1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Која е потпретседателката Камала Харис?

Јањевиќ Дарко
22 јули 2024

Потпретседателката Камала Харис е првата која би можела да го замени Џо Бајден – како во Белата куќа, така и во трката против Доналд Трамп. По исклучителен подем, со години беше во сенката на Бајден.

https://p.dw.com/p/4iZvJ
Џо Бајден и  Камала Харис во Вашингтон, САД
Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис во Вашингтон, САД Фотографија: Tierney L. Cross/newscon/picture alliance

Кога Камала Харис во август 2020 година се согласи да биде кандидат за потпретседател на Џо Бајден и на конгресот на Демократите за номинирање кандидати се појавија на сцената рака в рака, се чинеше дека дуото има блескава иднина пред себе.  Бајден се кандидираше за да го симне Трамп од власта  и на САД да им врати чувство на нормалност. Притоа му беше од корист неговото повеќедецениско искуство во политиката. А Камала Харис беше харизматичната, енергична предводничка на новата ера. Со темна кожа и како дете на мигранти се избори да дојде до функцијата главен државен обвинител и министерка за правда во Калифорнија, а потоа отиде во политиката. Но, нејзината ѕвезда беше засенета во четирите години во кои беше  потпретседателка на Бајден.

Камала Харис – американска приказна

Камала Харис е родена во 1964 година во школувано доселеничко семејство во Калифорнија. Мајка ѝ Шијамала Гопалан потекнува од Индија и се занимавала со истражување на канцер на дојка, татко ѝ Доналд Ј. Харис потекнува од Јамајка и бил економист. Двајцата родители биле активни во движењето за граѓански права во 60-тите години. Во нејзината автобиографија, Харис пишува колку многу тоа влијаело на нејзината кариера. Таа се потсетува дека мајка ѝ на двете ќерки им велела „да не седат и да се жалат за околностите, туку да направат нешто за да ги сменат!"

Детство во Калифорнија - Камала Харис
Детство во Калифорнија - Камала Харис со сестрата и мајката во Оукленд, 1970 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Kamala Harris Campaign

Бракот на родителите се распаднал кога Камала имала седум години, а пет години подоцна мајка ѝ добила истражувачка работа во Канада и тие се преселиле во Монтреал каде што Камала има завршено гимназија. Потоа се вратила во САД, за да студира политика и економија во Вашингтон, како и право во Калифорнија. Во 1990 година Харис почнува да работи како јавен обвинител и во својата кариера до 2011 година достигна до функцијата главен јавен обвинител на Калифорнија како прва жена, афроамериканска и јужноазиско-американска личност на таа функција.

Лицето на прогонот во Калифорнија

Кариерата на Харис како јавен обвинител е обележана од контрадикторности. Радо се претставуваше во јавноста како „првиот полицаец“ на Калифорнија, но ги разгневуваше полицајците бидејќи стриктно одбиваше да бара смртна казна, дури и во случај на убиство на полицајци. Освен тоа беше мета на критики дека не презема доволно одлучни чекори за сузбивање на корупцијата во институциите на прогон. Таа бараше систем со високи парични казни, како и потенцијален затвор за родители на деца кои премногу често бегаат од часови, мерка која надпропорционално погодува темнокожни лица. Во 2014 година се смееше за обидот за легализација на марихуана за по пет години, кога сакаше да стане претседателски кандидат, да нагласи дека е „апсолутно за".

Во 2015 година најави дека ќе се кандидира за сенатор во Вашингтон и организираше политичка поддршка за Џо Бајден и тогашниот претседател Барак Обама. Во 2017 стана втората црна жена во американскиот Сенат. Во 2019 година беше дел од трката за претседателски кандидат на Демократите, со Бајден како единствен противник.

Внатрепартиски натегања со Бајден

Во интерната партиска борба, Харис беше безмилосна и во една од дебатите му префрли на Бајден дека соработува со сенатори кои во 70-тите и 80-тите години се противеле на укинувањето на расната поделба. Таа го обвини дека заедно со нив работел против антирасистичка мерка со која најчесто афроамерикански деца од сиромашни предели со етнички малцинства беа носени во училишта со белци и обратно. Бајден возврати дека погрешно ја претставува неговата позиција и дека тој повеќе се доживува како „јавен бранител", а не како јавен обвинител. Годините како јавен обвинител за време на кампањата беа основа за фотомонтажата „Камала е полицаец“, на која таа е облечена во полициска униформа. Таа потоа се повлече од трката и го поддржа Бајден кој пак ја направи потпретседателка.

Миграциска политика: доверба и неуспех

Бајден и Харис заеднички водеа тешка кампања и го поразија тогашниот претседател Трамп и заменикот Мајк Пенс. На 20 јануари 2021 година положија заклетви, две недели по насилството во Капитолот кога толпата бараше непризнавање на изборниот резултат. Харис повторно влезе во историјата како прва жена, прва црна и прва со индиско потекло на функцијата потпретседателка на САД. Функцијата наложува таа да ја преземе должноста доколку претседателот умре или веќе не биде во состојба да ги извршува должностите. Таа не успеа во четирите години во Белата куќа дополнително да се профилира. Во 2021 Бајден ѝ даде задача да се справи со причините за миграција во погодените земји. "Не можам да си замислам никој кој би бил подобро квалификуван за таа работа", рече Бајден за Харис и додаде дека „таа зборува во негово име."

Средби со луѓе во Гватамала - Камала Харис
Средби со луѓе во Гватамала - Камала Харис во обид за запирање на бегалскиот бран, јуни 2021 годинаФотографија: Jim Watson/AFP

Подарокот беше отровен, бидејќи и покрај средбите на Харис со лидерите на латино-американските држави, бројот на нелегални преминувања на границата растеше. Минатата година беше забележан нов рекорд. Републиканците веднаш ја нарекоа „кралица на границите“ и остро ја критикуваа за тоа што не го намалила бројот на мигрантите.

Право на абортус:  „Сѐ е на коцка"

Харис во меѓувреме најде нов поле на кое ги поразува нејзините политички противници. Откако Врховниот суд на САД во 2022 година ја укина пресудата Ро против Вејд и со тоа фактички ги направи абортусите во големи делови од државата невозможни, Харис стана силен гласноговорник за правото на абортус. На почетокот на годинава ја започна нејзината турнеја во „Борба за репродуктивна слобода" во САД. „Екстремистите низ целата земја и натаму ги напаѓаат нашите тешко стекнати слободи", ја цитира Белата куќа Харис. Трамп пак стои зад пресудата на Врховниот суд и си ја припишува како своја заслуга. Неколку дена пред телевизиската дебата меѓу Трамп и Бајден на крајот на јуни годинава, Харис предупреди дека во случај на победа на Трамп, „за репродуктивните права се е на коцка".

Борба за правото на абортус - протест во американската сојузна држава Аризона
Борба за правото на абортус - протест во американската сојузна држава Аризона во април 2024 година Фотографија: Joel Angel Juarez/The Republic/USA TODAY Network/IMAGO

 Иднината на Демократската партија

По слабиот настап на Бајден во дебатата, Харис беше меѓу најжестоките поддржувачи, дури и откако некои демократски политичари почнаа да ја споменуваат неа како замена за Бајден. Карин Жан Пјер, портпаролка на Белата куќа, рече дека Бајден во 2020 година се одлучил таа да стане потпретседателка меѓу другото и затоа што „таа е иднината на партијата".

Кога  Бајден по повеќенеделни дебати за неговата состојба објави дека се повлекува од трката,  ја препорача Камала Харис како  нов кандидат за претседател на Демократите.  Влијателни лица во партијата меѓу кои и Бил Клинтон и неговата сопруга Хилари, гувернерите од Калифорнија, Пенсилванија и Северна Каролина, веднаш го поддржаа предлогот.