1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јакимовски: Без дебати нема потпис на изборниот кодекс

ДТЗ
2 април 2024

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори. Тој е незадоволен што нема да се одржат предизборните мастер дебати, иницирани од Стево Пендаровски

https://p.dw.com/p/4eMFZ
кандидати за претседател
Шестмина кандидати за претседател го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со кој се обврзаа на почитување на изборните закониФотографија: Petr Stojanovski/DW

Шестмина кандидати за претседател на Северна Македононија денеска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со кој се обврзаа на почитување на изборните закони, правила и прописи, како и владеењето на правото при организирање и  спроведување на изборите.

Потпис на кодексот не стави само претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, кој изрази незадоволство што нема да се одржат предизборните мастер дебати, иницирани од претседателот Стево Пендаровски. „Кодексот ќе го почитувам, но ако немаме дебати нема да го потпишам“, порача градоначалникот на Карпош, кој се кандидира за највисоката функција во државата. 

Одредени кандидати се фаворизираат

Тој оцени дека одредени кандидати се максимално фаворизирани, земајќи големи средства. „Кога ќе поделиме ќе видиме дека потписот што го дале граѓаните за нив вреди 97,5 евра, а потписот за нас 12,6 евра“, рече Јакимовски. Но, најголемиот проблем, според него, е што нема да бидат организирани мастер -дебати со сите кандидати пред изборите.

„Утрово ја добив веста дека се откажува мастер дебата, што не е во ред и не е во духот на развој на демократските процеси. Навистина е чудно на локални избори да се оди на три дебати на кои се разговара за локални прашања, а кога разговараме за битни државни прашања да немаме ниту една дебата“, рече Јакимовски. 

Стевчо Јакимовски
Стевчо Јакимовски не го потпиша кодексот за фер избори - бара да се одржи мастер дебата пред изборитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Реакцијата следи откако изборниот штаб на Пендаровски информираше дека и покрај сите обиди и контакти изминатиот период, нема услови да се реализира идејата за организирање на две мастер дебати, на кои кандидатите за претседател ќе можеа да ги презентираат своите програми и планови. 

Идејата уште на старт наиде на препреки, откако дел од изборните штабови изразиле резерва околу учеството на двајца од претседателските кандидати на дебатите - Стевчо Јакимовски, кој се најде на црната листа на САД и Билјана Ванковска, како кандидат на Левица, поради нејзиниот наратив. Од кај Пендаровски беа децидни дека нема да има исклучување на кандидати од дебатата, без оглед на барањата од некои кандидати за изземање на своите ривали.

Ветувања и обврски

Кандидатите коишто го потпишаа кодексот се обврзаа дека нема да вршат притисок врз вработените во јавната и државната администрација, дека нема да користат говор на омраза и дека нема да вршат никаква дискриминација врз основа на пол. 

Стево Пендаровски изрази уверување дека имаме доволно институционална меморија како држава и доволно политичка култура меѓу кандидатите, за да се одржи нивото на дебатата и дека интегритетот на процесот нема да биде загрозен. 

„Уверен сум дека имаме доволно политичка култура да го одржиме нивото на дебатата и мислам дека во целина ќе докажеме како држава уште еднаш дека сме подготвени овој процес да го извлечеме на највисоко можно ниво. Ако не сме подготвени како држава тоа да го направиме, со почитување на сите меѓународни стандарди за изборниот процес, за понатамошните фази во практикување на политиката, не треба ни да разговараме“, рече Пендаровски по потпишувањето на Кодексот.

Кандидатите за претседател се обврзаа дека процесот ќе биде демократски и најавија „коректна и културна кампања од почеток до крај“. 

Стево Пендаровски
Стево Пендаровски изрази уверување дека интегритетот на процесот нема да биде загрозен. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Церемонијален чин и морален илузионизам“

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која по вторпат потпишува ваков кодекс, вели дека станува збор за церемонијален чин и нормативен и морален илузионизам, но рече дека за време на кампањата ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати. 

Гордана Силјановска
Гордана Силјановска, која по вторпат потпишува ваков кодекс, вели дека станува збор за церемонијален чин и нормативен и морален илузионизамФотографија: Petr Stojanovski/DW

Билјана Ванковска, која ја доби поддршката на Левица за да се кандидира за претседателка,  рече дека Кодексот ќе го потпише, но дека не верува во ништо од „ова празно парче хартија“. И таа побара телевизиите да организираат дебати со сите претседателски кандидати. 

Кандидатот за претседател на државата, Максим Димитриевски, оцени дека документот претставува само форма, но не и суштина. Најави дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на изборите да победи демократијата.

Позитивна кампања најави и кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, а кандидатот за претседател на албанската опозиција, Арбен Таравари изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега.

Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април, а изборната кампања за парламентарните избори ќе започне на 18 април.