Абас: „Му велиме 'Не' на Трамп“
15 јануари 2018„Ние Ви велиме 'не' господине Трамп, нема да го прифатиме вашиот проект", рече Махмуд Абас на почетокот на дводневните разговори со водечките претставници на Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Тој се осврна на најавата на американскиот претседател дека ќе се стреми кон „конечен" мировен договор на Блискиот Исток. Доналд Трамп оваа задача му ја довери на својот зет и советник Џаред Кушнер.
„Господинот Трамп со еден твит го избриша од масата прашањето на Ерусалим", се пожали Абас на состанокот во Рамала на Западниот Брег. Со неговото унилатерално признавање на Ерусалим како главен град на Израел во почетокот на декември, Трамп ја промени претходната политика на САД за Блискиот Исток. Потегот беше силно критикуван ширум светот, а на палестинските територии предизвика немири.
Повеќе на темата:
-Трамп финансиски ги уценува Палестинците
-Што всушност сакаше Трамп со Ерусалим?
-„Ерусалим веќе сега е, а и ќе продолжи да биде главен град на Израел“
Светиот Ерусалим
„Наш вечен главен град е Ерусалим, и ние нема да ја прифатиме понудата Абу Дис да го направиме наш главен град", рече Абас. Аби Дис е предградие во југоисточниот дел на Ерусалим за кое се вели дека од страна на американски претставници им е предложено на Палестинците за главен град како замена за Ерусалим .
Статусот на Ерусалим е најкомплицирана и најемоционална тема во Блискоисточниот мировен процес. Градот е свето место за Евреите, муслиманите и христијаните. Израел го освои источниот дел во 1967 година и го прогласи целиот Ерусалим за главен град.
Палестинците, од друга страна, сакаат да го направат источниот дел на Ерусалим- каде што се наоѓа Ридот на храмовите со Ѕидот на плачот- главен град на нивната сопствена држава.
На разговорите на Централниот совет на ПЛО, Абас, исто така, го обвини Израел дека со своите постапки го раскинал Договорот од Осло постигнат со посредство на САД. Договорот од 90-тите години на минатиот век, палестинскиот претседател го прогласи „мртов", јави израелскиот весник "Хаарец".