Пратеничката функција – која е најзначајниот белег на едно демократско уредување и на овие избори е најпосакуваната. Над 800 кандидати се пријавиле да ја извршуваат оваа функција која треба да биде гласот на граѓаните во највисоката институција – парламентот кој во Македонија е симболот на парламентарната демократија според која е уредена нашата земја.
Но, иако поминаа повеќе од три децении откако во државава беше воведен повеќепартизмот, се чини дека треба да поминат уште толку години за пратеничката функција којa е претставник на суверенот – граѓаните, да ја користи во полн капацитет уставно овозможената задача. Пратениците за жал сѐ уште се „робови“ на партиите односно на владата и наместо да ги штитат интересите на граѓаните кои ги избрале на функцијата тие се дрвени адвокати на партиските или владините структури во зависност од „боите“ што ги бранат во парламентот.
Да се биде претставник на граѓаните е голема одговорност и значи да се застапуваат во парламентот ставовите на избирачите или да се пренесуваат нивните пораки до останатите органи на власта – владата и претседателот. Меѓутоа овој ден уште не сме го дочекале. Граѓанските иницијативи сѐ уште тешко си го пробиваат патот до законодавниот дом или и ако го пробијат тие се по правило врзани со некој владин или партиски интерес.
Досегашното искуство покажа дека владата без разлика дали е на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ го користи парламентот како самопослуга. Си зема тоа што ѝ треба, го отфрла тоа што не ѝ одговара, ги диктира ставовите на партиите од својот табор, наметнува законски решенија и се уфрла во дневниот ред во работењето на највисокиот законодавен дом кога и да посака. За таа цел секоја влада што доаѓа на власт си става и подобен претседател на парламентот за да им биде достапен во секое време за политичките акробации кои ги смислува.
Колку е тоа искривено сфаќање на демократијата говори и фактот што според уставното уредување на нашата држава парламентот се наоѓа повисоко во хиерархијата од владата. Тоа значи дека парламентот треба да ѝ биде шеф на владата а не обратно како што е тоа случајот во тридецениската самостојност на Македонија.
Теренот празен по изборите
Сѐ уште не се појавил јунак или толку се ретки што не ни паметиме, да е од владиното мнозинство, а да не се согласи да гласа како што му диктира владата. Исто е и кога станува збор за опозициските пратеници кои се теледиригирани од партиските седишта за тоа што да поддржат, а што да одбијат во парламентот. Паметиме како една партиска непослушност на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, додуша не во име на граѓаните туку за лични калкулации, за малку ќе завршеше со физички линч на пратениците. Случајот се однесува на гласањето за Преспанскиот договор кога осум пратеника не го почитуваа партискиот став да не го поддржат Договорот.
Наспроти таквите практики, и тоа како има теми кои се од важност за граѓаните, а пратениците од одреден блок во парламентот одбиваат да ги поддржат и тоа само затоа што се предложени од политичкиот противник. Бурите и жестоките тонови во парламентот не се никогаш заради граѓанскиот интерес туку се секогаш за да се заштити или афирмира партискиот интерес.
Граѓаните често се жалат дека откако ќе гласаат за пратеничката листа веќе очи не можат да им видат на пратениците, а камоли да добијат шанса да покренат важно прашање за локалната средина преку нив. Ги снемува до следните избори кога вообичаено се враќаат повторно по гласови доколку успеат да се најдат пак на кандидатска листа. Така имаме пратенички богови кои чекорат во облаците наместо меѓу народот.
Тоа е толку вообичаено во политиката во земјава што не се потребни ни примери за набројување. И на овие избори ќе гледаме реприза на таквото однесување. Кандидати и кандидатки ќе продефилираат меѓу избирачите како по писта, ќе ги изрецитираат ветувањата што им ги напишал партискиот штаб, а откако ќе влезат во парламентот ќе заборават што кажале. Затоа, ако се погледнат ветувањата од избори на избори ќе се најдат исти прашања како се пренесуваат од едни на други избори бидејќи во меѓувреме не се нашло решение за проблемот.
Важно е здравјето на партијата
Пропорционалниот изборен систем, уште повеќе го изостри и го продлабочи јазот меѓу граѓаните и божемните нивни претставници во парламентот. Велиме „божемни“, бидејќи сѐ повеќе е присутна праксата на врвот на кандидатските листи да се најдат личности кои имаат малку или воопшто немаат врска со изборната единица во која ги кандидираат. Тоа беше така на парламентарните избори во 2020, а истиот манир може да се забележи и на овие избори кога на пример заменичката претседател на СДСМ Сања Лукаревска ќе ја предводи листата во изборна единица 3 каде се Штип, Велес, Кочани, Крива Паланка, Берово итн. Или екс-министерот Венко Филипче во изборна единица 4 која ја сочинуваат граѓаните од Прилеп, Струмица, Радовиш, Валандово, Гевгелија итн. Во „шестката“, пак, предводник е министерката Славјанка Петровска иако не е јасно како таа би ги застапувала граѓаните од Тетово, Гостивар, Теарце, Брвеница, Боговиње, Кичево кога нема никакви конекции со нив.
Ова се само неколку издвоени примери, иако на секои избори може да се најдат такви недоследности кои во основа се разминуваат со она што треба да биде функцијата на пратениците – да бидат гласот на граѓаните.
Но на таквото изигрување на системот кој теоретски е дизајниран да биде во служба на неговото „височество“ граѓанинот, никој не мисли кога се доделуваат номинации и функции. Важно е здравјето и иднината на партијата, а не на граѓаните кои се најголемиот потенцијал на една држава. Тоа е и една од причините зошто довербата во политиката од година во година сѐ повеќе се намалува а со тоа за жал се намалува и вербата во државата која младите ја напуштаат и одат да градат некои други држави со поправеден систем.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.