Од 15 мај патување во Грција и за македонските туристи
22 април 2021Од 3 мај во Грција започнува постепено укинување на корона-рестрикциите и продолжување на економските и социјалните активности, во телевизиско обраќање објави премиерот Кирјакос Мицотакис. Распоредот на ублажувањата на мерките вклучува и отворање на туристичката сезона на 15 мај, истакна синоќа Мицотакис.
Пред оваа објава на Мицотакис, македонскиот министер за здравство Венко Филипче во интервју за ТВ Сител, откри под кои услови ќе биде можно патување во Грција и за македонските граѓани.
Во прв ред неопходен ќе биде сертификат за вакцинација, за што Филипче соопшти дека македонските власти веќе имаат изготвено таков документ со посебен код, според насоките на ЕУ.
Ваквиот сертификат од наредниот понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани, рече министерот.
Освен со сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат во соседната земја и со потврда за негативен ПЦР – тест што може да го направат во една од дваесетте лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство, истакна Филипче.
Повеќе:
-Грција загрижена: Туристите од регионот го „увезуваат“ коронавирусот
-Грција ја отвора туристичката сезона на 15 јуни
-Дебакл на туризмот во Грција: Се продаваат над 300 хотели
Инаку постепеното ублажување на пандемиските мерки во Грција започнува до отворање на терасите на баровите и рестораните на трети мај.
„Рестораните ќе започнат да работат на отворено на 3 мај, а полицискиот час ќе започнува од 23 часот, со задолжителни само-тестови за вработените, прописна раздалеченост помеѓу местата за седење и сите останати познати заштитни мерки“, изјави Мицотакис во телевизиското обраќање.
Ограничувањата за движење меѓу грчките региони ќе останат во сила за Велигден, кој се слави на 2-ри мај, а движења ќе бидат дозволени само од неопходни семејни или професионални причини.
Црквите ќе бидат отворени за Велигденските празници, но бројот на верници во нив ќе биде ограничен. Богослужбите ќе се одржуваат порано во текот на денот за да се почитува полицискиот час.
Учениците од основните училишта ќе се вратат во клупите до 10 мај, додека средните училишта за деца на возраст од 16 до 18 години веќе се отворени во средината на април.
„Имаме нови сојузници - вакцинација, само-тестирање то и топлото време, поради што се надеваме дека оваа невидена авантура ќе заврши наскоро“, рече Мицотакис.
Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 323.639 случаи на Ковид-19, а од болеста починаа 9.713 луѓе.