1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водата во Охридското Езеро е прва категорија, вели Пецаков

ДТЗ
18 јули 2023

Анализата на ИЈЗ покажува дека Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро имаат проблем со колекторските системи и во нив се слеваат отпадни води. Но, оценката е дека водата сепак не е опасна за капачите.

https://p.dw.com/p/4U2pi
Охрид
Хотели, кампови, септички јами, шанкови и канализации го загадуваат Охридското ЕзероФотографија: NGO Front21/42

Хотели, туристички населби, приватни куќи со септички јами, шанкови поставени на брегот, испусни цевки за собирање на атмосферски води и автокампови го загадуваат Охридското Езеро. Колекторскиот систем кој не го покрива целото крајбрежје, објекти кои цевките со отпадна вода директно ги насочуваат кон езерото, како и мешањето на атмосферската и фекалната канализација се „тивки“ уништувачи на и онака загрозениот еко-систем. Слабостите од заштитата на најголемиот туристички центар во земјата - Охрид, како и за состојбата со езерските води во Преспа и Дојран се нотираат во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, кој редовно се објавува во пресрет на туристичката сезона. Иако податоците и испитувањата на водата од трите природни езера укажуваат дека таа е со задоволителен квалитет за капење, а на најголем дел од плажите е оценета како одлична, сепак одредени забелешки од извештајот укажуваат од потребата за итно преземање на мерки за заштита на езерата. 

Што ја расипува сликата?

Екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Охрид вршела  проверки на целото крајбрежје на Охридското Езеро од Св. Наум до с. Радожда со цел да се откријат потенцијалните загадувачи на езерската вода и да се преземат мерки за нивно навремено санирање. Што покажале теренските испитувања? 

За заштита на Охридското Езеро е изграден колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа. Но, постојат објекти кои со години не се приклучени на колекторскиот систем и претставуваат потенцијални загадувачи. Во извештајот се посочува дека станува збор за хотелско - угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел Десарет до Св. Наум, како и хотелско - угостителските објекти и туристичките населби од Струга до с. Радожда. На овој потег единствено приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол" преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел Бисер и с. Калишта. Проблем се и приватни куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до населбата Канео, кои исто така не се приклучени на колекторот. 

Охрид
Хотели, туристички населби, приватни куќи со септички јами, шанкови поставени на брегот, испусни цевки за собирање на атмосферски води и автокампови го загадуваат Охридското ЕзероФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Хотел „Десарет", автокампот „Градиште", „Љубаништа" и „Ливадишта“; ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум”, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во Св. Наум 2013 година, но тој не функционира, се вели во извештајот. Во фазата на третман на отпадни води, според ИЈЗ, постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро, со што претставува директен загадувач на езерото. 

Приватните куќи долж целиот брег, како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег, од плажата понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото, се додава во извештајот. 

Каков е квалитетот а водата?

Анализите на 50 примероци површинска вода земени од 39 плажи на охридското крајбрежје покажале дека на 30 локации водата е одлична за капење. Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода од мерните места Пристаниште (плажа), Градска плажа Мизо, Андон Дуков (плажа), Машка и Женска плажа Струга, хотел Бисер Струга (плажа), с. Калишта Струга (плажа), Радожда Струга (плажа), камп Ас Струга (плажа), се оценуваат како добри..

Водата каде што уживаат туристите е од прва класа“, вели за ДВ, охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков. Според него, реалноста е дека најголемиот дел од крајбрежјето е покриено со колекторскиот систем кој што е во функција. 

Голем Град, најголемиот остров во Македонија

„Тоа го покажуваат и испитувањата на ИЈЗ пред туристичката сезона, освен на неколку точки на коишто самото езерото не е покриено“, вели тој. Најавува дека е во план санирање на проблемите коишто се детектирани. Па така, во Трпејца ќе се гради пречистителна станица, селата Горно и Долно Лакочереј се приклучуваат на фекална канализација, а во план е проект и за Љубаништа, со цел да се комплетира колекторскиот систем. 

„Водата во Охридското Езеро е од прва категорија на преку 96% од крајбрежјето на езерото, под ингеренции на општина Охрид. На вакви извештаи веќе сме навикнати пред или во пресрет на туристичката сезона и не носат ништо добро за Охрид. Ни останува само да продолжиме да работиме и оној дел од колекторот кој што е постоечки да го држиме во добра кондиција и да е функционален“, вели Пецаков.

За делот што треба да се докомплетира со прочистителни станици, веќе се готови и проектите и одобренијата за градба и ќе следи нивна изведба во наредниот период согласно буџетските средства.  

Од Охрид СОС за ДВ велат дека извештаите на Центарот за јавно здравје поврзани со квалитетот на водата алармираат со години наназад за состојбите. „Често бараме на одредени локации да се направат и вонредни испитувања, доколку се пријават хаварии на системот, загадување од различен карактер и слично. Објавуваме на социјалните мрежи или повремено и преку соопштенија до медиумите“, вели Владимир Трајановски од Охрид СОС.

Дополнително, резултатите од испитувањата се пренесуваат во годишните извештаи до УНЕСКО, до Државниот инспекторат за животна средина, на седници на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, и последно - во барањата кои ѝ беа доставени на министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО во декември 2022 година, а кои требаше да бидат насока за мерките кои Владата требаше да ги преземе.

Струга
Потенцијални загадувачи има на крајбрежјето и во Охрид и во СтругаФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Колекторите слаба страна и во Преспа и Дојран

Мониторингот на водите покажува дека водата е безбедна за капење и во Преспа и во Дојран, но и таму постојат слабости со колекторскиот систем.

Водата од Преспанското Езеросе класифицира како одлична. Увидот покажал дека .плажите на брегот на Преспанското Езеро се песочни и средени. Потенцијални извори на загадување по должина на плажите покрај езерото не се идентификувани, но сепак потребна е контрола на водата од можните загадувачи. На сите плажи нема проточна здравствено исправна вода за пиење и за туширање. Во периодот од 15 мај до 15 септември, површинската вода се класифицира како одлична и може да се користи за капење и рекреација како и за спортови на вода. Но, ИЈЗ препорачува да се врши редовен мониторинг на правилното користење на пестицидите како средства за заштита на овошните дрвја, како и итна изградба на колекторски системи со пречистителни станици во селата околу езерото, со што би се заштитило езерото од директно загадување.

Преспанско Езеро
Преспанското Езеро сликано од грчкиот брегФотографија: DW/L. Kadiu

Колекторскиот систем во Дојран е долг 8 385 метри, и во него се приклучени сите хотелско-угостителски објекти кои се наоѓаат по должината на крајбрежјето на езерото, како и двата станбени комплекса во Нов Дојран. Но, останатите четири населени места со индивидуални станбени згради и викендички не се приклучени на колекторскиот систем, при што диспозицијата на отпадните фекални води се врши преку индивидуални попивни јами, кои претставуваат хигиенски и епидемиолошки ризичен начин на диспозиција на отпадните води. Последните три години изграден е поголем дел од канализациската мрежа која е приклучена на колекторскиот систем. Во Стар Дојран приклучени се околу 50 % од индивидуалните станбени објекти, а во Нов Дојран околу 60 %.

Од извршениот увид и резултатите на анализираните примероци површинска вода може да се заклучи дека водата на Дојранско Езеро во однос на физичко-хемиската исправност, отстапува од бараната I и II класа главно во однос на параметрите матност и зголемена содржина на амонијак, додека микробиолошки во сите мерни места се класифицира како одлична. Од ИЈЗ сметаат дека зголемената матност и зголемената содржина на амонијак нема да се одразат штетно по здравјето на луѓето, и водата на Дојранско Езеро може да се користи за капење и рекреација на луѓето како и за спортови на вода. 

Ризици

Испуштањето отпадни води во крајбрежните води за капење и последователните ризици за јавното здравје претставува проблем не само во Р.С. Македонија, туку и во Европската Унија. Отпадните комунални води (од канализационите системи) содржат разновидни микроорганизми кои се патогени и предизвикуваат болести кај изложената популација. Главниот ризик со кој се соочуваат луѓето кои се капат во контаминирана вода од отпадни води е зголемувањето на опасноста од одредени заболувања, како што се болестите на гастроинтестиналниот тракт (дијареални заболувања), горните респираторни патишта, кожата, очите или ушите.  

#dw_BalkanBooster во Пустец: „Отпадот оди во селото и во езерото“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема