1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трајанов ги носи измените на КЗ пред Уставниот суд

19 септември 2023

Се надевам дека Уставниот суд ќе донесе времена мерка со која ќе ја одложи примената на измените на КЗ, вели Трајанов. Во јавноста продолжуваат шпекулациите околу мотивите за законските измени.

https://p.dw.com/p/4WX4D
Зградата на Уставниот суд во Северна Македонија
Уставниот суд треба да расправа за Кривичниот закон, смета Павле ТрајановФотографија: Petr Stojanovski /DW

Пратеникот и претседател на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, до Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за измена и дополнување на Кривичниот законик.

„Се надевам дека Уставниот суд ќе донесе времена мерка со која ќе ја одложи примената на измените на Кривичниот законик до неговата одлука“, вели Трајанов.

Предмет на иницијативата се измените на членовите од Кривичниот закон кои донесоа намалени казни за различни облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и сите други спорни измени кои беа усвоени експресно, без дебата и со европско знаменце, а кои водат кон застарување на предметите, односно на пат кон неказнивост.

Тајни средби

Овие прашања буквално го окупираа јавниот простор, а политичарите низ разни изјави открија и сегменти кои дополнително ги вжештија шпекулациите за мотивите за законските измени.

Последен во низата кој ја разгоре дебатата е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако во интервју за ТВ 21 рече дека изминативе години имало тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик.

„Три години е разговарано, дебатирано со опозицијата и во тоа време преземавме заедничка иницијатива ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се укине стариот законик“, изјави Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за ТВ 21 рече дека изминативе години имало тајни средби во врска со измените на Кривичниот законикФотографија: Petr Stojanovski/DW

Првично со тоа не се согласил Зоран Заев, а кога потоа бил постигнат договор со СДСМ, се повлекол Христијан Мицкоски и тоа било големо изненадување. Според Ахмети, имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на тој Законик, на кои имало и работни групи.

„Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до момент кога се согласивме сите, и на крај се повлече ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ахмети.

Поранешниот премиер Зоран Заев ги демантира ваквите тврдења.

„Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина“, вели Заев за ТВ 24.

Зоран Заев Али Ахмети
Поранешниот премиер Зоран Заев (д.) демантира дека имал тајни средбо со Ахмети (л.) и ГруевскиФотографија: Fatos Musliu/DW

Демантира и Груевски

Демантира и Груевски на Фејсбук, тврдејќи дека немало никакви тајни средби за членот 353 на кои учествувал тој.

„Членот 353 како несоодветен на кривичното законодавство во ЕУ е споменуван неколку пати на маргините на други состаноци организирани за правни прашања на различни нивоа до 2018 година, но никогаш не се влезе во некоја фаза на реализација, бидејќи во тоа време приоритет на власта беше што посилен да е политичкиот прогон, а не усогласување на законодатвстото со ЕУ, особено ако тоа може да им попречи во злосторничките намери на Зоран Заев“, напиша Никола Груевски.

За периодот потоа, експремиерот нема информации.

„За средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало ‘пред 3-4 години’ како што наведе Али Ахмети во неговото интервју, не можам да се произнесам бидејќи во тој период јас не сум во Македонија, а по моето заминување од Македонија новото раководство целосно ме екскомуницираше и немам никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки, освен од медиумите“, напиша Груевски.

Тој го повика и шефот на државата Стево Пендаровски, кој изјави дека некои лица разговарале со него за амнестија на Груевски, јавно да соопшти кој го барал тоа.

„Ако тоа се случи, и ако тоа воопшто било така, потоа споменатите лица би ги замолил јавно да кажат и покажат дали е тоа точно и доколку е точно дали јас сум побарал од нив да бараат амнестија за мене кај Пендаровски“, напиша Груевски. 

Засега нема одговор кој побарал такво нешто, а од Кабинетот на претседателот објаснија дека тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски биле упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари.

Во секоја „манџа“

И покрај неговите деманти, Груевски останува централната фигура околу која се вртат наративите поврзани со мотивацијата за намалувањето на казните со измените на КЗ. Поранешниот функционер на ДУИ, Изет Меџити, кој по несогласувањата со партиското раководство во август ја формираше партијата Демократско движење, го праша министерот за надворешни работи Бујар Османи дали се сретнал со Никола Груевски во Будимпешта.

„Јавно прашање за Бујар Османи: дали беше на службена или приватна посета во Будимпешта кога се сретна со Никола Груевски“, праша Меџити.

Минатата недела претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, праша: „Дали имало тајна средба во Општина Сарај помеѓу Ахмети, Блерим Беџети и Сашо Мијалков за усогласување на измените на Кривичниот законик? Која е улогата на Мијалков во овие измени“, праша Гаши.

Toj рече и дека партијата има информации оти владина делегација била во Будимпешта и заедно со Груевски ги разгледувале предметите во кои тој е обвинет и осуден во отсуство.

„По изгласувањето на Кривичниот законик јас се срамам што сум пратеник“, рече Гаши, според кого обидите за амнестија на Груевски имаат и уште една цел - да ослаби друга партија, а партијата на власт да ги добие изборите.

Додека фрчат прашања и деманти, јавноста е збунета и се прашува што е целта на сето ова? Мала анкета меѓу граѓаните открива дека им е тешко да ги состават пазлите во овој мозаик.

„Мене веќе ништо не ми е јасно“, вели скопјанката Л.Д.(49).

„Како може најпознатиот наш бегалец од правдата, да има влијание врз измени во Кривичен законик, со кој се намалуваат одредени казни? Ако е тоа точно, повеќе нема што да се коментира за правда во Македонија, а уште помалку за доверба во партиите. Не знам дали може да биде случајност тоа што името на Груевски е вплеткано во сите манџи“, вели таа.

„Мене сѐ ми е јасно“, шеговито реплицира нејзиниот сопруг.

„Каде што има интерес, не важат ограничувања и морални дилеми. Со секого ќе седнат да разговараат ако очекуваат придобивка од тоа“, вели тој.

Меѓу помладите генерации нема интерес да коментираат за овие прашања. Еден од почестите одговори е „не ги слушам“, „не ме интересира“, „не нудат ништо конструктивно“. Ретките кои ќе се согласат на разговор, велат дека едвај може да го следат темпото на изјави со кои како да се натпреваруваат кој од партиите или лидерите ќе привлечат поголемо внимание. Впечатокот им е дека нивото на политичка комуникација е паднато на најниски гранки, а периодот наликува на макијавелистичкото „целта ги оправдува средствата“.

Дел сметаат дека тоа е вовед во најавеното групирање на европски фронт и останати, со цел партиите од владината коалиција и по следните избори да останат на власт, а дека дотогаш нема нема да бидат пребирливи во изборот на сојузници или помагачи до таа цел. Единствено во тој контекст ги разбираат и шпекулациите за „посети“ или „интервенции“ од Будимпешта.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема