Со Ковид-пасош до големата слобода, но како?
18 мај 2021Низ Европа се чувствува здив на слобода, во многу места се повторно отворени терасите од рестораните. Летниот одмор би можел да биде следниот голем чекор во насока на нормалност. Според планот, ЕУ-сертификатот за вакцинација би требало да им овозможи на граѓаните на Унијата слободно и безбедно патување. Во него треба да биде внесен доказ дека лицето е вакцинирано или дека е негативно на коронавирусот, односно дека прележало Ковид-19.
Сертификатот би требало да се издава бесплатно, во форма на QR-код со дигитален потпис, со цел да се спречат фалсификати. Притоа, би требало да биде можно да се побара или дигитална верзија, или сертификат на хартија, кој ќе може да се печати онолку често колку што е потребно. Министерството за здравство во Германија нагласува дека и доказот за вакцинација кој е внесен во жолтите сертификати за вакцинирање кои се во употреба ќе остане важечки.
До каде е со техниката?
За сертификатот да може да се воведе, би морало да бидат усогласени техничките предуслови на земјите членки на ЕУ - софтверот и поврзувањето на ЕУ-земјите во систем. Тоа го координира Европската комисија, која тврди дека ќе биде готова до почетокот на јуни. Во моментов се вршат пилот-тестирања во 18 земји членки на ЕУ и во Исланд.
Попроблематични од техничките прашања се политичките одлуки, во смисла - кои слободи би требало да ги имаат лицата со ЕУ-сертификати за вакцинација. Околу тоа се водат полемики помеѓу претставниците на ЕУ-државите, на Европскиот парламент и на Европската комисија.
Парламентот за вакцинираните граѓани на ЕУ бара укинување на обврските за карантин и за тестирање при патувањето во рамки на Унијата. Аргументот гласи - во спротивно сертификат и не е потребен. Но, затворањето на границите или граничните контроли се во надлежност на владите на земјите членки на Унијата, а тие не сакаат да ги испуштат ингеренциите од свои раце доколку е неоопходно да се воведат повторно ограничувања или карантини, како на пример за патници кои доаѓаат од подрачја со опасни мутации на вирусот.
Кој ги плаќа тестовите?
Летувањето за едно четиричлено семејство би можело да биде скапо: ако родителите не се вакцинирани, тогаш сите четворица би морале да плаќаат за тестови при влез и излез од државата. Затоа ЕП предлага - тестовите да бидат бесплатни. И ваквото барање допира една од фундаменталните надлежности на земјите членки на ЕУ - буџетот. Многу влади во ЕУ не сакаат ЕП да набавува, а државите да плаќаат. Исто така спорно е и дали луѓето со сертификат, кои примиле вакцина која нема добиено дозвола од ЕУ, може да патуваат слободно на цела територија на ЕУ. Дел од членките на ЕУ тука се тргнати по свој пат: во Унгарија има ургентни дозволи за вакцината Спутник V од Русија и препаратот на кинескиот производител Синофарм. Грција сака да прима туристи кои добиле Спутник V.
Договор на крај на пандемијата?
Две преговарачки рунди помеѓу ЕП, ЕК и земјите членки на Унијата не донесоа приближување на ставовите. Денес повторно има средба на оваа тема. Времето истекува и за многу држави се во игра многу работи. Со постигнување договор Унијата би можела барем на посакуваниот крај на пандемијата да покаже единство. Германскиот државен министер за европски прашања, Михаел Рот, вели: „Треба да дадеме јасен сигнал дека напредуваме. Тоа е многу важно за летото.“ Рот додава дека постигнување согласност е и „значаен симбол“ дека ЕУ-државите се „способни за дејствување, дека се заедно“.
Политичка волја има, уверува и претседателот на надлежната комисија на ЕП, шпанскиот социјалдемократ Хуан Фернандо Лопез Агилар. Сите напори треба да бидат концентрирани на повторно воспоставување на сообраќај без пречки, „зашто без него немаме ЕУ“, вели Агилар.
Доколку преговорите со ЕП пропаднат, шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ би можеле во нужда да дејствуваат и еднострано и да донесат препорака со која ќе овозможат слободно патување ова лето.