1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Самит на САД и ЕУ – хармонијата завршува кај трговијата

Бернд Ригерт
20 октомври 2023

На вториот евро-американски самит со претседателот Џо Бајден, треба да се демонстрира слога. Тоа не е сосем успешно кога е во прашање економијата, во која секоја страна си има свои интереси.

https://p.dw.com/p/4Xkuu
Трговија САД ЕУ
На евро-американскиот самит треба да се демонстрира слога, но кај трговијата владее конкуренцијаФотографија: Ohde/Bildagentur-online/picture alliance

Ако се прашуваат европските учесници на самитот, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, средбата во Белата куќа ќе биде нов доказ за уникатната трансатлантска хармонија. Евродипломати во пресрет на вториот самит со Бајден велат дека „има толку високо ниво на соработка колку што немало никогаш до сега“. Тоа пред се` важи за надворешната и безбедносната политика. ЕУ и САД се на иста позиција како за помошта за Украина за одбрана од Русија, така и за поддршката на Израел во одбраната од теророт од Хамас. Заеднички треба да се ограничат и растечките апетити на Кина за моќ, да му се пристапи на глобалниот југ и Северна Кореја и Иран да се држат во шах.

Воздржаност во Белата куќа?

Бајден се радува на посетата од Брисел, се вели во соопштение од Белата куќа и се додава дека „заеднички ќе се унапреди трансформацијата кон економија на чиста енергија“.  Кога станува збор за трансатлантската трговија и економската отпорност, нештата звучат потрезвено. „Ќе ги разгледаме заедничките активности", се вели во соопштението. Дури и евродипломати признаваат дека  во однос на трговските разговори се` уште има неслога.„Имаме  разлики во ставовите и интереси на ЕУ  кои мора да се бранат", се вели од дипломатски кругови.

Урсула фон дер Лајен, Џо Бајден и Шарл Мишел
На првиот самит ЕУ-САД во јуни 2021 година Урсула фон дер Лајен, Џо Бајден и Шарл Мишел носеа маски поради пандемијатаФотографија: Patrick Semansky/AP Photo/picture alliance

Ќе останат ли казнените царини замрзнати?

Во споредба со  грубиот претходник Доналд Трамп,  ЕУ со Бајден постигна голем напредок. Трамп произволно воведуваше  казнени царини за челик и алуминиум од Европа.  Бајден барем ги замрзна таквите царини. Избегнат беше долгогодишен спор во рамки на Светската трговска организација. Сепак, преговорите за укинување на царините не можеа да бидат финализирани пред самитот во Вашингтон. Претседателот на Комисијата за трговија при Европскиот парламент, Бернд Ланге, во разговор со ДВ изрази надеж дека царините во најмала рака ќе останат замрзнати до крајот на 2024 година, односно до после изборите во САД, кои ќе се одржат во ноември истата година. „Две години примирје со царините за челик и алуминиум истекуваат на 31 октомври годинава. Сега се работи за тоа да се најде трајно решение. Но, тоа уште не е решено, вели Ланге во Стразбур. „Примирјето" беше постигнато на првиот самит со Бајден во јуни 2021 година.

Субвенции на двете страни од Атлантикот

И натаму е според Законот за намалување на инфлацијата во САД, со кој владата дели 370 милијарди долари субвенции во текот на десет години претежно на американски компании за да поттикне инвестиции во зелена енергија и техника.  Негативните влијанија на законот врз европските компании  не се толку силни како што се стравуваше пред една година, но некои фирми одлучија новите фабрики за водород, електрични возила и други „зелени“ производи наместо во Баварија на пример, да ги изградат во Тексас. „Проблемот е што субвенциите се исплатуваат само за производи кои се произведени во САД и на тој начин европските производи се изолираат. Постои притисок за префрлање таму“, критикува експертот за трговија на ЕП, Ланге.

Доналд Трамп го пречека Жан Клод Јункер  2018 година
Застрашувачко сценарио за трговските ЕУ-политичари: бившиот претседател Доналд Трамп го пречека Жан Клод Јункер со студен туш во 2018 година во врска со царинитеФотографија: picture-alliance/K. Dietsch

Американските власти направиле неколку исклучоци, кои на пример им дозволуваат на европските производители да продаваат електрични возила на пазарот и да примат соодветни субвенции. Ако возилото е на лизинг од Европа, тогаш правилото дека мора да е произведено во САД важи само со ограничувања. Економистите од бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“ во една анализа утврдија дека стравувањата на ЕУ биле претерани, особено што и ЕУ користеше масовно субвенции за да привлече компании. Само еден пример за тоа е ТисенКруп, кој во Дизбург гради фабрика за климатски неутрално произведен челик и инвестира три милијарди евра. Две милијарди од нив се субвенции од Германија и ЕУ.  Строгите правила за субвенционирање во ЕУ, по стапувањето на сила на американскиот Закон за намалување на инфлацијата, беа олабавени. Рокот на важење на таквите исклучоци може да биде продолжен.

Најважните трговски партнери на Германија во 2020 година
Најважните трговски партнери на Германија во 2020 година

Каде е стратегијата?

Критичарите забележуваат дека нема единствена стратегија во ЕУ за да се пресретне американската иницијатива. Првично планираниот „стратешки фонд за суверенитет“ на ЕУ летото пропадна, затоа што би бил прескап. Наместо тоа околу 40 проценти од Фондот за обнова по короната се резервирани за зелени инвестиции, односно околу 250 милијарди евра. Освен тоа ЕУ се обидува со нови закони за производство на полупроводници, вештачка интелигенција и обработка на податоци да привлече истражувачки и производни капацитети во Европа, или пак постоечките да ги задржи тука. Политички пробив може да има во Вашингтон во преговорите за заеднички „клуб за набавки“ за ретки руди и минерали. САД преферираат производи од пријателски настроени држави како Австралија. Таквите привилегии наскоро би можела да ги ужива и ЕУ. Но, двата партнера имаат дијаметрално спротивни сфаќања во однос на  регулативата за големите интернет концерни  и за вештачка интелигенција. ЕУ бара построги правила, а Бајден е за либерален пристап.

ТТИП 2.0 како се`опфатен трговски договор?

Преговорите околу трговските прашања ќе продолжат и по самитот кој однадвор оддава хармоничен впечаток. Но, што ќе се случи по изборите во ноември 2004 година е нејасно. „Не знаеме ниту кој ќе биде претседател по изборите", велат евродипломатите на прашањето дали има долгорочна стратегија ако Доналд Трамп стане претседател. На најголемите трговски блокови на светот, САД и ЕУ, всушност им е потребен опширен трговски договор, смета Холгер Герг од Институтот за светска економија. „Со оглед на светските кризи со пандемија и војни, како и растечките геополитички тензии, паметно е да се продлабочуваат трговските релации со пријателски земји. САД се меѓу најважните трговски партнери на ЕУ и споделуваат слични вредности. Расположението меѓу двете страни можеби е малку расипано по имплементацијата на Законот за намалување на инфлацијата и почетокот на преговорите за слободна трговија е добар момент таквите несогласувања да се отстранат", вели експертот за меѓународна економија, Герг, за ДВ. Веќе имаше прв обид за договор, кој беше пресечен од Трамп. Втор обид тешко дека ќе има дури и во евентуален втор мандат на Бајден, оценува Ланге. Тој учествувал во повеќегодишните преговори за пропаднатиот трансатлантски трговски и инвестициски пакет ТТИП и за ДВ вели: „Можеби би било добро да го има ТТИП, но во моментов нема да се постигне договор во кој САД преземаат обврски спрема трети држави. Тоа нема да може да помине во Конгресот", вели Ланге.  Двата дома од Конгресот би требало да дадат согласност за таков трговски договор, кој наидува на отпор и кај Републиканците и кај Демократите.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија