1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

ЕУ постави граници за интернет-гигантите од САД

Фабијан фон дер Марк
27 март 2019

Големите интернет концерни во иднина мора да се придржуваат на европските прописи за авторски права. Тоа звучи како успех, но цената е висока, зашто политиката загуби контакт кон важни групи, смета Фабијан фон дер Марк.

https://p.dw.com/p/3Fhw3
BERLIN Protest gegen Uploadfilter und EU-Urheberrechtsreform
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Soeder

Никој не може сериозно да се сомнева во неопходноста од нова регулатива во оваа ситуација: во Европа се затвораат весници, банкротираат фотографи, уметници живуркаат на раб на глад. Истовремено Фејсбук и Гугл на своите страници објавуваат возбудливи вести, смешни фотографии и бесплатна музика, за која ништо не плаќаат, но ним им носи добивки во милијардски суми.

Креативните Европејци лиферуваат материјал, кој го користат американските комерцијални машини. Новинари и гитаристи го отстапуваат својот авторски материјал, за Фејсбук и Гугл да можат со него да трупаат пари од реклами, кликови и кориснички податоци. Концерните од САД притоа не плаќаат ни за уметниците, ниту даноци во Европа, додека креативците осиромашуваат. Можно ли е тоа?

Кој протестира на улиците

Со ваква аргументација всушност можат на протести да се изведат стотици илјади луѓе, во корист на новите правила. За тоа Гугл да треба да плати кога европските дела ги гарнира со реклами и од тоа прави пари. Но, проблемот е што на улиците низ Европа се собраа само противниците на новите закони за авторски права, а не борците за правата на европските креативци. Како можеше да се случи тоа?

Тоа стана можно зашто новата регулатива не цели само на американските интернет-гиганти, туку им влева страв и на помалите платформи во Европа. Можеше да се случи поради тоа што опасната контрола на содржините (филтер за прикачување) е речиси неизбежна на интернет, што жестоко го критикуваат посебно засегнатите корисници.

von der Mark Fabian Kommentarbild App
Фабијан фон дер Марк

А меѓу овие корисници сигурно има еден куп лошо информирани паразити, кои сметаат само по себе за свое право секоја содржина од интернет да можат да ја користат бесплатно. Меѓу нив се и исклучителни познавачи на интернетот, вистински експерти со оправдани сомнежи и идеи за нови правила за авторски права. Наместо да разговараат соовие последниве, политичарите од ЕУ ги навредуваат со етикетите – купени роботи (ботови).

Политиката со месеци ги толерираше стравовите низ интернет

Поддржувачите на новите правила пропуштија рекламирање и објаснување на своите намери. Тие дозволија со месеци низ интернет да се шират стравови и загриженост, стравови засилувани од моќните лобисти. Дури и омилени Јутјубери одработија за интересите на големите концерни. Опремени со можности за допирање до корисниците што одземаат здив, тие станаа фактички предводници на јавното мислење, и сѐуште се тоа.

Повеќе:

ЕУ- Дали Интернетот влегува во ера на цензура?

Бесот на интернет заедницата пред изгласувањето на правилата за авторски права беше огромен, нема да се намали ни сега, по донесувањето. Против германските владејачки политички партии минатите недели на улици и на интернет беа упатувани закани со негласање (#NieMehrCDU, во превод никогаш повеќе ЦДУ). Политичарите мора да им се приближат на своите критичари и да ги објаснат своите позиции. И тоа со поголем ангажман, емпатија и компетентност отколку досега, во спротивно, јазот кон генерацијата Јутјуб ќе остане огромен.