Македонија напредна за еден поен на листата на Фридом Хаус
9 март 2023Со 68 од можни 100 поени на ранг-листата на организацијата Фридом Хаус, Северна Македонија и натаму се смета за „делумно слободна“ држава. Најновиот извештај насловен „Слободата во светот 2023“, бележи подобрување во земјата за еден индексен поен во споредба со лани. Каде точно е забележан напредокот ќе се знае откако Фридом Хаус ќе го објави целосниот извештај за земјата.
По сектори, Северна Македонија има 29 од можни 40 поени во делот на политичките права, и 39 од 60 во делот на граѓанските слободи.
Доколку се погледне ланскиот детален извештај, се забележува дека најголем „одлив“ на поени земјата бележи во ставките кои се однесуваат на граѓанските слободи, меѓу нив: заштита од корупција; владината транспарентност и отвореност; слобода на работничко и синдикално организирање; независност на судството; фер процеси во граѓанското и кривичното право; еднаков третман на граѓаните пред законот; како и индивидуалните и социјалните права.
Со ист или сличен број на поени се и повеќето земји од регионот. Србија, која годинава бележи пад, има 60 поени, исто колку и Косово, со таа разлика што оваа земја бележи напредок од четири поени. Албанија и Црна Гора имаат по 67 поени, Бугарија - 79, Хрватска - 84 и Грција - 86. Највисок индекс на слободи меѓу земјите во регионот има Словенија - 95, а најнизок Босна и Херцеговина - 52.
Земји со најголеми слободи во светот се Шведска, Норвешка и Финска со маскимални 100 поени, САД имаат 83, Русија - 16, Кина - 9, а Украина - 50. Најнеслободни држави се Северна Кореја со три и Сирија со еден поен.