1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Блокирана Република? Сценарија за Франција по изборите

Андреас Нол
29 јуни 2024

Според истражувањата на јавното мислење, на предвремените парламентарни избори во Франција ќе победи екстремно десничарската партија Национален собир. Што значи ова за политичката иднина на земјата?

https://p.dw.com/p/4hdUN
Франција | Марин Ле Пен и Жордан Бардела
Марин Ле Пен и нејзиниот политички посинок Жордан БарделаФотографија: Julien de Rosa/AFP

Во Франција на 30 јуни и 7 јули ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Анкетите во моментов предвидуваат дека десноекстремниот Национален собир (РН) ќе го освои мнозинството места во Националното собрание.

Што значи ова за владеењето во Париз? Најважните прашања и одговори.

Кој премиер ќе биде именуван од претседателот Макрон по изборите?

Уставот на Петтата Република, усвоен во 1958 година, нема уставни ограничувања за претседателот при изборот и назначувањето на премиерот. Сепак, тој мора да го земе предвид мнозинството во парламентот.

Доколку премиерот нема парламентарна поддршка, Националното собрание би му изгласало недоверба. Владата тогаш ќе треба да поднесе оставка до Претседателот.

Ако РН освои мнозинство од местата во Националното собрание, претседателот Емануел Макрон ќе мора да му ја понуди функцијата премиер на лидерот на партијата РН, Жордан Бардела.

Тој нема алтернатива, вели францускиот експерт Ханс Старк од Универзитетот Сорбона во Париз. „Макрон е многу ослабен. Тој нема многу слободен простор.“

Но, 28-годишниот Бардела го поставува апсолутното мнозинство на пратенички места услов за преземање на владина одговорност. Во спротивно, како што вели, не би можел да ја спроведе својата политичка програма.

Со именувањето на Бардела за премиер, Франција би влегла во четврта „кохабитација“ во својата историја.

Елисејска палата Емануел Макрон
Макрон и неговиот кабинет: Претседателот претседава со состаноците во Елисејската палата (трет од лево)Фотографија: MICHEL EULER/POOL/AFP via Getty Images

Како функционира „кохабитацијата“?

Кога претседателот и премиерот доаѓаат од различни политички табори, извршната власт во Франција е поделена. Претседателот и премиерот потоа мора да работат заедно во таканаречена „кохабитација“ за доброто на земјата.

Првата „кохабитација“ датира од 1986 година - по бурниот развој на работите претходно - во мандатот на социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран. По поразот на парламентарните избори, Митеран ги назначи за премиери голистот Жак Ширак во 1986 година и неговиот партиски колега Едуард Баладур во 1993 година.

Од 1997 до 2002 година, социјалистичкиот премиер Лионел Жоспен владееше под конзервативниот претседател Ширак.

Поделбата на власта меѓу два различни политички табора води до повеќе „трошење“ - процесите на донесување одлуки често стануваат покомплицирани и побавни.

Успехот на кохабитацијата зависи најмногу од тоа колку добро премиерот и претседателот можат да соработуваат. Во Уставот на Петтата Република од 1958 година, кој важи и денес, „кохабитација“ не е експлицитно предвидена.

Колкав простор за одлучување има владата во „кохабитација“?

Во време на „кохабитација“, функцијата на претседателот привремено се префрла на премиерот. Тогаш не Макрон, туку новиот премиер би ги диктирал главните политички насоки.

Владата во „кохабитацијата“ има широк простор за дејствување особено во делот на внатрешната политика. Во надворешната и безбедносната политика, таа ја дели власта со претседателот, кој е одговорен за меѓународните односи.

Непосредно пред првиот круг на гласање, Марин Ле Пен објасни како РН ја замислува распределбата на моќта: „Врховен командант на вооружените сили е почесна титула за претседателот (на Републиката), бидејќи премиерот ги влече конците“.

Франција Жоспен и Ширак при посета на Берлин
Премиерот Жоспен (л.) и претседателот Ширак (д.) на самит во Берлин во 2001 годинаФотографија: Thomas Koehler/photothek/picture alliance

До борби за власт меѓу претседателот и премиерот може да доведат и внатрешнополитички и економски прашања, како што докажува првата „кохабитација“ во мандатот на Митеран.

На 14 јули 1986 година, националниот празник на Франција, претседателот јавно го дезавуираше својот премиер. Митеран најави дека нема да ги потпише владините декрети на Ширак за реприватизација на вкупно 65 национализирани банки, осигурителни компании и индустриски претпријатија.

Без потпис на претседателот на сила не може да стапи ниту еден владин декрет. Сепак, ова одбивање може само да го одложи планот на владата, но не и да го спречи.

Колку добро би соработувале Макрон и Бардела?

Претседателот Макрон отфрла во најмала рака делови од програмата на РН. Ханс Старк анализира дека РН може да се обиде „да го турка Макрон в ќош додека тој конечно не поднесе оставка“.

Сепак, целосна блокада на работата на влада на РН исто така би била незамислива. Макрон и Бардела веројатно би нашле разбирање.

Доколку претседателот ги отфрли плановите на неговата нова влада, за тоа ќе мора да наведе причини. Сосема е можно претседателот потоа почесто да го повикува Уставниот совет за да се проверуваат законите во однос на уставната компатибилност пред да бидат објавени. Некои владини проекти на РН може да пропаднат поради оваа пречка.

Што би се случувало при релативно мнозинство на РН?

Францускиот експерт Старк претпоставува дека Бардела ќе ја оствари својата најава и дека РН ќе се откаже од преземањето на владата ако партијата стане најсилна, но не успее да добие апсолутно мнозинство.

Ако ниту еден друг табор не може да формира мнозинство, републиката би била блокирана. Во овој случај, претседателот не може да нареди повторно распуштање на Парламентот. Уставот предвидува период на чекање од една година.

Во парламентот што Макрон го распушти на почетокот на јуни, партиите од претседателскиот табор имаа само релативно мнозинство. Затоа, владата постојано прибегнуваше кон член 49.3 од францускиот Устав кога се работеше за важни закони.

Франција | Жордан Бардела
28-годишниот Жордан Бардела го поставува апсолутното мнозинство на пратенички места услов за преземање на владина одговорностФотографија: Eliot Blondet/abaca/picture alliance

Тој ѝ овозможува на владата да донесе закон без гласање во Националното собрание. Освен ако во рок од 24 часа не биде поднесен и изгласан предлог за гласање недоверба на владата.

Сепак, овој уставен член е многу контроверзен во Франција. Малку е веројатно дека една нова влада на кохабитација би сакала да владее користејќи го членот 49.3 од почетокот на легислативниот мандат.

Каков излез би имало за блокирано Национално собрание?

Партиите досега се воздржуваа да сугерираат како би реагирале на Националното собрание без мнозинство. Познато е дека Марин Ле Пен од РН вели дека во ваков случај гледа момент за предвремени претседателски избори.

Сепак, Макрон не може да биде принуден да поднесе оставка. Не постои јасно сценарио за „блокирана република“ во Франција. Многу работи би зависеле од политичката динамика по изборите.

Во принцип, би можело да се замисли и формирање на непартиска експертска влада. Историски пример за ова во Петтата република нема.

Франција | Национално собрание
Ќе има ли јасно мнозинство во Националното собрание по изборите?Фотографија: Ludovic Marin/AFP/dpa/picture alliance

Може ли претседателот да ја распушти „блокираната република“?

Претседателот Емануел Макрон би можел да го активира членот 16 од францускиот Устав. Ова му дава на претседателот вонредни овластувања во кризни ситуации со цел да се обезбеди континуитет на државата.

Претседателот тогаш може да донесува закони и да објавува декрети без согласност на парламентот. Сепак, францускиот експерт Ханс Старк не верува дека членот 16 е вистинска опција за Макрон.

„Не гледам како тој може да го издржи тоа три години - до следните претседателски избори. Тоа во основа би значело дека ќе бидеме во постојан кризен режим.“