1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона: Без маска? 150 евра казна!

Наталија Смоленцева
8 октомври 2020

Во борбата против коронавирусот германските власти особено внимаваат на тоа сите патници во јавен превоз да носат заштита на устата и носот. За неносење заштитни маски следат казни. На контролорите не им е лесно.

https://p.dw.com/p/3jbsT
Deutschland Köln Symbolfoto Maskenpflicht
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture-alliance

Како што се приближувам до железничката станица Келн Југ брзо си ја ставам заштитната маска. 22.30 е, сабота навечер. Оваа станица се наоѓа во близина на Универзитетот во градот Келн, а околу неа има многу барови и ресторани. Тука и преку ден и навечер е доста раздвижено. На влезот на станицата се среќавам со десетина полицајци, вработени од Германската  железница и градската Служба за јавен ред. Тие контролираат дали патниците ги почитуваат заштитните корона-мерки на железничката станица, пред сѐ дали носат заштитни маски.

Епидемиолошката состојба во Германија засега е релативно добра, но се забележува зголемување на бројот на заразени. Бројот на инфицирани во целата земја надмина 300.000. Од средината на септември веќе има по 2000 новозаразени дневно, а вчера е регистриран рекорд од над 4000 новоинфицирани. Болниците во земјата се подготвени за нов бран пациенти, а политичарите воведуваат нови ограничувања.

Но, многу луѓе во Германија се опуштија по релативно мирните летни месеци и не се придржуваат толку на одамна донесените заштитни мерки. На пример, не носат секогаш заштитни маски, иако тоа во Германија е задолжително во јавниот превоз уште од крајот на април. Со цел да се одвратат „грешниците“ и да се спречи зголемување на бројот на заразени, од средината на август казните за неносење заштита во јавниот превоз во покраината Северна Рајна Вестфалија се зголемија на 150 евра. Во другите сојузни покраини тие се движат од 50 до 500 евра.

Повеќе:

Коронавирус: Германија ќе ги откаже и Божиќните пазари?

Германски Ковид експерт: Маските ќе ги носиме до крајот на 2021

Коронавирус: Трката по маски и респиратори заврши- сега фаќаат прашина

Маски се задолжителни и во воз и на пероните

„Од нашето искуство досега заклучивме дека заштитните маски во најголем дел се носат во возовите. Но, за жал, често се случува патниците да ја симнат маската веднаш кога ќе излезат од возот. Обврската за носење маска важи и на пероните и сѐ додека се наоѓате во зградата на железничката станица“, вели Холгер Клајн, портпарол на Здружението за транспорт Рајн-Зиг кое е со седиште во Келн. Често пероните се на отворено и вее од сите страни. Па сепак, и тука носењето маска е задолжително за сите патници. Оние што се фатени без маска на отворените перони добиваат само предупредување, но оние што не носат маска во затворениот дел од железничката станица мора да си платат казна.

„За време на шпицот, кога возовите се полни со патници, тие седат доста блиску еден до друг и сакаме нашите патници кои носат маска да се чуствуваат безбедно“, додава Клајн. Додека тој објаснува за денешните контроли, едно младо момче и девојка поминуваат на перонот, и двајцата без заштитни маски. Брзо трчаат по скалите во железничката зграда за да избегаат но таму ги пресретнаа вработените од градскатаСслужба за јавен ред и мир.

Deutschland Köln Symbolfoto Maskenpflicht
Казна за неносење маска во јавниот превоз во германската покраина Северна Рајна Вестфалија - 150 евраФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture-alliance

Неинформираност или брзање не се оправдување

„Досега носевме маски и на улица, на отворено, бидејќи беше преполно со луѓе. Овде нема никој, па затоа ги извадивме," се обидува да објасни младата девојка речиси без воздух, додека ѝ ги запишуваат личните податоци. „Каде сѐ мора да се носи маска?“, прашува момчето кое е со неа. „На пероните нема знаци кои укажуваат на тоа," додава девојката. „Од моментот кога ќе влезете во зградата на станица, па и на пероните. Ваша одговорност е да ги прочитате правилата. Не мора да стојат напишани на секој агол," вели контролорот од Германска железница. По кусата расправија младите се смируваат, покажувајќи доза на разбирање, но не им се допаѓа казната од 150 евра.

Таа веднаш им се испраќа по пошта, објаснува контролорот. Тој не носи од медицинските маски, бидејќи го стегале зад ушите. Наместо тоа има црна еластична шамија која му го покрива и вратот. Носењето маски за него е многу важно. Се чувствува посигурно кога луѓето околу него го почитуваат ова правило.

Заштитна маска како моден детал

Казните болат, но нема друго решение

Преку разгласот на станицата патниците се предупредуваат да држат растојание од еден и пол метар низ целата железничка станица. Една весела група млади само што влегува во станицата, со шишиња пиво в рака и без маски. Ова се случува речиси на секои пет минути на станицата Келн Југ. За околу половина час беа напишани 20 казни.

„Ако постојано ве контролираат, тоа ќе вроди со плод. Сигурно сега ќе бидам повнимателна. 150 евра се многу пари. Не сакам повторно да платам," вели една жена. Таа носи маска в рака, но не успеа да си ја стави кога ја забележа контролата.

„Не е поентата да се собираат парични казни, туку луѓето да се научат дека мора да носат маски. Ова не е тајна акција. Насекаде јавно зборувавме за овие мерки, па дури и преку печатот, со цел што повеќе луѓе да знаат и да носат маски," вели портпаролот Клајн.

Додека разговарам со редарите од градската Служба за јавен ред, доаѓа еден воз од кој излегуваат три млади момчиња без маска. Ги гледаат контролорите и веднаш брзо ги ставаат маските, но доцна: веднаш им се побарани лични карти и детално ги упатуваат зошто и како мора да се носат маски.

„Ја носите маската на погрешен начин, носот ви е откриен“, забележува еден од контролорите, по што младото момче веднаш ја крева маската и над носот. „Што мислите за контролата“, го прашувам додека му ги запишуваат личните податоци. Момчето пцуе и прво се расправа, а потоа вели: „Мислам дека сето ова е бесмислено. Во ресторан може да се седи без маска, а овде? Маскиве се бескорисни."

Deutschland Köln Symbolfoto Maskenpflicht
Маски мора да се носат и во возовите и во железничките станициФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture-alliance

150 прекршоци за два часа

Младите луѓе си заминуваат налутени. Контролорите се соочуваат и со многу поостри реакции. Катрин Хајмер од келнската Служба за јавен ред водела и тензични кавги: „Луѓето со право се лутат, бидејќи казната е многу висока. Можеме да разбереме такви реакции бидејќи казната боли, но тоа и е целта, оти мора да се научат. Ние даваме сѐ од себе да им го објасниме тоа”, вели таа. Во рок од два часа контролорите казниле 150 лица.

Контролорите се во служба и на други келнски станици, како и во околината. Властите се надеваат дека така ќе го сузбијат вториот бран корона. Северна Рајна Вестфалија, според податоци на Роберт Кох Институтот, има најголем број заразени од почетокот на пандемијата: 75000.

Се поздравувам со контролорите и се качувам во возот. Во него повторно дојдоа многу млади расположени лица со маски кои им висат под брада. Мене ми поминува мислата низ глава „Наскоро ќе ги фатат.”