1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп нуди трампа за увоз на автомобили

БГ
5 јули 2018

Американскиот амбасадор во Германија на состанок со шефовите на автомобилската индустрија порачал дека претседателот Трамп ќе ги суспендира тарифите за автомобилите од ЕУ, доколку се укинат истите и за возилата од САД.

https://p.dw.com/p/30sUz
Trump droht EU mit Importzöllen
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Според сознанијата на германските медиуми, амбасадорот Ричард Гренел им пренел на првите луѓе на Дајмлер, Фолксваген и БМВ дека претседателот на САД, Доналд Трамп им нуди трампа со која и двете страни ќе бидат ослободени од давачки.

Минатиот месец Трамп се закани дека ќе наметне давачки од 20 проценти на сите возила произведени во ЕУ, со што би можел да и нанесе сериозен удар на европската автомобилска индустрија која е присутна на американскиот пазар.

Весникот „Ханделсблат“ ги цитира присутните на состанокот кој се одржал во просториите на американската амбасада во Берлин во средата. Сите три компании чии шефови биле присутни на состанокот одбија да ја коментираат неговата содржина.

Портпаролка на германското министерство за економија исто така одби да го коментира извештајот, со став  дека споровите со САД поврзани со трговијата се во надлежност на Европската комисија во Брисел.
И во Европската Комисија одбија да го коментираат случајот. Оттаму велат дека претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер на оваа тема ќе разговара со американскиот претседател Трамп во Вашингтон на крајот на месецов.

Во моментов, САД имаат увозни тарифи за автомобили од ЕУ во висина од 2,5 проценти и на камиони од 25 проценти. ЕУ, од друга страна, ги царини американските возила со 10 проценти.

Трамп веќе им воведе царини од 25 проценти на ЕУ, Канада и Мексико за увоз на челик и 10 проценти на алуминиум на почетокот на јуни годинава.

ЕУ се реваншираше со зголемување на царините на повеќе американски производи на 25 проценти, меѓу другото и за челик, алуминиумски производи, земјоделски производи, текстил и дури и мотори.

Протекционистичката политика на Трамп која е насочена и кон увозот од Кина, драматично ги зголеми стравувањата од трговска војна која би можела да ѝ наштети на светската економија.