусалим како главен град. Како можен главен град за идна палестинска држава во планот е наведено само предградието на Источен Ерусалим, Абу Дис.
Израел во текот на Шестдневната војна во 1967 година ги освои, меѓу другото, Западниот брег и Источен Ерусалим. Палестинците ги бараат овие територии за своја држава, со Источен Ерусалим како главен град.