Кој ќе се спаси со амнестијата на ковид-казните?
15 ноември 2022Над 1.200 граѓани очекуваат да се спасат од „солените“ парични казни коишто треба да ги платат за непочитување на мерките за време на пандемијата со Ковид-19. Станува збор за социјална категорија на граѓани коишто не можат или одбиле да ги подмират трошоците, поради што треба да ја одлежат казната в затвор. Но, тоа не само што ќе ги преполни веќе пребукираните затвори, туку и ќе биде дополнителен товар за затворскиот буџет. Надлежните институции излезот од ваквата ситуација го гледаат во амнестија, со која на стотици граѓани планираат да им ги простат паричните казни и да ги заменат со условна осуда. Амнестијата ќе важи само за физичките лица, но не и за фирмите.
Статистичките податоци покажуваат дека во сите судови изминатите две години биле изречени 77 правосилни пресуди против физички лица за кривично дело по член 205 - „Пренесување заразна болест“, како и 5.553 правосилни пресуди по член 206 од Кривичниот законик - „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Ова се двете кривични дела за кои се поднесени илјадници тужби и се изречени голем број на парични казни за македонски граѓани изминатите две години од пандемијата.
Или пари или затвор
Согласно законските прописи, доколку во рок од 2 години паричните казни не се намират, судијата за извршување на санкции ги заменува со казна затвор. Со тоа лицата кои немаат можност да ги платат треба да бидат упатени на издржување на казна затвор. Но, министерот за правда Никола Тупанчески вели дека прекршителите не се криминалци, туку лица чии парични казни се пред трансформација во казни затвор. Тој деновиве информираше за иницијативата за подготвување на предлог-закон за амнестија, која што потекнала од Основниот кривичен суд Скопје, каде што има најголем број вакви предмети.
„Тука не станува збор за лица кои извршиле кривични дела кои, пак, според својата персонална анамнеза претставува криминалци во вистинска смисла на зборот. Тоа се лица кои ги прекршиле ковид-мерките и нашиот кривичен законик предвидува, најчесто беа парични казни. Зборуваме за повеќе од 1.200 луѓе, на кои, практично ако не ја платат паричната казна, за кратко време паричната ќе им се трансформира во затворска казна. Оваа идеја на Кривичниот суд, бидејќи предлог-законот е готов, е во собраниска процедура. Мораме да бидеме брзи, зашто ако навреме не го донесеме законот, тогаш задоцнето ќе биде неговото носење“, изјави Тупанчески во гостувањето на „360 Степени“. На оние што си ги платиле казните, а кои најчесто беа меѓу 1.000 и 2.000 евра, нема да им бидат вратени парите.
Само непочитувањето на мерката за носење на заштитна маска скапо ги чинеше граѓаните во 2021 година. Пресметките беа дека над 3,8 милиони евра се слеале од џебот на граѓаните во државниот буџет за една година поради непочитувањето на задолжителната мерка за носење маски како заштита од Ковид-19. МВР имаше изречено над 194 илјади казни за непочитување на мерката. Паричните казни беа во висина од 20 евра, а 2.000 евра е казната којашто домашни и странски фирми ја плаќаа за необезбедување заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирус.
Илјадници казни
Статистичките податоци покажуваат дека илјадници граѓани биле казнети во изминатите две години поради прекршување на мерките за заштита од пандемијата. Во тек е првостепена постапка за вкупно 255 предмети, додека жалбена постапка има за 73 случаи. Дури 2.385 граѓани треба да платат казна до 500 евра, додека 2.124 лица имаат на товар казни од 1.000 до 2.000 евра. Над 170 македонски граѓани за време на пандемијата „заработиле“ казни од над 2.000 евра за непочитување на ковид-мерките.
Само во кривичниот суд во Скопје во периодот од 01.01.2020 година до 30.06.2022 година, од страна на обвинителство биле поднесени 967 казнени налози за член 206 од Кривичниот Законик, за кои судот донел пресуда врз основа на казнен налог со кои врз основа на казнен налог се осудени 1.223 лица - сите на парична казна од 123.000 денари. Во истиот период дополнителни 762 казнени налози биле приговарани од страна на обвинетите и за нив судот донел правосилни пресуди каде санкцијата е парична казна.
Со оглед дека доколку во рок од 2 години паричните казни не се намират, судијата за извршување на санкции ги заменува со казна затвор, Основниот кривичен суд има донесено 280 заменски решенија, со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор. Голем дел од осудените лица не ги обжалиле пресудите - или не ги примиле или многумина се неуки, па чекале судот да ги повика на судење.
Амнестијата како искуство
Амнестијата постои и се применува во многу европски држави, а правните основи на овој институт лежат во нивните устави. Ваквиот тренд го следи и македонскиот Устав, па така во членот 68 предвидено е дека нaдлежно за давање на амнестија е Собранието. Законот со кој се дава амнестија треба да се однесува секогаш на определена категорија на казнени дела, на определена категорија сторители или осудени лица, или на определени казни, без оглед на казнените дела и нивните сторители. Во Република Северна Македонија од моментот на нејзиното осамостојување донесени се повеќе закони за амнестијата.