1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

А што ако Бајден навистина се откаже?

дпа
20 јули 2024

Се множат знаците дека американскиот претседател Џо Бајден може да се повлече од претседателската трка. На неговата партија тогаш би ѝ претстоеле турбулентни недели.

https://p.dw.com/p/4iXLJ
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден под притисокФотографија: Samuel Corum/Getty Images

Притисокот врз американскиот претседател Џо Бајден да се повлече од трката за претседателската функција во изминатите денови станува сѐ поголем. Загриженоста за неговата возраст и  сомневањата за неговата ментална подготвеност  се огромни, дури и кај неговите најблиски и доверливи луѓе. Според пишувањата на медиумите,  демократот размислува за повлекување. Но што ако Бајден сега се повлече? Бајден веќе победи на внатрешните прелиминарни избори на неговата партија и го доби потребниот број делегатски гласови за партиската конференција за номинација, која ќе се одржи од 19 до 22 август во Чикаго, Илиноис. Всушност таму 81-годишникот треба и официјално да биде избран за претседателски кандидат.

Ако Бајден навистина се повлече  кратко пред тоа, делегатите во Чикаго веќе не би биле обврзани со исходот на прелиминарните избори во нивните сојузни држави, туку слободни во донесувањето свои одлуки. Демократите веројатно нема да бидат заинтересирани толку кратко пред изборите да започнат отворен конкурс помеѓу неколку кандидати за замена и партиската конференција да се претвори во бина за гласачка драма. Поверојатно е дека тие би пробале однапред  да ја соберат партијата зад нов лидер.

Кој би можел да биде тоа?

Потпретседателката на Бајден, Камала Харис, се смета за природен наследник на Бајден. Сега постојат некои индиции дека Бајден во случај на неговото повлекување може да ја предложи на Харис како претседателски кандидат за изборите во ноември. Притоа 59-годишната долго време се сметаше за бледа на нејзината позиција и мораше да се бори со лошиот рејтинг во анкетите.

Но, со оглед на неизвесноста околу кандидатурата на Бајден,  таа од неодамна ги подобри вредностите во анкетите.

Потпретседателката на Бајден, Камала Харис
Потпретседателката на Бајден, Камала Харис, се смета за природен наследник на БајденФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Харис е првата жена и првата црнка што се заколна како американски потпретседател. Нејзиниот татко своевремено емигрирал од Јамајка за да студира економија. Нејзината мајка, научничка која се занимава со истражување на рак и активистка за граѓански права, дошла од Индија. На Демократите би им требале навистина добри причини за едноставно да ја игнорирате Харис. Покрај тоа, таа преку нејзината улога е позната на национално ниво,  веќе ги има поминато сите проверки за Белата куќа и таа веројатно би можела да добие пристап до апаратот за изборна кампања и веројатно и пристап до донациите собрани од Бајден, бидејќи таа веќе е дел од неговата кампања за реизбор како негов заменик. Сепак: Ако влета Харис, до партиската конференција ќе и треба кандидат за потпретседател.

Дали има алтернативи за Харис?

Покрај Харис, во последно време најчесто споменувани имиња беа Гевин Њусом и Гретчен Витмер. Њусом (56) е гувернер на моќната сојузна држава Калифорнија. Се прослави на национално ниво и интензивно работеше на својот политички профил, неодамна меѓу другото, со високо признати патувања во странство.

Витмер (52) е гувернерка на Мичиген и долго време се сметаше за надежна сила во партијата. Пред изборите во 2020 година, Бајден ја имал предвид за кандидат за свој заменик. Според американските медиуми, се вели дека и двајцата интерно јасно ставиле до знаење дека не се на располагање за евентуален потпретседател на Харис.

Што ако Бајден се повлече дури после партиската конференција?

Доколку Бајден се повлече од трката  по неговата официјална номинација, на потег ќе биде раководството на партијата. Демократскиот национален комитет (ДНК) брои неколку стотици членови - со претставници од сите сојузни американски држави. Значи, не би бил многу мал раководен орган на кој би му паднало донесување на одлуката. Меѓутоа, според експертите, не би наишло на добар прием ако за тоа кој ќе настапи како кандидидат за партијата би се одлучило во еден ваков круг. За да се спречи ова, теоретски би било можно да се свика вонредна партиска конференција – доколку тоа воопшто временски и логистички би било изводливо.