Џо Бајден се повлече од претседателската трка
21 јули 2024Џо Бајден се повлече од претседателската трка по растечкиот притисок од неговата Демократска партија како резултат на неговиот лош настап на првата дебата со противкандидатот Доналд Трамп, и серијата гафови во јавноста. Бајден планира да остане на чело на државата се до крајот на актуелниот мандат, на 20 јануари 2025 година.
„Најголемата чест во мојот живот беше да служам како ваш претседател. И, иако планирав да барам повторен избор, сметам дека е во најдобар интерес на мојата партија и државата да се повлечам и целосно да се посветам на исполнување на моите обврски како претседател до крајот на мандатот“, напиша Бајден во писмо објавено на платформата Х.
Околу 30 минути подоцна, Бајден ја поддржа Камала Харис, актуелната потпретседателка, како негова замена на демократската конвенција закажана за август.
„Денеска сакам да ја понудам мојата целосна поддршка за Камала да биде кандидат на нашата партија. Демократи време е да се обединиме и заедно да го победиме Трамп“, напиша Бајден на Х.
Историски преседан
Одлуката на Бајден се случува во период кога тој е во изолација во неговата вила во Делавер, откако минатата недела се зарази од Ковид-19. Бајден најави дека подоцна неделава ќе и се обрати на нацијата, за да ја објасни одлуката.
Ниту еднаш досега во американската историја не се случило партиски кандидат и актуелен претседател да се повлече од кампањата за втор мандат. Во најслична ситуација беше Линдон Џонсон кој, под притисок поради војната во Виетна, во март 1968 година најави дека нема да се кандидира за втор мандат.
Сега, демократите треба во најбрз рок да го доведат во ред изборниот процес и за неколку недели да ги убедат гласачите дека новиот кандидат е вистинскиот избор за ривал на Трамп.
59-годишната Харис делува како негов природен наследник, во најголем дел затоа што таа е единствениот кандидат кој смее да ги искористи средствата собрани досега од Бајден. Останува да се види дали и други кандидати ќе и се спротивстават на Харис на конвенцијата на демократите која започнува на 19 август.
Опозициските републиканци, вклучително и Доналд Трамп, експресно повикаа Бајден веднаш да се повлече од претседателската функција, оценувајќи дека тој не е во состојба да биде претседател.