Не си вакциниран? Тогаш нема плата!
16 август 2021Максим Белјајев е зафатен човек. Сопственикот на ресторан во Москва нуди и кетеринг-услуги. Во моментот кога разговаравме со него беше на аеродром заради ангажман на црноморското приморје. Во неговата компанија немал проблем да ја исполни потребната квота на вакцинирани лица, вели 39-годишниот бизнисмен. „Сите сфатија дека тоа е нужен предуслов за да може да се работи и сите се вакцинираа. Ниту едно лице не се спротивстави. Сите си ја ценат работата и ние едноставно го спроведовме вакцинирањето без многу дебати”, раскажува Белјајев.
Од денеска за гастрономијата, услужните и трговските дејности, како и за транспортните претпријатија во Москва важи обврска минимум 60 проценти од вработените да бидат целосно имунизирани. Истото важи и за образовниот и здравствениот сектор, како и за јавната администрација.
Парични казни и забрана за дејност
Ако една компанија не ја исполнува таквата квота ѝ се закануваат високи казни, раскажува Белјајев. „До 50 илјади рубљи, односно 600 евра за самостојни, до 300 илјади рубљи за компании и до еден милион рубљи ако и понатаму не се исполни обврската”, додава тој. Од негова гледна точка, најстрашната казна е забраната за дејност во времетраење од три месеци.
„Навистина немавме којзнае колку работа за време на пандемијата, но сепак не би сакал така да ме казнат”, вели Белјајев. „Но, и за вработени кои не сакаат да се вакцинираат има високи казни: ако не може да докажат дека имаат медицинска причина за да одбијат да се вакцинираат, може да бидат пратени на неплатено отсуство.”
Во јуни градот и регионот Москва воведоа таква обврска за одредени бранши и компании. Причина за тоа беше порастот на заразени од ширењето на Делта варијантата - како и ниската квота на вакцинирани лица. Иако Русија уште пред една година официјално даде дозвола за користење на вакцината Спутник V, прва вакцина против корона на светот, само една петтина од населението важи за целосно имунизирано.
Голема недоверба во вакцината
Една причина е големата недоверба на населението, дури и откако независни научници потврдија дека вакцината е многу ефикасна против корона. „Не верувам во вакцината”, вели 27-годишната Марина. Таа сепак се вакцинирала бидејќи работи на универзитетот и имала само две опции: „Или да се вакцинирам, или да земам неплатен одмор. Немаше дебата или алтернатива”, нагласува Марина.
Повеќе:
Проверка на фактите: Колку е ефикасна Спутник V?
Русија: Слободна масовна вакцинација и бесплатен сладолед
Московскиот модел за пример
Државниот инспекторат ќе проверува на лице место дали определената квота е испочитувана во фирмите. Но, поголемиот дел се контролира онлајн, објаснува Белјајев. „На страницата на московските градски власти колешката ги внесе сите податоци за моите вработени и ги прикачи документите за имунизацијата. Едноставно и прегледно е”, вели тој.
Во меѓувреме уште 40 региони од Русија го преземаа московскиот модел за обврска за вакцинирање. Некои државни концерни дури одат и чекор подалеку, како на пример нафтениот гигант Роснефт, чиј шеф уште на почетокот на годината изјави дека сите 300 илјади соработници се обврзани без исклучок да се вакцинираат.