Македонија во фокусот на разговорите меѓу Радев и Сарацин
5 јули 2023За да биде одржлива, европската интеграција на Република Северна Македонија треба да се заснова врз исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ, е пораката која што ја испрати бугарскиот шеф на државата, Румен Радев, на средбата со Мануел Сарацин, специјалниот претставник на Германија за земјите на Западен Балкан.
Според Радев, вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е предуслов за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, но не е единствениот. Тој вели дека составен дел од европската одлука донесена во јули 2022 година за Процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ беше имплементација на договорите во билатералните протоколи од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
„Тоа веќе не се отворени прашања за двете земји, туку прашања поврзани со односите на Скопје со ЕУ“, порачал Радев.
Заеднички интерес
Како што се наведува во соопштението на кабинетот на бугарскиот претседател, на средбата во вторникот (04.07), Румен истакнал дека во заеднички интерес е што поскоро да се постигне вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ, како и да се направат сериозни напори за искоренување на говорот на омраза во земјата против Бугарите и Бугарија, вклучително и од содржината на учебниците, јавните медиуми, државните и научните институции.
„Само на тој начин може да се изградат односи на пријателство и добрососедство во регионот и Северна Македонија да напредува во процесот на европска интеграција“, дециден е Радев, кој смета дека Бугарија и Република Северна Македонија споделуваат вековна заедничка историја, култура и традиции.
Румен Радев смета дека и покрај активната политика на инсистирање на европските земји, политичарите и институциите за забрзан пристап на Северна Македонија во ЕУ, изминатата година македонските власти не покажале вистинска политичка волја за исполнување на критериумите за членство, што не може да биде одржливо решение на патот на европската интеграција.
„За жал, говорот на омраза во Северна Македонија е зголемен, видовме физичко насилство врз граѓани со бугарски идентитет, пукање и палење на бугарски културни клубови, а нема ефективни казни за сторителите“, посочил Радев на средбата со Сарацин.