САД: Зголемени царините за електрични автомобили од Кина
14 мај 2024Американскиот претседател Џо Бајден стави цела редица на кинески производи, меѓу кои електрични автомобили, полуспроводници и минерали под посебен царински режим поради загриженоста од поплава од увоз на сметка на домашните производители. Увозните давачки на електричните автомобили ќе се зголемат од 25 на 100 проценти, како што објави владата во Вашингтон во вторникот.
Литиум-јонски батерии за електрични возила и други делови за батерии во иднина наместо на 7,5 ќе подлежат на царина од 25 проценти. За соларни ќелии стапката е двојно зголемена, на 50 проценти, исто така и за полуспроводници. За одредени критични минерали царините се утврдени на 25 проценти.
Демократот Бајден уште во 2022 година дал налог да биде извршен преглед на мерките кои беа воведени од неговиот републикански претходник Доналд Трамп. Во САД минатата година имало увоз на стоки од Кина во вредност од 427 милијарди долари, но таму извезле само 148 милијарди долари. Огромниот трговски дефицит е критикуван со децении.
„Кина ја користи истата стратегија како и порано за да го стимулира сопствениот раст на сметка на другите, продолжувајќи да инвестира во домашните прекумерни капацитети и преплавувајќи ги светските пазари со извозни стоки, чија вредност е под цена поради нефер практиките", ги објасни мерките националната економска советничка во Белата куќа, Лаел Брејнард.