Избори во Франција: вовед во неизвесен втор круг
1 јули 2024Капејќи се во славата на прелиминарниот победнички резултат од 33,5% освоени гласови во првиот круг од предвремените парламентарни избори во Франција, младиот претседател на Национален собир (РН), Жордан Бардела го искористи првото постизборно обраќање за да се презентира како сериозен државник кој е многу повеќе од момче за постерите на крајно десната кампања. „Следната недела ако францускиот народ ни даде апсолутно мнозинство за да ја вратиме земјата на нозе, имам намера да бидам премиер на сите Французи и да го слушам секој еден од нив, почитувајќи ја опозицијата и имајќи го на ум националното единство", порача 28-годишниот пред толпата во Париз.
Крајната десница се чини дека е најблиску до доаѓање на власт од времето на окупацијата од нацистите во втората светска војна до сега, на чело со Бардела кој има амбиции да стане премиер во чудна „кохабитација“ со долгогодишниот претседател Емануел Макрон од политичкиот центар, чиј што мандат истекува во 2027 година. Но, тоа што Бардела рече „доколку францускиот народ“ носи тензија во оваа фаза од изборната битка, потенцирајќи ја моќта на народот да избере претставник и анимирајќи ги да го сторат тоа во корист на неговата партија. Според актуелните проценки, партијата РН која иницијално беше основана од осудениот расист Жан Мари Ле Пен, не би постигнала апсолутно мнозинство кога гласовите ќе се претворат во мандати.
Добар, но недоволен резултат на новата левичарска алијанса
Втора на изборите со очекувани 28.5% беше широката импровизирана коалиција на левото крило Нов народен фронт, составена од Социјалистите од левиот центар, Зелените и Комунистите, а преводена од хардлајнерот Жан Лук Меленшон. Партијата на Макрон со бизнис ориентираната централистичка алијанса, излезе со само 22% од гласовите според прелиминарните резултати. Иако функцијата на Макрон не е загрозена, бидејќи мандатот му трае до 2027 година, ризикот со распишување на предвремени избори се чини дека отиде во спротивниот правец.
По изненадувачките 31% кои РН ги освои на изборите за Европскиот паркамент на почетокот на јуни наспроти 14-те проценти на партијата на Макрон, претседателот кој се најде приклештен, го распушти парламентот, но народот вчера одговори гласајќи за РН.
Голема излезност, голема неизвесност
Во комплицираниот двостепен систем за гласање во Франција, уште ништо не се знае. Во 577 гласачки единици, сите кандидати кои имаат освоено повеќе од 12,5% одат во вториот круг, освен ако некој освоил повеќе од 50 проценти уште на првото гласање. Во тој случај тие веднаш добиваат место во парламентот и нема второ гласање.
Овојпат високата излезност, највисока во последните 40 години со речиси 70%, значи дека следниот круг ќе биде понеизвесен од вообичаено бидејќи се чини дека за многу места ќе се натпреваруваат тројца кандидати. За да избегнат поделба на гласовите во корист на крајната десница, конкуренцијата вети дека онаа партија чиј што кандидат е на трето место, ќе го повлече во вториот круг за да има поголема контратежа на десницата. Макрон синоќа во соопштение порача дека „соочени со РН дојде време за широка, јасно демократска и републиканска алијанса за вториот круг".
Меленшон и неговите колеги даваа слични ветувања за здружување против крајната десницам но колку ќе се држат до нив останува да се види.
Насекаде анимозитет
За Софи Порншлегел, аналитичар од тинк-тенкот Европа Жак Делор, многу нешта зависат од левичарскиот блок и десната републиканска партија, чија што позиција кога е во прашање РН не е толку јасна. Лидерот на партијата, Ерик Сиоти, притиска неговата некогаш силна партија која сега освои само 10 проценти од гласовите, да се здружи со РН. И Бардела во неговото обраќање иим пружа рака на Републиканците. Но, како што посочува Порншлегел, тие се длабоко поделени околу прашањето за можна соработка. Истовремено, некои гласачи од центарот ќе имаат тешкотии да го дадат својот глас за коалиција предводена од левичарскиот популист Меленшон на местата каде што партијата на Макрон се повлекува затоа што излегла трета.
Францускиот парламент „близу до неможност за владеење“
Со толку политички математики, во моментов е тешко да се предвиди составот на новиот парламент, вели Порншлегел и додава дека „многу зависи од тоа дали ќе има некаква коалиција против крајната десница, или пак ќе се распадне", вели таа во телефонски разговор со ДВ. Според Муџтаба Рахман, аналитичар во Евроазија групата, долниот дом ќе биде поларизиран. „Со ваквите бројки крајната десница ќе има проблем да добие мнозинство следната недела", пишува Рахман на платформата Х и додава дека „новиот француски парламент веројатно ќе биде близу до неможност за владеење."
Порншлегел смета дека „Макрон и натаму има доволно моќ, во уставна смисла, за да ги носи одлуките без разлика на тоа кој ќе биде премиер."
Што и да се случи, таа смета дека Франција се движи кон политички ќорсокак во една или друга форма, или кон можна технократска влада. Нештата би можеле толку да се влошат што Макрон може да свика и предвремени претседателски избори бидејќи според Порншлегел „не е возможно да се владее во сценаријата кои ние ги разгледуваме".