1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За фалсификувани документи за вакцинација - затворски казни

ЕМФ | дпа
19 мај 2021

Сертификатите за вакцинација се барани, па и обидите за нивно фалсификување се зголемуваат. Германија ќе воведе повисоки казни за фалсификаторите, вклучително и затвор.

https://p.dw.com/p/3tZam
Deutschland | Coronavirus | Impfpass zweite Impfung AstraZeneca
Фотографија: Weber/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Колку повеќе се разлабавуваат мерките во пандемијата, толку побарани се доказите за целосна вакцинација, за прележан Ковид-19 или негативните тестови. Тие се неопходни за купување, при слободните активности, или за патување.

За користење и изработка на фалсификувани сертификати за вакцинација во Германија ќе следуваат парични, но и затворски казни. Новите правила би требало да добијат зелено светло во Бундестагот најверојатно во четврток (20 мај). 

Повеќе: Со Ковид-пасош до големата слобода, но како?

„Фалсификатите не се кавалерски деликт“, изјави за денешните изданија (19.05) на весниците од медиумската група „Функе“, сојузниот министер за здравство Јенс Шпан. Според планираното, ќе се казнува и давањето погрешни податоци како услуга некому. Тоа би требало да придонесе за поголема праведност и заштита. „Само оној кој навистина е вакциниран, оздравен или негативен (на коронавирус, н.з.) тешко може да ги зарази другите“, повторува Шпан.

Корисниците на фалсификувани документи за вакцинација, за тестирање или за прележан Ковид-19, според планираното, би се соочиле со казна затвор до една година или парична казна, а внесувањето лажни податоци би се казнувало со затвор во траење до две години или парична казна.

Повеќе: Во Германија се во оптек фалсификувани пасоши за вакцинација

Со ова би требало да се затворат „дупките“ во кривичното право, се вели во предлог текстот на кој се повикува агенцијата ДПА. Новите правила би требало да се додадат веќе во тековната парламентарна постапка на промена на Законот за заштита од инфекции.

Да се утврдат би требало и безбедносните мерки при издавањето на дигиталните докази за вакцинација, какви што се планираат во ЕУ. По правило, лекарите би ги издавале веднаш по вакцинирањето.

Deutschland Corona-Pandemie | Impfpass
За користење и изработка на фалсификувани сертификати за вакцинација во Германија ќе следуваат парични, но и затворски казниФотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Ако некој е веќе целосно вакциниран претходно, доказот за вакцинација би можел да го внесе дополнително и тоа кај лекар или во аптека. Притоа, ќе мора да приложи и документ за лична идентификација, а од страна на лекарот или аптекарот ќе му биде укажано какви консеквенции го очекуваат доколку се работи за фалсификат и лажни податоци.

„Доколку се добие впечаток дека е поднесен фалсификуван документ за вакцинација, забрането е да се дава дигитален доказ“, се вели во објаснувањата. Дигиталните докази за вакцинација кои ќе бидат издавани дополнително по правило ќе може да се добиваат „само во просторна близина“ на местото каде што е извршено вакцинирањето, значи во истата општина, истиот округ или соседните општини. Со тоа би требало да се обезбеди формата на доказот за вакцинација да им е позната на оние кои треба да издадат дигитален доказ. Но, ќе бидат дозволени и исклучоци, како на пример при преселба и промена на местото на живеење.