Кандидатите ветија чесна и интересна битка за претседател
4 април 2024Седумтемина кандидати за претседател во Северна Македонија ја започнаа кампањата за престојните избори на 24 април со презентирање на програми, отворање на изборни штабови и конвенции на кои ќе им ги презентираат своите ветувања на граѓаните. Дел од нив ветија чесна и интересна битка, непопуштање под притисоците и посветеност да не се отстапи од европската иднина на земјата.
Претседателот Стево Пендаровски кој се бори за втор мандат, денеска го промовираше централниот изборен штаб во Скопје, а вечерва (04.04) го започнува својот изборен караван од Прилеп. „Очекувам во првиот круг гласовите да се поделат на повеќе страни и не очекувам дека има некој каква било шанса да добие во првиот круг, меѓутоа во вториот очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот“, порача Пендаровски.
Претходно на изборната конвенција во Скопје, на 2 април, рече дека Македонија е можна како демократска и просперитетна држава само ако ги одржува витални двата стратешки континуитети - евроатланските интеграции и меѓуетничките односи. „Нашиот политички континуитет во оваа смисла е познат, а нивниот е контиунирано одбивање на компромиси кои неспорно го чуваат нашето национално достоинство - нашиот јазик и нашиот идентитет“, порача Пендаровски.
Ако ја добие довербата на гласачите, тој вети дека и во следните 5 години ќе продолжи да работи за плата, а не за проценти. „Ќе продолжам да ги третирам сите луѓе на еднаков начин независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе продолжам да соработувам и да ги почитувам младите луѓе чиј професионален успех не се должи на партиски или фамилијарни врски, ќе продолжам да им помагам на понижените да добијат човечки третман и правда во заедницата каде што живеат и ќе продолжам да го критикувам криминалот и високата корупција на било кој во државата, вклучувајќи ги и оние кои ме поддржале и гласале за мене“, рече актуелниот претседател.
Некој на терен, некој на прес-конференција
Кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на првиот ден од изборната кампања најави дека ќе одржи митинг пред зградата на Владата во Скопје со почеток од 20 часот. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, пак, својата програма за претседателските избори ќе ја презентира пред крушевчани.
Претседателските кандидати на ДУИ и Левица, Бујар Османи и Билјана Ванковска, изборната кампања ја започнаа со прес-конференции во Скопје.
Османи пред претседателската вила на Водно, порача дека земјата се наоѓа на крстопат. „Еден пат води кон светла европска иднина, другиот пат води кон изолација бесперспективност и нејасност. Затоа овие избори не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава“, рече кандидатот за претседател на коалицијата Европски фронт.
Симболика
Тој ја нагласи симболиката на датумот 4 април, на кој ја почнува кампања за претседателските избори, која ќе ја води под слоганот „Искуство, чесност, посветеност“.
„Почнувам една многу важна мисија не само за мене, туку за сите граѓани кои оваа земја ја чувствуваат како свој дом. Доаѓам директно на оваа прес-конференција од Брисел, од седиштето на НАТО. И тоа во еден посебен ден, четврти ден, четврти месец 2024 година на Денот на основањето на НАТО и на четиригодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО. И јас го почнувам овој победнички карван со бројот 4 како симболика дека сме на правиот пат. Ја почнувам оваа мисија од седиштето на НАТО со надеж дека ќе ја завршам како претседател во седиштето на ЕУ, седнат на маса на Европскиот совет како полноправен член“, истакна Османи.
„Една поинаква кампања“
Под мотото „Го враќаме достоинството на нацијата“ и професорката Билјана Ванковска официјално ја започна кампањата за претседател. Таа вети чесна и интересна битка, дебата која нема никому да биде здодевна. Таа најави скромна кампања, согласно своите можности. Народен собир најавија за денеска во Радовиш, а кампањата ќе ја заокружат со настан во Скопје.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во интервју за МИА ги презентираше своите аргументи зошто се кандидирал за претседател. „Претседателската функција, како највисока и најодговорна во државата, треба да ја врши човек со искуство во политиката, достоинствен и подготвен да не попушти под каков било притисок кога се загрозени интересите на граѓаните“, вели градоначалникот на Карпош кој неодамна се најде на црната листа на САД.
„Како Вардар стартувам со минус шест бода“
Но, и покрај тоа, тој одлучи да ја продолжи трката за претседател, порачувајќи им на граѓаните дека нема да подлегнува на притисоци. „Јас сум како Вардар, стартувам со минус шест бода. Се сеќавате кога Вардар го казнија да настапува во наредната фудбалска сезона со минус шест бода“, вели Јакимовски коментирајќи го неговото ставање на „црната листа“ на САД пред почетокот на изборниот процес за претседателските избори.
Јакимовски најави дека ќе се залага за промени во делегирањето на членовите на Републичкиот судски совет, во Уставниот суд, за амбасадори професионалци, за обновување на врската со дијаспората. Тој останува на ставот да нема промена на Уставот за влез на Бугарите сѐ додека не се затворат сите прашања за зачленувањето на земјата во ЕУ.
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, пак, при презентирањето на претседателската платформа заснована на четири столба, порача дека ќе бара гаранција од Европската Унија дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија, како и дека ќе се заложи за продлабочување на регионалната соработка и дека ќе предложи земјата веднаш да излезе од иницијативата Отворен Балкан.
Според ждребувањето на Државната изборна комисија (ДИК), Пендаровски ќе биде прв на гласачкото ливче на претседателските избори на 24 април. Втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, трет Стевчо Јакимовски од ГРОМ. На четвртото место е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, заедно со парламентарните избори.