Белата куќа ги демантира гласините за Паркинсон на Бајден
9 јули 2024Портпаролка на американскиот претседател Џо Бајден по извештајот за посети на специјалист за Паркинсонова болест во Белата куќа изјави дека Бајден не се лекува од Паркинсонова болест. „Дали претседателот се лекуваше од Паркинсонова болест? Не. Дали се лекува од Паркинсонова болест? Не. Дали зема лекови за Паркинсонова болест? Не.“, изјави вчера (8.07) портпаролката Карин Жан-Пјер.
Подоцна Белата куќа објави писмо од личниот лекар на Бајден, Кевин О'Конор. Во него докторот пишува дека освен трите годишни прегледи, Бајден не посетил невролог.
„Њујорк тајмс“ претходно објави дека неврологот специјализиран за Паркинсонова болест, Кевин Канард, ја посетил Белата куќа осум пати од летото 2023 година до пролетта оваа година.
Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби веќе ги коментираше шпекулациите за здравствената состојба на Бајден. Кирби пред новинарите рече дека сојузниците на НАТО кои се собраа на самитот во Вашингтон оваа недела не се загрижени за лидерските способности на Бајден: „Прашањето претпоставува дека тие би требало да се уверат во американското лидерство и посветеноста на претседателот Бајден“, рече Кирби како одговор на прашање, додавајќи дека тој не мисли оти „тоа е така“. „Не откривме никакви знаци за такво нешто меѓу нашите сојузници“, тврди Кирби.
Од неговиот катастрофален настап во телевизискиот дуел со ривалот Доналд Трамп на крајот на јуни, 81-годишниот Џо Бајден се соочува со сè поголеми дискусии во сопствената партија за неговата ментална соодветност за претседателската функција. Но, според неговите сопствени изјави, тој е „цврсто решен“ да остане во претседателската трка.