Секој може да купи бугарско државјанство
7 ноември 2018ЕУ-државјанствата или дозволите за неограничен престој во земји на ЕУ се вбројуваат во оние кои е најтешко да се добијат во светот. Големата побарувачка доведе до создавање илегален пазар, на кој корумпирани службеници од многу земји во ЕУ заработуваат пари со фалсификување документи. И, како тоа да не е доволно, многу земји од ЕУ сакаат и официјално да дојдат до вносни заработки, па под името „Златна виза“ тргуваат со државјанства и со дозволи за престој - заработувајќи милијарди.
Повеќе: За бугарски пасош Македонците плаќале по 1.000 евра!
Последниот случај со недозволени махинации е забележан во Бугарија. На почетокот на минатата недела таму беа затворени дваесетина службеници кои со години на граѓани од Македонија, Молдавија и Украина им издавале докази за бугарско потекло, заработувајќи на тој начин илјадници евра. Оние кои имаат таков доказ, по закон може да стекнат бугарско државјанство. За издавање сертификати е задолжена Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ). Меѓу уапсените е и во понеделникот сменетиот шеф на тој уред Петар Харалампиев, националистички политичар кој се смета за водач на корумпираната мрежа.
Повеќе: Скандал со бугарските државјанства или како да се потчинат политичарите
Бугарија: Борби за власт
Сето тоа всушност е познато со години. Уште во 2012 година Бугарската редакција на ДВ како една од првите известуваше за недозволените махинации на ДАБЧ. Правничката Катја Матева, која некогаш раководеше со Одделението за бугарско државјанство во Министерството за правда, од 2013 година повеќепати им се обраќаше на своите претпоставени во владата. Тогашниот заменик на министерот за правда, Петко Петков, направи меморандум на таа тема кој му го испрати на преодниот премиер Георги Близнашки. Но, не се случи ништо.
Катја Матева за ДВ вели дека политичарите со години вршеле притисок врз нејзе и дека во Министерството за правда била во сѐ поголема изолација, додека на крајот не добила отказ. Петков морал да трпи обвинувања дека е предавник на државата. И Матева и Петков за ДВ велат дека до денес никој не покажал политичка волја да му стави крај на корумпираниот систем.
Тоа што сега дојде до апсења е веројатно дел од интерна борба за моќ во владата. Таа борба ја водат од една страна коалиционите партнери меѓу себе, значи партијата ГЕРБ на премиерот Борисов и десничарската алијанса Обединети Патриоти, а од друга страна таа се води во рамки на самите патриоти. Некои набљудувачи сметаат дека Борисов со апсењето на службеници на ДАЧБ, која е контролирана од Обединетите Патриоти, сака да му испрати предупредувачки сигнал на коалициониот партнер.
Бизнис со сертификати за потекло во Романија и Унгарија
Досега е нејасно дали ќе му биде ставен крај на илегалниот бизнис со државјанства и дали одговорните за тоа ќе одговааат. Притоа, Бугарија не е единствениот случај со ваква пракса. Во Романија и Унгарија државјанство исто така се добива доколку се приложи доказ за потекло. Во Романија тоа ги погаѓа во прв ред големиот број граѓани од Република Молдавија - таму две третини од населението е со романско потекло. Освен тоа, во Украина има исто така големи романско и унгарско малцинство. Според истражувањата на локалните медиуми, и во Романија и Унгарија, исто како во Бугарија, со години се тргува со лажни сертификати за потекло. Илјадници Руси и Украинци добиле романско или унгарско државјанство на таков начин.
Не помали димензии има официјалното тргување со државјанства и дозволи за престој во ЕУ, под името „Златна виза“. Притоа, државјани на земји кои не се членки на ЕУ за одредена сума пари или доколку инвестираат - главно милиони евра - може да добијат ЕУ-државјанство или траен престој. Половината од ЕУ-земјите, меѓу нив Бугарија, Грција, Велика Британија, Летонија, Литванија, Малта, Австрија, Португалија, Шпанија, Унагрија и Кипар, нуделе или сѐ уште нудат такви програми.
НВО: ЕУ треба да ја запре „Златната виза“
На тој начин во изминатите неколку години се купени најмалку 6.000 државјанстав и 100.000 дозволи за престој, документираат организациите „Транспаренси Интернешнал“ и „Глобал витнес“ во заеднички извештај објавен на почетокот на октомври. Вкупниот приход од на тој начин продадените документи изнесува најмалку 25 милијарди евра. Двете организации критикуваат дека програмата „Златна виза“ го поттикнала перењето пари и пружила засолниште на криминални бизнисмени и бараат од ЕУ итно да ја прекине ваквата пракса.
Повеќе: Крај на „распродажбата“ на ЕУ-државјанства?
Еден од посебно дубиозните случаи е програмата „Златна виза“ на Унгарија, која траеше до 2017 година и за која речиси нема никакви податоци. Новинарите од унгарскиот Центар за истражувачко новинарство Директ36 меѓутоа повеќепати објавуваа истражувања за корисниците на „Златна виза“. Според нив, унгарски државјанства или дозволи за престој добиле меѓу другите и руски политичари, високи службеници во руската тајна служба и луѓе од доверба на сирискиот диктатор Асад. „Оваа пракса значи безбедносен ризик не само за Унгарија, туку за цела Европска унија“, вели за ДВ новинарот во Директ36, Андраш Пете. „Притоа постои интересна спротивност: унгарската влада реторички има многу борбен став кон доселувањето, а во меѓувреме со програмата Златна виза во земјата масовно се пуштале луѓе кои никој не ги контролирал.“