1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата на маргините на изборната кампања

17 април 2024

Кандидатите за претседател само површно ја допреа темата за корупција, како да не претендираат на трон кој е дел од коруптивниот амбиент во нивната држава. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4ers8
Северна Македонија | претседателски избори
Корупцијата е „протерана“ како тема од кампањатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според оценките на Фридом хаус, Македонија сигурно можеме да ја прогласиме за шампион во корупција. Северна Македонија покажа назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата, беа клучните забелешки во најновиот извештај „Државите во транзиција“ (Nations in Transit) на организацијата Фридом хаус. Извештајот мошне јасно предупреди на долготрајната корупција на високо ниво во Северна Македонија.

(Не)очекувано оваа вест што неофицијално ни ја испорача пријателска Америка не го ни заниша кампањскиот брод кој полека се движи кон својата прва дестинација – претседателските избори на 24 април и втората – парламентарните избори и вториот круг од претседателските на 8 мај. Веста траеше колку што вообичаено траат големите вести во нашата држава. Првин помина речиси незабележано, па потоа се испукаа неколку опозициски рафали кон власта, и веќе на третиот ден беше заборавена, а изборната кампања продолжи да се занимава сама со себе.

Јасно е дека политичарите не сакаат многу да зборуваат за оваа жешка тема, а камоли некој да предложи решенија и рестрикции за коруптивното однесување кое подеднакво е присутно кај сите големи партии. Кампањата е добра прилика кандидатите да претстават решенија за корупцијата затоа што граѓаните со внимание слушаат што ветуваат политичарите. Но изгледа зајакот лежи во зборот „ветување“ кое никој не сака да се обврзе да го исполни знаејќи какви прилики за богатење нуди власта.

Груевски пишува книги од Будимпешта

Корупцијата е толку многу протерана како тема од кампањата што без поголеми реакции помина веста дека семејството на поранешниот директор на УБК ќе гради луксузен хотел на брегот на Охридското Езеро, во зона која според сите параметри треба да биде заштитена како природен раритет. Таков чин среде кампања не може да се протолкува поинаку освен како бесконечна моќ да му се одолева на законот и боцкање прст в очи на граѓаните кои пред осум години маршираа во Шарената револуција извикувајќи ја паролата „нема правда-нема мир“.

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Друг еден осуден за корупција и организиран криминал, откако е пуштен од затвор поради здравствени причини, помпезно шета низ градот славејќи ја победата над кривично-правниот систем на државата. А за да не го заборавиме и бившиот премиер Никола Груевски, во чие време Македонија се најде на ударните страници на светските медиуми поради коруптивните зделки во неговата влада, и тој, наместо со затворски мемоари, за некој ден ќе нѐ почести со книга за неговите будимпештански денови. Веројатно како потсетување дека ѝ избега на правдата и дека сѐ уште се чувствува моќен да влијае врз политичките процеси во Македонија.

Кандидатите за претседател на државата само површно ја допреа темата за корупција, како да не претендираат на трон кој е дел од коруптивниот амбиент во нивната држава. „Не бива реформатори од луѓе потонати во корпуција“, повика кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, алудирајќи на сегашната власт, но заборавајќи дека и партијата што стои зад неа не се покажа отпорна на корупција.

Кандидатот, пак, на ДУИ и коалициските партнери, Бујар Османи, вети формирање на на меѓународен одбор кој ќе го спроведе процесот на ветинг на сите кандидати за јавни функции. Одборот, кој ќе биде составен од претставници од земјава и од САД, ЕУ и НАТО ќе дели уверенија кои ќе бидат неопходни за именување на која било јавна позиција.

„Кандидатот за која било јавна функција прво ќе треба да добие сертификат од овој меѓународен борд, и ако може да ги помине филтрите што ги наложуваат овие институции, тогаш ќе може да стане министер, директор, судија или обвинител. На овој начин мислам дека ќе инсталираме кредибилен процес на ветинг, односно прочистување на оние кои се вмешани во корупција“, рече Бујар Османи.

Критика како решение

Оваа изјава на Османи, освен што содржи неостварливи елементи, како на пример експлицитно мешање на меѓународни претставници во домашни теми на една суверена држава, има и доза на цинизам, бидејќи Османи одбегнува да ја осуди корупцијата која доживеа експанзија за време на сегашната и на претходната влада во кои тој беше една од водечките фигури.

На корупцијата се осврна и сегашниот шеф на државата и кандидат за уште еден мандат Стево Пендаровски, кој на митинзите ги уверува гласачите дека како и во првиот, така и во вториот мандат, ако го изберат, јавно ќе ги осудува криминалот и високата корупција вклучително, потенцира тој, и кај тие што го кандидирале и избрале на функцијата. Му благодариме, но тоа можеме и сами да го правиме. Барем во Македонија не недостигаат критичари за секоја тема.

И од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски слушнавме најава дека ако дојдат на власт, прво што ќе направат е распуштање на Судскиот совет со цел да се застане на пат на корупцијата во судството. Оваа проблематична изјава наметнува повеќе прашања отколку одговор на проблемот со корупцијата во судството бидејќи е услов за ново политичко влијание. Кој ќе му верува на Мицкоски дека новиот Судски совет ќе биде по мерка на судската фела, а не по мерка на него и ВМРО-ДПМНЕ. И во крајна линија, кој е Мицкоски да го распушта Судскиот совет кога се знае поделбата на законодавна, извршна и судска власт и границата што ги разграничува и треба да го штити судството од такви упади.

И на оваа кампања, како и во претходните изборни циклуси, темите се за високата политика. По влезот во НАТО, сега тема е ЕУ, што секако е важна тема за нас. Но фактот што корупцијата стана дел од личната карта на Македонија, ја издига и оваа тема на највисоко место. Ако корупцијата продолжи да царува, ќе стане нова и далеку посериозна пречка во евроинтеграцијата на државата. Дефиницијата за корумпиран политички систем вели дека тоа е користење на моќта од страна на владини и други високи претставници за нивна лична корист. Колку Македонија се вклопува во таа дефиниција проценете сами.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема