Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на шести мај имал добра причина да биде мошне задоволен од својата пропадната мисија во Македонија . Како што ја испланирал, така и ја остварил. Тоа воопшто не му било тешко бидејќи добро знаел дека му е забранет влезот во соседната земја која отсекогаш ја сметал за дел од својата заробена татковина, а македонскиот народ за неосвестени и насилно асимилирани Бугари. Тоа во секоја прилика и јавно го прокламирал загрижен за стогодишните страдања на стотици илјади обесправени македонски Бугари.
Таквите „забранети“ освестувачки мисионерски подвизи носат големи предизборни поени во Бугарија која е во конфузија и политичка криза цели две години по петте паралментарни избори да не може да состави влада. За „шеста мајка“ враќањето од граница е посакуван херојски чин кој предизвикува голема ѓурултија од Софија до Брисел. Така и овој пат десничарските народни партии и нивните пратеници во Европскиот парламент се скандализирани од постапката на македонските власти и бараат итно разјаснување за нарушените човекови и демократски права бидејќи на тоа што тие имаат право да прогласат персони нон грата, Македонија нема право. Само пред неколку дена Брисел објави дека ЕУ ќе ја примени методата на САД за забрана на влез на нејзината територија на личности кои ќе се најдат на европската црна листа. Па така тоа што му е дозволено на Јупитер не му е дозволено на волот. Во случајот латинската поговорка според десничарските европратеници волот треба да биде Македонија, а врховниот бог Андреј Ковачев.
Тешко е да се игнорираат бугарските навреди
Во некои други околности веројатно би било најдобро да се игнорираат навредите на бугарските политичари, или да се исмеваат и прикажат како пародија, но по се она што бугарската политика го прави кон Македонија не само со своите вета и блокади, туку и со понижувачките провокации на цел еден народ тешко е и за разумен човек да одбие на глупост и да остане рамнодушен.
Се она што Андреј Ковачев, Красимир Кракачанов и Екатерина Захариева со своите партиски следбеници го имаат во овие неколку години изјавено за Македонскиот народ и за Македонија нема друга цел освен да ги попречат сите обиди за воспоставување добри соседски односи меѓу двете држави. Тие очигледно се исплашени за своите кариери и опстанок во политиката ако по некое чудо Македонија и Бугарија успеат да најдат решение и преовладее разумот. Нив најмногу им пречат токму тие гласови на разум и во Македонија, но и во Бугарија има луѓе кои ја увидуваат бесмисленоста на една погубна политика.
Надежите во Бугарија по осамостојувањето на Македонија 1991 година дека Македонците ќе потрчаат во прегратките на Бугарија брзо спласнаа. Тоа беше доживеано како предавство бидејќи очекувањата, потпрени на повеќевековни заблуди, беа дека по признавањето на државата нема пречки Македонците да се вратат на своите бугарски корени.
Долги години Бугарија молчеше убедена дека Македонија и Грција никогаш нема да го решат нерешливиот проблем. Кога тоа се случи ја извадија бугарската фактура која прво послужи за внатрешни потреби, но кога бугарските политичари открија дека тоа носи добри поени во јавноста во своите ултиматуми ги надминаа и Грците.
Стравот на бугарските политичари
Андреј Ковачев стана еден од јастребите во владата на ГЕРБ кој својата политичка кариера почна да ја гради со негирањето на македонскиот национален идентитет и јазик. Тоа му стана влезница да биде избран во Европскиот парламент каде што незаобиколна тема му беа провокациите кон Македонија. Ќе остане во колективното памтење на граѓаните на Македонија барем една од неговите најтешки навреди дека мнозинството луѓе кои живееле во географската област на Македонија се Бугари. Дури по 1944 година насилно и со измачувања и со силна антибугарска пропаганда се изјасниле како етнички Македонци, но ги задржале своите бугарски корени, па затоа над 120.000 „освестени“ Македонци земале бугарско државјанство прифаќајќи дека имаат бугарско потекло.
Стравот кај бугарските политичари е токму во тој коруптивен зафат на лесно издавање за пари бугарски пасоши кои граѓаните на Македонија ги земаа во најголем број од егзистенцијални причини да можат да работат во западно европските земји, Америка и Австралија. Влезот на Македонија во ЕУ преку ноќ ќе ги избрише тие лажни корени бидејќи никаде во светот не постои создавање на национална свест со нечија одлука. Тоа се долготрајни историски процеси низ кои поминал како и сите други и македонскиот народ.
Апсурдноста на вревата од забраната на влезот на Андреј Ковачев во Македонија што ја прават европските десничарски параламентарци заедно со еврокомесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји во суштина се на страната на опозицијата во Македонија, иако пак таа предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е најсилната брана да не се донесат уставните промени кои ќе означат влез на македонските Бугари во Уставот и продолжување на преговорите со ЕУ.
Несфатливи се тие двојни аршини на сестринските народни партии на ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна притискаат да се донесат уставните промени за кои притсоци во ВМРО-ДПМНЕ кога доаѓаат од нивните сестрински парии, дури кога се физички присутни на тие седници ниту збор не изустуваат на спротивставување. Обично таму претпочитаат да молчат, а од друга страна на домашната полкитичка сцена билдаат поени во јавноста со својот цврст став против влезот на Бугарите во Уставот.
И сега по забраната на Ковачев да влезе во Македонија молчат лажните патриоти и бранители на македонските национални интереси. Нема ни збор за поддршка за што повеќепати јавно се залагаа да им се забрани влезот на бугарските провокатори. Доколку пак Ковачев влезеше во Македонија и ги повтореше јавно своите добро познати ставови ќе одекнеа вмровските камбани на сите страни.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.