1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски за ФАЦ: Груевски и Владата имаат „валкан дил“

ЖА / ФАЦ
19 септември 2023

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го обвини неговиот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.

https://p.dw.com/p/4WZ0I
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Под наслов „Постојано нови барања за Северна Македонија“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" донесува подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ. 

„Проширувањето на ЕУ повторно може да се ‘сопне' на вето, зашто  Бугарија ја блокира Северна Македонија.  Шефот на опозицијата во Скопје се жали дека Софија систематски ја минира македонската државност“, пишува весникот, потсетувајќи на бројните перипетии со кои е проследен македонскиот евроинтегративен пат.

„На случајот на Северна Македонија идните недели би можело да се види дека европската политика на проширување и натаму е заглавена во ќорсокак. Земјата се наоѓа кратко пред повторна блокада на нејзиниот пат кон ЕУ, и тоа на непредвидливо време...

Земјата направи многу за да почне пристапни преговори, на барање на Грција го промени името во 2018 година и од Македонија стана Северна Македонија. Сега владата во Скопје е подготвена да се повини и на бугарското барање за влез во уставот на бугарското малцинство, но за уставни измени фали неопходното двотретинско мнозинство,“ пишува ФАЦ.  

Мицкоски: Кој ни гарантира дека ова е последно барање на Бугарија? 

„А со тоа пак ништо нема да се промени", го цитира ФАЦ лидерот на македонската опозиција и како што вели, можен иден премиер, Христијан Мицкоски во интервјуто за весникот, продолжувајќи:

„Неговата конзервативна партија ВМРО ДПМНЕ, која со месеци има јасна предност во сите анкети, е спремна дури и на поддршка на бугарското барање, но под еден услов. Мицкоски предлага ‘условена уставна измена', која би била донесена, но на сила би стапила на денот кога Северна Македонија ќе пристапи кон Европската унија: ‘Немаме ништо против Бугарите да бидат споменати во Преамбулата на нашиот Устав. Но,  кој ни гарантира дека тоа е последното барање од Бугарија?',  прашува Мицкоски, отсликувајќи го не само темелниот дефицит на доверба кој во меѓувреме владее во однос на Бугарија, туку и кон ЕУ во целина,“ пишува ФАЦ.

Христијан Мицкоски
Мицкоски предлага „условена уставна измена“, која на сила би стапила на денот кога Северна Македонија ќе пристапи кон Европската унијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Преку овој компромисен предлог може да се надмине меѓусебната недоверба, се вели од конзервативната опозиција. Без ваква временски пролонгирана уставна измена, Бугарија само би ги злоупотребувала ЕУ-пристапните преговори за на Северна Македонија да ѝ поставува постојано нови ултиматуми и да се заканува со вето. 

Пристапните преговори траат многу години, можни се блокади на многу места – а Бугарија не држи воопшто во тајност дека ќе има натамошни барања. 

Факт е навистина дека  бугарскиот претседател Румен Радев,  како и националисти во Софија одамна покренуваат дополнителни барања: Северна Македонија мора да ‘признае' дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот и е само негов дијалект. Скопје мора да ‘признае' дека Македонците се огранок на бугарскиот народ или барем дека се развиле од него. Мора да ‘признае' дека Македонците и Бугарите имаат ‘заедничка' или ‘поделена' историја.

Не смее исто така да се тврди дека бугарската окупација во Втората светска војна била окупација – така гласат некои од овие очекувања. Се бара дури и промена на натписите во музеите и на спомениците. Софија сака во соседната земја да воведе задолжителен државен наратив или да пропише широка лепеза на дозволени интерпретации, па дури и да изврши влијание врз пишувањето на македонските учебници“, пишува весникот ФАЦ. 

„Бугарските барања се многу поекстремни од грчките“ 

„Вакви нешта не бараат само десно радикалните Бугари. Помислата на Северна Македонија да ѝ се постават идентитетско политички прописи стигнува дури до средината на бугарското општество. Крајно, истакнува лидерот на опозицијата Мицкоски, бугарските барања до Северна Македонија се поекстремни отколку што беа грчките било кога. Бугарската политика оди дури дотаму Македонците да треба да го негираат нивниот идентитет“, пишува ФАЦ. 

Но, како што наведува германскиот весник: во Бугарија веќе се подготвуваат следните нови конкретни барања. Во Софија се тврди дека во реалноста во Северна Македонија нема само 3.500 Бугари, според пописот, туку 80.000 Бугари. Имено, толку македонски државјани во изминатите години побарале бугарски пасош. Тоа што најголем дел од барателите на пасоши тоа го направиле првенствено затоа што со пасош на членката на ЕУ, Бугарија, можат да живеат или работат во сите земји-членки, во Софија не го признаваат. 

Пасошот се гледа како изјаснување за бугарски идентитет.  Македонците кои поседуваат бугарски пасоши  уверуваат дека и натаму се сметаат за Македонци и дека нивната одлука за двојно државјанство има практични причини, но во Софија се тврди спротивното.

Мицкоски вели дека ова е дел од стратегијата за систематско минирање на македонската државност. Следно, смета тој, ќе биде барање на Бугарија  преку издавањето на пасоши  конструираното бугарско малцинство во Северна Македонија да мора да добие и свои јавни обвинители, судии, училишта, како и пропишани етнички квоти во Парламентот, полицијата, армијата и државната администрација согласно со уделот во вкупното население. Во спротивно, ќе се закани повторно со бугарско вето против македонските ЕУ-пристапни преговори.

‘Бугарските политичари го негираат нашиот идентитет. Велат дека ние сме ‘создадени' дури по Втората светска војна, а претходно сме биле Бугари“, ја сублимира Мицкоски својата критика на бугарската политика во весникот ФАЦ, весниокот во натамошниот тек констатира: 

„Но, да дозволат да се предифинираат како Бугари само поради желбата за ЕУ не одбиваат само македонските конзервативци. 

И припадници на владејачката социјалдемократска коалиција не сакаат да бидат Бугари. Македонските Албанци кои сочинуваат околу 24 проценти од населението, секако не. Но, тие не сакаат ни поради идентитетско политичка кавга, која не ги интересира, да бидат спречени во својата западна интеграција.

Димитар Ковачевски, парламент, Северна Македонија
За да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови, обвинува МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Мицкоски ја обвинува и владата во Скопје. Неговата партија ѝ понудила своја поддршка во преговорите со Бугарија на коалицијата на премиерот Димитар Ковачевски, но таа била одбиена. Потоа тој предупредил да не се прифаќа францускиот предлог: ‘Ние јасно кажавме дека нема да има двотретинско мнозинство за него. Кажавме: не преземајте обврски кои не можете да ги исполните'. Но, се случи спротивно. ‘Сега постои договор во чие настанување ние, како несомнено најсилна политичка сила во земјата, не учествуваме – и сакаат да нѐ убедат дека сепак мораме да се согласиме, зашто инаку сме против ЕУ', вели Мицкоски. Тој укажува дека неговата земја стреми кон прием во ЕУ и се придржува на санкциите против Русија: ‘Јас бев првиот политичар во оваа земја кој на рускиот амбасадор му кажа дека го осудува рускиот напад врз Украина, дека во 21 век во Европа не може да биде доведен во прашање територијалниот интегритет на една суверена држава. Руската агресија против Украина е во спротивност со сето тоа.'

Македонците многу добро можат да се соживеат со положбата на Украинците, вели Мицкоски: ‘Русите ги негираат украинскиот идентитет и јазик, како Бугарите нашиот.'

„Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата“, тврди Мицкоски

За да издејствува уставни измени,  владата подготвува валкани дилови,  тврди Мицкоски. Таа планира да му вети кривична неказнивост на во Унгарија побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот. 

Никола Груевски
Груевски и Владата подготвуваат „валкан дил“, тврди МицкоскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Груевски, ултраконзервативниот претходник на Мицкоски на чело на партијата ВМРО, кој го симпатизираше Трамп, е обвинет и против него се водат повеќе кривични постапки за злоупотреба на службената положба, но ѝ избега на правдата во 2018 година и се засолни кај неговиот сојузник Виктор Орбан, кој му одобри политички азил.

Неодамна македонската влада во Парламентот по итна постапка ги намали казните и роковите за  застарување на кривични дела за Груевски и други сторители.  

‘Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата', тврди Мицкоски.  ‘Владата верува дека може да ја подели нашата партија.'  Но, тоа нема да успее, уверен е шефот на опозицијата. ‘Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања'. На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот," пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема