1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Каква економска политика планира Доналд Трамп?

Тимоти Рукс
26 август 2024

Поранешниот американски претседател се залага за „Америка на прво место“ - за протекционизам и царини и против имиграцијата. Кои се неговите планови доколку биде реизбран?

https://p.dw.com/p/4j0LP
Доналд Трамп зборува на конференцијата за Биткоин во Нешвил на 27.07.2024 година.
Доналд Трамп зборува на конференцијата за Биткоин во Нешвил на 27.07.2024 година.Фотографија: Kevin Wurm/REUTERS

Доналд Трамп има јасни идеи како да управува со американската економија во случај да победи на изборите во ноември како републикански претседателски кандидат. Неговите зборови, уплашија некои од можноста да дојде до геополитички хаос и до трговски војни. А, некои се среќни поради неговата политика насочена кон враќање на работните места во САД.

Актуелниот претседател Џозеф Бајден не успеа да ја убеди американската јавност во неговите економски концепти. Во анкетата спроведена од „Економист“ и „ЈуГов“ во средината на јули, 51 отсто од испитаниците не го одобруваат начинот на кој Бајден ја води земјата и економијата, а 58 отсто не се задоволни од начинот на кој тој се справува со инфлацијата и со цените. Вкупно 54 отсто од испитаниците сметаат дека економијата се влошува.

Со повлекувањето на Бајден од претседателската трка и поддршката за Камала Харис, работите се променија.

Повеќе од истото од републиканците?

Во моментов голем проблем се инфлацијата и растот на цените. Граѓаните чувствуваат колкав притисок им вршат. Во истото истражување, 25 отсто од испитаниците рекле дека инфлацијата и цените се најважните прашања во моментов. 

Доналд Трамп и Камала Харис ќе ги спротистават своите визии за американската економија во предизборната кампања
Доналд Трамп и Камала Харис ќе ги спротистават своите визии за американската економија во предизборната кампањаФотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance und Mat Otero/AP/dpa/picture alliance

На Националната конвенција на Републиканците на 18 јули, по повод прифаќањето на номинацијата, Трамп во 90-минутен говор ја претстави својата визија за иднината на земјата.

„Ќе ја вратиме републиката и богатата и прекрасна иднина која луѓето ја заслужуваат“, рече тој. „Иднината на Америка ќе биде поголема, подобра, похрабра, посветла, посреќна, посилна, послободна, поголема и пообединета од кога било досега.“ 

Повеќето економски идеи на Трамп не се многу различни од оние на неговата прва администрација. Тој веројатно ќе се држи до острата реторика и ќе инсистира на нови царини и даночни олеснувања. Она што е различно е неговото искуство и решителност.

„Трамп се соочи со многу пречки во својот прв мандат. Препреки кои е решен веднаш да ги отстрани“, вели Ден Малинсон, вонреден професор по јавна политика и администрација на Државниот универзитет во Пенсилванија во Харисбург.

Високи царини за странска стока

За Трамп, еден од начините за зајакнување на американското производство се - царините. Тој предложи сеопфатна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и многу агресивна царина од 60 насто за сите производи од Кина.

Како одговор, другите земји сигурно ќе воведат реципрочни царини, што повторно може да доведе до ситуација слична на трговска војна. Многумина веруваат дека тоа би предизвикало огромна штета и сметаат дека судовите ќе спречат барем дел од нив.

Но, можеби не е толку лошо како што стравуваат некои. „Трамп е склон кон протекционизам, но има мешовити резултати во успехот на тие мерки и другите производствени инвестиции овде“, вели Малинсон за ДВ.

Депортација на повеќе работоспособни имигранти

Меѓутоа, Трамп не може да владее сам, зад него стојат републиканците и нивната платформа од 2024 година, документ од 16 страници во кој е наведена програмата на партијата.

Тука нема многу детали. Платформата го промовира концептот „Америка на прво место“ како што се намалување на регулативите, враќање на производството во САД и дерегулација на енергетската индустрија.

Исто така, постои притисок да се затвори границата со Мексико за да се запре илегалната имиграција и „да се спроведе најголемата операција за депортација во американската историја“.

Затворањето на границите и депортациите можеби немаат многу врска со економијата, но би имале далекусежни последици. Освен што ќе се создаде хуманитарна криза, депортацијата на милиони имигранти уште повеќе ќе го отежне наоѓањето работници во земја со сериозен недостиг на работна сила.

Нелегални имигранти на границата меѓу Мексико и американската сојузна држава Калифорнија
Нелегални имигранти на границата меѓу Мексико и американската сојузна држава КалифорнијаФотографија: Gregory Bull/AP Photo/picture alliance

Во исто време, републиканците сакаат да воведат политика „Купи американско и вработи американско“ со која ќе им забрани на компаниите кои префрлаат работни места во странство да работат со владата.

Други републикански економски идеи

Трамп и републиканците дополнително сакаат да ги задржат трајните даночните олеснувања за 2017 година и да ги ослободат напојниците за работниците во рестораните и во угостителството од даноци на приход.

Сите овие даночни олеснувања, заедно со ветените царини и депортации, би можеле да го влошат дефицитот, да ги зголемат платите и дополнително да ја зголемат инфлацијата, велат многу експерти.

„Иако многу зборува за инфлацијата, не е јасно дали неговата економска политика е насочена кон нејзино решавање“, вели Ден Малинсон. Но, тој додава дека економијата е поголема од еден претседател, „така што работите нема да се сменат преку ноќ“.

Додека Трамп јасно ги кажа своите намери, Камала Харис допрва треба да ја претстави својата економска визија. Таа веројатно ќе се придржува до многу економски планови на Бајден кои ги поддржуваше како потпретседателка.

Се очекува таа да продолжи да ги поддржува правата на работниците, производството на обновлива енергија и враќањето на стратешкото техничко производство, како што е производството на полупроводници, во САД. Глобалната трговија ќе остане важна, но некои увозни царини веројатно ќе останат на сила.

Економијата изгледа прилично силна во моментов, но тоа главно не е заслуга на демократите, вели Малинсон. „Голем дел се сведува на гласањето за лична финансиска состојба. Гласачите обично размислуваат за тоа.“