1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде со сите маски и респиратори од коронакризата?

БГ/ ДВ
14 септември 2020

Во германските магацини се таложи медицинската опрема набавена во паника по избивањето на пандемијата. Потрошени се огромни пари, а сега опремата се подарува. На пазарот веќе нема голем интерес.

https://p.dw.com/p/3iRmZ
Coronavirus - Gesichtsmasken
Фотографија: picture-alliance/dpa/Xinhua/L. Zhen

Бетина Дикес оди низ долгиот ходник, а во раката носи купче клучеви. Откако отвори повеќе врати, пристигнува во магацинот каде во кутии се сместени 50 респиратори- неискористени. Дикес е советничка во Бад Кројцнах во близина на Франкфурт и во март порача 50 вакви уреди. Малото градче за нив плати над два милиони евра.
„Тогаш одеднаш се отвори можност за нарачка. Донесов одлука од страв од бранот на коронавирусот и врз основа на тогашните прогнози на Институтот Роберт Кох“, изјави локалната политичарка за јавниот сервис СВР. „Пред очи ми беа сликите од Италија. Сакав да спречам нешто такво да се случи и кај нас по секоја цена“.
Слично е и на други места. На почетокот на годината сојузното Министерство за здравство нарача над 26,000 респиратори, планирајќи да го удвои бројот на кревети на интензивна нега опремени со нови уреди. Но, ни постоечките капацитети не беа ни одблизу пополнети. 

- повеќе на темата: Германија донираше помош на четири болници 

Веќе околу еден месец по избувнувањето на пандемијата, приватните клиники целосно ги отстранија ткн. ковид-станици. Едноставно не им се исплатеа затоа што немаше доволно пациенти, наспроти апокалиптичните сценарија кои некои ги предвидуваа. Болниците брзо се вратија во редовен режим на работа, вршејќи ги и претходно одложените операции.

Се донираат и маски

Досега германските покраини преземаа се на се 2.000 нови респиратори, па траат преговори со производителите дел од нарачките да се откажат. Околу 200 респиратори веќе се донирани во Франција, Италија и Шпанија, а вкупно 334 на Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија.
Слично е и со маските. Поделени се 278 милиони, меѓудругите и на балканските држави. Според Министерството за здравство, до крајот на следната година во Германија ќе стигнат 4,2 милијарди хируршки маски и 1,7 милијарди маски со филтер.
Додека во март и април владееше недостаток на средства за дезинфекција и еднократни маски, цената на една маска често беше и над 1 евро. Денес маските можат да се најдат во големи пакувања за 40-ина центи за парче.
Критичарите му префрлаат на министерот за здравство Јенс Шпан дека брзоплето потрошил стотина милиони евра. Одобрувањето за тие трошоци без многу размислување го даде и министерството за финансии, иако во март и  април цените експлодираа поради глобалната побарувачка. 

Coronavirus - Jens Spahn mit Gesichtsmaske
Министерот за здравство Јенс Шпан на удар на критичарите поради набавките во коронакризатаФотографија: picture-alliance/dpa/O. Dietze

- повеќе на темата: Њујорк во трескавична потрага по медицинска опрема

„Не се купуваше премногу. Не знаевме колку лошо ќе биде“, вели пратеникот на социјалдемократите Карл Лаутербах, чија партија е дел од владината коалиција. „На одделите за интензивна нега веројатно нема да ни требаат дополнителни уреди. Но, апаратите сега се потребни во странство. Короната е заеднички меѓународен предизвик“.
Бетина Дикес сепак не може да смета на разбирањето на опозицијата во нејзиното мало градче. Дел од опозицијата во регионалниот парламент се заканува дека ќе ја тужи поради расфрлање со пари. „Работев според совеста. Не се каам“, вели таа.
Засега не сака да ги подарува респираторите од магацинот. Дали ќе може да ги продаде? Тоа делува малку веројатно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи