1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Маските дебело удрија по џебот на граѓаните

ДТЗ
2 јуни 2021

Над 3,8 милиони евра се слеале од џебот на граѓаните во државниот буџет за една година поради непочитување на мерката. Изречени се 194.117 казни.

https://p.dw.com/p/3uKfC
DW-Projekt Balkan Booster | Corona Nord-Mazedonien
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW

Граѓаните можат да здивнат – Владата ја потврди одлуката за укинување на носењето маски на отворено, откако бројот на новозаразени од Ковид-19 почна драстично да опаѓа. Но, се препорачува маска да се носи при поголеми групирања, а останува и задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.

Непочитувањето на оваа мерка како заштита од Ковид-19 скапо ги чинеше граѓаните изминатата година. Над 3,8 милиони евра се слеале од џебот на граѓаните во државниот буџет за една година поради непочитувањето на задолжителната мерка за носење маски како заштита од Ковид-19. Како што информираат од МВР за ДВ, заклучно со вчера се изречени 194.117 казни за непочитување на мерката. Паричните казни беа во висина од 20 евра, а 2.000 евра е казната којашто домашни и странски фирми ја плаќаа за необезбедување заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирус. Ова е предвидено во Уредбата којашто ja донесе Владата на 22 април, а стапи на сила од 1 мај минатата година.

-повеќе на темата: За седум месеци 128 илјади казни за неносење маски

Само од 1 мај до јануари годинава биле изречени над 128 илјади казни за неносење маска во С. Македонија. Во периодот од мај до 23 јуни, во полициската евиденција има заведено 20.327 прекршоци по однос на неносење заштитна маска. Надлежните немаат конкретен податок колку од изречените казни биле и наплатени, со оглед на тоа дека секој граѓанин поединечно ја плаќа казната. Доколку во рок од осум дена граѓанинот се одлучи да го плати прекршочниот платен налог, тогаш ја уплаќа половината од казнената сума.

Најголемиот дел од лицата коишто се казнети, се за неносење на задолжителната маска за лице кога патуваат во исто возило заедно со други лица кои не се дел од нивните семејства. Следуваат прекршоците кај оние кои не држат растојание на отворен простор и најмалку од казните се изречени за оние кои немале маски во затворен објект.

-повеќе на темата: Корона: Без маска? 150 евра казна!

Една година по носењето на мерката, маските „паднаа“. Владата ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести. Па така, почнувајќи од 1 јуни се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30% од вкупниот капацитет на посетители; се укинува забраната за групирање на јавен простор; се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса. Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина. Продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15 јуни.