1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени ја свртеа Македонија во десно

19 август 2023

Бугарските провокации се само дел од причините за острото вртење на десно во политичкиот курс. Македонија е на добар пат да влезе во уште една криза чиј епилог засега никој не може да го предвиди. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4VL3z
Протести Македонија
Протести против францускиот предлог во Скопје. 12.07.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Денот „Д” во македонскиот парламент дојде и помина, а клучните прашања останаа неодговорени. 70 -те гласа на стартот на расправата го потврдија она на што предупредуваа аналитичарите и политичките набљудувачи- дека Владата нема да ја добие поддршката од парламентот за уставните измени. Велиме - клучните прашања останаа неодговорени-  затоа што опозицијата од каде треба да дојдат преостанатите гласови до двотретинско мнозинство се воздржа од жестоки говори, но молкот прозвуче посилно од обраќање на говорницата. Од оваа тактика може да се препознае нивната увереност дека не им се потребни огнени противења во парламентот кога веќе целосно го имаат освоено теренот надвор. 

Жестината пак со која Ковачевски му се обрати на парламентот и подоцнежната прес-конференција покажаа дека Владата ќе продолжи да бара поддршка за уставните измени. Но дали ќе се одважи да влезе во процес на гласање во парламентот кое ако заврши со фијаско може да ја изложи на ризик од предвремени избори, засега може само да претпоставуваме. 

Причината за владината несигурност е драстично сменетиот амбиент во државата, бидејќи по прифаќањето на францускиот предлог и преговарачката рамка во парламентот, граѓанското незадоволство ја турна Македонија драматично кон десно. Одбраната на националните интереси наеднаш стана тема број еден во државата. Се случува феномен кој досега не е виден во нашата држава ниту во моментите кога се преговараше Рамковниот договор по судирот во 2001 година, ниту во периодот кога се склучуваше Преспанскиот договор.

Ситуацијата се движи во обратен процес од посакуваниот. Наместо да се создаде консензус за уставните измени, полека се создава и зацврстува консензус против уставните измени. Центарот на тој консензус е опозициската ВМРО-ДПМНЕ-  некогашна пробугарска партија од чии редови излегоа многу македонски граѓани кои сега се декларираат како освестени Бугари. Станува евидентно дека централно-левичарската коалиција на премиерот Димитар Ковачевски е ставена во ќош и не може да го менаџира процесот на донесување на уставните измени и исполнување на преземената обврска од преговарачката рамка.  

Бугарски провокации  

Има многу причини за оваа состојба, но ќе се задржиме на најважните. На прво место се бугарските провокации кои не престануваат од денот кога Северна Македонија ја усвои, под бугарски и меѓународен притисок, преговарачката рамка за евроинтеграцискиот процес. Првата и најголема провокација несомнено беше Декларацијата против македонскиот јазик што Софија ја поднесе до ЕУ во миговите кога во Брисел се одржуваше првата меѓувладина конференција меѓу Унијата и Македонија  - чин со кој требаше Скопје и Софија да ги закопаат секирите и да свртат нова страница во односите. Во Декларацијата се вели дека создавањето на македонски јазик е врз основа на бугарскиот литературен јазик и дека „секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални документи и изјави на ЕУ не треба да се толкува како признавање на македонскиот јазик од страна на Република Бугарија“. Јавноста во Македонија тоа го доживеа како навреда и добро смислен удар на денот кога ЕУ го славеше отстранувањето на бугарското вето кон Македонија. 

Румен Радев БУгарија
Румен Радев предизвикувачки порача дека Македонија треба да ги внесе во Уставот „сонародниците на Гоце Делчев“Фотографија: BGNES

Потоа следеше драмата околу Христијан Пендиков, и серијата чекори на бугарскиот државен врв кој испрати авион да го „евакуира“ бидејќи според официјална Софија бил предмет на омраза поради неговата „бугарска самосвест“. Драмата заврши со церемонијално врачување на бугарско државјанство на охриѓанецот и „цистерна“ пролеани солзи од раководството на Бугарија за неговото малтретирање во Македонија. Бугарија не престана да ги навредува чувствата на македонскиот народ упорно давајќи имиња на бугарските културни клубови (https://shorturl.at/fijnS ) во Македонија на контроверзни личности кои имале негативна улога во нашата историја како што се Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети. Истовремено претседателот Румен Радев предизвикувачки порача и дека нашата држава треба да ги внесе во Уставот „сонародниците на Гоце Делчев“ претставувајќи го македонскиот великан како Бугарин. 

Овие и некои други провокации предизвикаа радикализација и на македонска страна со реторика против Бугарија но и против меѓународната заедница која посредуваше меѓу Скопје и Софија за пеглање на разликите. 

Но бугарските провокации се само дел од причините за острото вртење на десно во домашниот политички курс. Другата причина е што меѓународната заедница не застана цврсто зад Македонија по прифаќањето на Преспанскиот договор. Незадоволството кое тлееше по промената на името, еруптира во отворен национализам по бугарското барање за уставните измени, и увереност дека големите сили кои ги прифатија бугарските аргументи си поигруваат со националните чувства на македонскиот народ. 

Амбиентот се усложнува 

Страстите дополнително ги вжешти и изјавата на Ковачевски дека против уставните измени се платени руски ботови, аналитичари и некои политичари  што уште повеќе го усложни амбиентот и го разгоре отпорот против уставните измени додавајќи уште повеќе гориво на запаливата реторика. Нервозата на премиерот се преслика и на теренот до таа мера што во моментов е јасно дека консензусот за уставните измени е недостижен не само во парламентот туку и надвор на политичкиот терен. 

Христијан Мицкоски
Движењето на државата в десно ги храни амбициите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. фото: Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тоа како да ја затече меѓународната заедница, па за разлика од референдумот за Преспанскиот договор во 2018 кога дојдоа политички фигури од најголем европски габарит како канцеларката Ангела Меркел тогашната германска  министерка за одбрана Урсула фон дер Лајениталијанската шефица на одбраната, австрискиот премиер, министрите за надворешни работи на Луксембург и Холандија, а од САД секретарот за одбрана и помошник државниот секретар за европски прашања, сега тоа не е случај.

На прашањето дали е можна посета на неговиот француски колега Емануел Макрон на Скопје, пред евентуалното гласање за уставните измени, македонскиот претседател Стево Пендаровски одговори дека тој би дошол само „ако постојат извесни шанси за успех“. 

Но не е тешко да се претпостави дека телефоните на американската и на европските метрополи се во интензивна комуникација со своите амбасади во Скопје во обид да испитаат дали е возможно да дојде до промена на климата. Проблемот е што според анкетите дури 80 проценти од Македонците се против промената на Уставот со цел внесување на Бугарите, а на политичкиот терен освен што се против 89 проценти од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ висок е тој процент и во кампот на владејачката СДСМ - 59 проценти. 

Тоа му остава премал маневарски простор на Ковачевски и го прави сигурен губитник на изборите кога и да се случат. Истовремено движењето на државата в десно ги храни амбициите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која анкетите веќе ја посочуваат како победник на идните избори. Оваа конзервативна партија во минатото имаше сосема мал или никаков придонес во надворешното позиционирање на државата и остварувањето на двата стратегиски интереси - членство во ЕУ и НАТО, па оттука уште отсега може да се доведе во прашање нивното управување со Преговарачката рамка во контекст на ветувањето дека ќе ја сменат, што според сите најави е невозможно.

Македонија е на добар пат да влезе во уште една криза со епилог кој засега никој не може да го предвиди. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи