1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Дали Демократите можат да го заменат Џо Бајден?

Карла Блајкер
3 јули 2024

По ТВ-дуелот меѓу Бајден и Трамп, меѓу Демократите се води дебата за тоа дали би било подобро за партијата доколку Бајден се повлече. Колку е тоа веројатно и што би се случило доколку тој се повлече?

https://p.dw.com/p/4hoBh
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден засега не помислува на повлекување на кандидатуратаФотографија: Kyle Mazza/NurPhoto/IMAGO IMAGES

По првото ТВ-соочување меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот  противкандидат Доналд Трамп во четвртокот вечерта, не е претерување да се каже дека либералниот дел од земјата беше во очај.  Бајден звучеше слабо.  Во текот на целата вечер  изговараше реченици кои немаа смисла.  Корисниците на социјалните мрежи се пошегуваа дека Бајден треба да биде „заменет“ од потпретседателката Камала Харис за време на паузите за реклами, и дека дебатата изгледаше како понижувачка семејна расправија.

„Демократите се во состојба на паника“, изјави раководителката на ТВ-студиото на Дојче веле во Вашингтон, Инес Пол, веднаш по завршувањето на дебатата во четвртокот навечер.

Џо Бајден Доналд Трамп
Џо Бајден звучеше слабо во ТВ дуелот со Доналд ТрампФотографија: Mike Blake/REUTERS

Но каква е состојбата кај Демократите неколку дена по дуелот?

„Веднаш по дебатата имаше  голема нервоза и негативна енергија во партијата.  Но, во последните неколку дена е постигната консолидација во базата на Демократската партија“, вели за ДВ Кетрин Кливер Ешбрук, германско-американска експертка за трансатлантски политика во германската фондација Бертелсман.  И додава: „Потенцијалните кандидати, кои беа предложени да го заменат Џо Бајден, веднаш по дебатата му дадоа силна поддршка на претседателот“.

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, еден од оние кои беа споменувани како замена за Бајден, за американската телевизија Ем-Ес-Ен-Би-Си изјави: „Не му се врти грб на кандидат поради еден настап. Која партија го прави тоа?

Колку е веројатно Бајден да се откаже?

Факт е дека и пред дуелот постоеше загриженост дека Бајден не е најдобриот кандидат за изборите поради неговата старост. Таа загриженост се засили по дуелот Бајден-Трамп. Замена на претседателски кандидат, кој е и актуелен претседател на САД, доцна во трката би било многу необично. Но, тоа не е невозможно.

„За да се ​​замени кандидатот во овој момент, идеално би било тој самиот да се повлече“, истакнува Филипо Тревисан, вонреден професор на Факултетот за комуникации на Американскиот универзитет. Тоа, според него, би било наједноставно.

Тревисан исто така вели дека не гледа дека Бајден, кој целиот свој живот го поминал во политиката, се повлекува и се откажува од шансата да добие втор мандат во Белата куќа. „Работите би можеле да се променат во текот на следната недела, кога ќе ги погледнете резултатите од анкетите“, додава Тревисан, експерт за американската политика и кампањи. „Но, во моментов, врз основа на она што го слушнавме од Бајден и неговиот тим од кампањата, мислам дека е многу малку веројатно дека тој ќе се повлече."

На 1 јули, согласно со кампањата на Бајден, беше објавена реклама во која се прикажува решителниот Џо Бајден кој ѝ зборува на публиката: „Знам дека не сум млад човек, но знам како да ја работам оваа работа...и знам, како што знаат милиони Американци, дека откако ќе паднеш, стануваш“.

Отворена конвенција: Што ќе се случи ако Бајден се повлече?

На прелиминарните избори, поддржувачите на Демократите и Републиканците гласаат за политичарот за кој што сакаат да биде нивен кандидат. Кој и да победи во секоја од 50-те држави ги „добива“ делегатите од таа држава. На националната конвенција во август, односно на Конгресот на Демократската партија на кој се номинираат кандидати, тие делегати гласаат кој ќе биде претседателски кандидат на партијата. Огромното мнозинство од нив му беа ветени на Бајден. Не се обврзани со закон да гласаат за него, но според природата на нештата, односно според тоа како функционира процесот на предизборите во САД, се очекува тоа да го сторат. Ако Бајден се повлече, „ќе има општа мешаница, неконтролирана ситуација“, вели Тревисан. „Тогаш тие би можеле да гласаат за кого сакаат." Ова се нарекува „отворена конвенција“. Делегатите би гласале според нивната совест.

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден освои огромно мнозинство од гласовите на делегатите на предизборитеФотографија: Justin Sullivan/Getty Images

Раководството на Демократската партија би го избрало кандидатот за кој смета дека има најголеми шанси да победи на претседателските избори и би се обидело да ги придобие делегатите да гласаат за него. „(Потпретседателката) Камала Харис би имала право да биде првиот избор“, изјави за ДВ Џ. Мајлс Колман, аналитичар и експерт за избори во Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија веднаш по дуелот.

Американскиот експерт за политика и кампањи Тревисан смета дека изборот на Камала Харис во тој случај можеби не е најдобриот потег. „Нејзината поврзаност со администрацијата на Бајден може да има негативен ефект. Нејзиниот рејтинг е сличен на оној на Бајден." Кога претседателот не е во можност да ги извршува своите должности поради, на пример, болест или итна медицинска процедура, потпретседателот ја презема работата. Но, не станува автоматски кандидат кога претседателот ќе се повлече пред конвенцијата.

Можна замена за Бајден: Харис, Њусом, Витмер

Предложени се неколку имиња за можни претседателски кандидати, доколку Бајден се откаже од претседателската трка. Покрај потпретседателката Харис и гувернерот на Калифорнија Њусом, тука е и гувернерката на Мичиген, Гретчен Витмер. Витмер прво беше избрана за гувернер во 2018 година, а потоа реизбрана во 2022 година. Нејзиниот реизбор се сметаше за голем успех, бидејќи 2022 година беше изборна година под демократскиот претседател (Бајден) и вообичаено им е потешко на кандидатите од партијата на актуелниот претседател да ги придобијат гласачите. Но, Витмер успеа, со поголема разлика од очекуваната, и во важната клучна држава Мичиген, која не се смета за сигурна држава за Демократите како Калифорнија или Њујорк. Но, како и другите моќни демократски политичари, Витмер јавно го поддржа Бајден по дебатата, пишувајќи на социјалната мрежа Х: „Треба повторно да ги избереме Џо Бајден и Камала Харис“.

Може ли да се избере друг кандидат против волјата на Бајден?

Што ако Бајден не се повлече, а Демократите сè уште сакаат да постават друг кандидат на конвенцијата на Демократската партија во август? „Тоа нема да успее“, вели Кливер Ешбрук. „САД имаа прелиминарни избори за селекција односно избор на претседателски кандидат, на кои Џо Бајден освои 99% од делегатите. Свесното противење на гласот на делегатите е заобиколување на демократскиот процес. Кога земјата е во опасен момент за демократијата, никој во Демократската партија нема да го проба тоа,“ смета Кливер Ешбрук.Доколку Бајден се повлече подоцна, по конвенцијата, на пример поради здравствени причини, тогаш ниту делегатите нема да можат да гласаат за нов кандидат. Наместо тоа, ќе се состане националниот комитет на Демократите и ќе одлучи за кандидат - нешто што секако ќе поттикне дискусии за  состојбата на демократијата во САД.