Ковачев и другите синови на немото доба
26 септември 2020Целата ситуација е малку повеќе надреална ако се гледа од европски видиковец: еден познат и признат пратеник во Европскиот парламент жестоко реагира со пишан одговор на текст на еден новинар објавен во влијателен медиум, во кој се анализираат односите меѓу две соседни земји. Тоа би било неможно ако слична ситуација би била во Германија, Шпанија, Португалија, Франција или Холандија, но, ете, можно е на Балканот. А особено е можно ако новинарот е од земја која е кандидат за член на ЕУ, додека европратеникот ја има дури и високата функција на потпретседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Искрено,реакцијата на пратеникот во Европскиот парламент, Андреј Ковачев, кој доаѓа од редовите на владејачката партија ГЕРБ во Бугарија, беше изненадувачка за мене по објавувањето на текстот „Бугарската спирала кон дното“ во Дојче веле и во кој се анализираат настаните околу барањата на Софија што треба да ги исполни Скопје за да може да ги почне преговорите со ЕУ и особено неговите тврдења дека „АСНОМ е еден од столбовите на антибугарството“.
Би било илузорно со господинот Ковачев сега да полемизираме за она во што тој верува дека е апсолутна вистина - дека македонската историографија била ревизонистичка, дека таа го извртувала фактот оти Македонците биле Бугари и дека сето она што е напишано во бугарските историски книги е вистина. Тоа апсолутно нема да доведе до никаде, како што нема да доведе до никаде и ставање под преса на македонско-бугарската историска комисија да донесе во најкус рок историски заклучоци кои ќе ѝ го осветлат патот на политиката од обете страни на границата. Господинот Ковачев би требало да знае дека на Германија и Франција им требаа 80 години да го издадат заедничкиот историски учебник, откако се роди првата идеја. И дека историската наука не работи со часовник како да се игра шах и да влезе во страшно брзање за да не падне знаменцето. Македонско-бугарската историска комисија беше поставена на пистата како да ќе треба да трча 100 метри и во тие „10 секунди“ како со самовилско историско стапче да ги разреши сто или двесте-годишните напластени митови. Како и господинот Ковачев, од обете страни на границата има многу синови на немото доба, кои колку повеќе зборуваат, толку помалку вистински гласови испуштаат.
Идеолошка исклучивост
Надвор од познатите ставови на господинот Ковачев за бугарското потекло и на Македонците и на македонскиот јазик, вчудоневидува неговиот жесток идеолошки пристап на исклучивост – антикомунистичкото пледоаје се покажува како историска точност. Веројатно господинот Ковачев знае за онаа позната реченица на Вацлав Хавел дека „полоши од комунистите се само антикомунистите“. И веројатно господинот Ковачев знае дека Хавел одлежа години и години затвор во комунистичките години на Чехословачка, борејќи се против режимот кој му нанесе толку злодела на сопствениот народ, па сепак филозофски знаеше да ги оцени оцени опасностите од овие две крајни идеологии.
Кога тој вели: „Не надевајте се, во Бугарија никогаш повеќе нема да најдете таков предавник како Георги Димитров за да ја заврши оваа работа за вас“ и уште: „Во Бугарија, комунистичкиот режим беше прогласен за криминален со закон од 2000 година“, работите не се еднонасочни како што сака да ги претстави. Во Бугарија навистина може Георги Димитров од многумина да се перцепира како „предавник“ околу „македонското прашање“ – поради договорот моштите на Гоце Делчев да се пренесат од Софија во Скопје или поради тоа што на жителите на Пиринска Македонија им овозможи да се изјаснуваат дека се Македонци, ако навистина се чувствуваат така, и го призна македонскиот јазик. Можеби го сметаат за „предавник“ затоа што со Бледскиот договор со Тито во 1947 година успеа да издејствува Југославија да ѝ ги прости на Бугарија воените репарации што требаше да ги плати. Тоа е веќе работа на бугарското општество и тоа има најголемо право да се занимава со улогата на неговите историски личности. Но, без оглед што бил комунист, во Европа, а и во другите западни демократии, Георги Димитров е најмногу познат по неговата храбра одбрана на Лајпцишкиот процес во 1933 година во кој беше обвинет од нацистичкиот режим дека учествувал во палењето на Рајхстагот. Димитров, без оглед што бил комунист, веројатно е единствениот што успеа да ги победи нацистичките обвинители (пред сите, Херман Геринг) бранејќи се сам на толку голем процес за најпосле да биде ослободен.
Други колумни од авторот:
Последниот претседател на ВМРО?
Универзални грешки – или како до нова концертна сала
Тоа најмногу го памети европската историографија. Но ако господинот Ковачев толку сака да зборува за комунистичките злодела, во Македонија и во Бугарија, не би требало да му биде непознато дека од доаѓањето на Тодор Живков на власт во 1956. година Комунистичката партија категорично отфрла дека постои македонска нација и македонски јазик. И дека официјално се востановува тврдењето оти македонскиот јазик е народен јазик, дијалект од западните бугарски наречја, кодифициран во 1945. година. И уште дека македонската нација е создадена врз антибугарска основа.
Господинот Ковачев би требало да знае дека таканаречениот „јазичен спор“ добива на свој интензитет во 1966. година кога претседателот на Сојузот на бугарските писатели, Георги Џагаров, одбива да го потпише договорот за соработка со Друштвото на писателите на Македонија составен и на македонски јазик. Господинот Ковачев би можело да се распраша кај бугарските слависти (оние што сѐ уште се живи) што се случи на Славистичкиот конгрес две години подоцна, во 1968. година во Прага, за време на Прашката пролет. На тој конгрес со околу 800 делегати слависти бугарските претставници биле толку гласни во негодувањето кога зборувале македонските слависти, што од президиумот на конгресот добиле опомена дека ќе бидат остранети од него ако продолжат со таквото неакадемско однесување.
Овие детали од минатото можеби не би биле важни сега, кога е поважна иднината, ако господинот Ковачев во неговото идеолошко крстоноство не напоменува дека коуминистичкиот режим во Бугарија бил прогласен за криминален во 2000. година. Но политиката кон македонската нација и македонскиот јазик, која ја конципираше Тодор Живков во времето на неговата најголема моќ, не е „криминална“, туку е историски исправна. Ако е така, ако може да се земаат одредени парчиња од комунистичкото време, за кои многумина во Бугарија сметаат дека се исправни, тогаш од каде му право на господинот Ковачев да го нарекува Лазар Колишевски „локален про-српски ориентиран слуга“. Или, пак, дека Павел Шатев и Панко Брашнаров биле отстранети поради нивната „бугарштина“. Македонската историографија има направено многу истражувања и го оцени нивното вистинско место, па нема потреба еден европратеник (што значи, политичар) да дели историски лекции на историчари во друга држава. Како што немаат право ни македонските политичари да ги оценуваат историските настани и личности во Бугарија.
Прилично е несоодветно еден пратеник во жолчен одговор да обвинува еден новинар за „историски манипулации“. Или тоа произлегува од желбата да се запрат сите поинакви наративи, освен оној за кој господинот Ковачев мисли дека е единствениот исправен и историски точен.
Чиј подарок е „администрирањето“
Во таа смисла е и тврдењето на господинот Ковачев дека територијата на сегашна Република Северна Македонија ѝ била „дадена на привремената администрација на бугарската држава“. Од кого тогашната бугарска влада ја добила дозволата да ја администрира територијата на сегашна Македонија? Господинот Ковачев, како и многу други, не сакаат да споменат дека „администрирањето“ ѝ било дадено од нацистичкиот режим на Адолф Хитлер. Секој треба да се соочи со минатото, без оглед какво е. Па така и Бугарија и Македонија. Не би требало да веруваме дека господинот Ковачев не знае зошто Хитлер ѝ дозволи на Бугарија да „администрира“ со Македонија и еден дел од јужна Србија. Затоа што во март 1941. година царот Борис Трети им се приклучи на силите на Оската (како што тоа го направи тогашната влада на Југославија, но мораше по жестоките протести да се откаже од договорот по само неколку дена, по што следеше нападот и окупацијата на 6 април 1941. година). Но Бугарија остана во Оската и за тоа како награда ги доби на „администрирање“ Македонија и огромен дел од Тракија (северна Грција) со излез на Егејско Море.
Тој дел од историјата не може да се промени, за жал на сите. Како што не може да се промени една од одлуките на Потсдамската конференција од летото 1945. година дека Бугарија треба да ѝ плати воени репарации на Југославија во вредност од 25 милиони долари (во сегашна вредност од 360 милиони долари), а на Грција 50 милиони долари. За што? Затоа што „администрирањето“, како што вели господин Ковачев, „беше пречекано со голема радост од страна на локалното бугарско население, како ослободување од српската окупација“. Не ќе да е така. Воени репарации не се плаќаат за радост на улиците. Но Тито ѝ ги прости тие воени репарации на Бугарија поради други тогаш актуелни политички проекти, кои брзо колабираа, но одлуката за простувањето остана.
Со историјата никој во политиката не треба да се занимава премногу, затоа што таа крие работи кои може да се вратат како несакани подароци. Што требаше да направи Германија кога Чешка и Словачка требаше да влезат во ЕУ? Да бараат Прага да се извини и да ја прифати историската одговорност по Втората светска војна што протера речиси два милиони Судетски Германци, а при тоа, во тој погром беа убиени или умреа околу 150.000 невини луѓе, а нивните наследници не може да си ги повратат имотите. Германија тогаш мислеше на поголемата слика, на развојот на демократијата и новата европска архитектура, а не се занимаваше со условување, носејќи го на својот грб чувството на огромна вина.
Затоа, ова е идеалната можност двата блиски соседи, Македонија и Бугарија, да направат нешто повеќе и оној период што има испреплетена историја да го направат отскочна штица на взаемен економски и демократски растеж. А не со услови кои изгледаат не само нелогични туку и неприродни во 2020. година, да оддалечат два народи по што ќе биде неверојатно тешко да се изградат нови мостови. Основната грешка што се прави во Софија е дека многу луѓе во Бугарија не знаат што вистински се случува во Македонија, по каков пат тргнало нејзиното население и македонскиот народ во последните сто години. Очигледно дека таму не можат до крај да разберат каква можност имаа Македонците, особено по Втората светска војна, заеднички и рамноправно со уште пет други народи да учествуваат во изградбата на една федерација, без оглед што тоа било во еден социјализам, иако многу помек од она што се случуваше во Бугарија. Тоа ништо не може да го промени, па макар имало и сто меморандуми. Само треба повеќе разбирање и трезвено соочување со митовите. Секако, од обете страни на границата.
И да го цитирам уште еднаш Вацлав Хавел: „Не можете да го поминете целиот свој живот критикувајќи нешто, а потоа, кога имате можност да го направите тоа подобро, да одбиете да му се приближите“.