1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Предвремени избори во Франција: ризичната игра на Макрон

Ела Џојнер
11 јуни 2024

Францускиот претседател распиша парламентарни избори токму во моментот кога се чини дека е најслаб во однос на екстремната десница. На која карта игра Емануел Макрон?

https://p.dw.com/p/4gtdi
Францускиот претседател Емануел Макрон распиша предбвремени парламентарни избори
Францускиот претседател Емануел Макрон распиша предбвремени парламентарни избориФотографија: Ludovic MARIN/AFP

Француската престолнина во понеделникот беше потресена од политичка бомба. „Малку е чудно“, вели за ДВ случаен минувач во центарот на Париз, човек по име Жан Пол. „Беше многу изненадувачки што  Макрон одлучи да го распушти парламентот.  Не знам што да мислам“.

Жан Пол не е единствениот кој е збунет. Со распуштање на францускиот парламент и распишување на предвремени парламентарни избори во два круга, на 30 јуни и на 7 јули, долгогодишниот претседател Емануел Макрон ја изненади нацијата, вклучително и многумина во неговата партија.

На штотуку одржаните  избори за Европскиот парламент,  екстремно десничарската партија Национален собир (РН) ги „разнесе" проевропските либерали на Макрон и го притисна него уште повеќе до ѕидот. Антиимиграциската, евроскептична партија освои повеќе од 30 отсто од гласовите, а онаа на Макрон само 15 отсто.

„Екстремната десница е мизерија за Французите и деградација на нашата земја. Така, на крајот на денешниот ден, не можам да се однесувам како ништо да не се случило“, рече Макрон, истакнувајќи се себеси како оној што му го враќа изборот на народот.

Бардела премиер?

За Жан Пол, предвремените избори всушност би можеле да бидат добра работа. „Би било многу тешко за него да има добра влада. Па, затоа да ги расчистиме работите веднаш, па ќе видиме“. 

„Ако Французите се одлучат за екстремната десница... - во ред, и тоа е избор“, вели тој. „А ако сакаат да продолжат по средниот пат – Французите треба да одлучат“.

Позицијата на Макрон како претседател не е директно нападната поради најавените избори. Тој ја победи Марин Ле Пен во 2022 година, обезбедувајќи го својот втор и последен петгодишен мандат.

Во понеделникот партијата на Макрон почна да апелира до другите центристички сили да се обединат против РН.

Жордан Бардела и Марин Ле Пен Франција
Жордан Бардела и Марин Ле Пен со РН остварија огромен успех на европските избори во Франција Фотографија: Samuel Rigelhaupt/Sipa USA/picture alliance

Но, ако РН победи на изборите следниот месец, Макрон, кој ја презеде функцијата во 2017 година, би можел да биде принуден да го назначи лидерот на РН, Жордан Бардела за негов петти премиер.

„Пресметан ризик или лудо коцкање?"

Шокантната најава на Макрон веднаш стана главна приказна околу резултатите од изборите во ЕУ, додека аналитичарите се мачеа да разберат на што тој игра.

Муџаба Рахман, аналитичар во консултантската компанија „Евроазија група", го опиша тоа како „или пресметан ризик или лудо коцкање".

Се чини дека Макрон смета на поголема излезност и повнимателно гласање на националните избори, напиша Рахман во понеделникот на платформата X. Гласачите често ги користат изборите за Европскиот парламент за да ги казнат непопуларните домашни влади.

Во секој случај, Макрон, кој дома се соочува со 65 отсто неодобрување, најверојатно би бил принуден на предвремени парламентарни избори за да се обиде да го протурка буџетот за 2025 година подоцна оваа година, укажува Рахман.

Макрон можеби доби редок втор мандат во Елисејската палата, но тој претседава со малцинска влада од 2022 година, борејќи се да ја протурка својата агенда низ парламентот, понекогаш со форсирање на работите и користење на уставни инструменти. Што го направи непопуларен.

Павел Зерка од Европскиот совет за надворешни работи за ДВ вели дека одлуката на Макрон мора да се гледа низ таа призма. Макрон ризикува да ги живее последните три години од своето претседателствување „во сенка на тој резултат, очигледниот пораз од Марин Ле Пен“, вели Зерка.

Тој би морал да живее со фактот дека таа „постојано го повикува да распише нови избори и се обидува да го делегитимира неговиот кабинет“, нагласува Зерка.

Францускиот претседател, познат по својата самодоверба, големи визии и раскошни говори, се чини дека претпочита да оди во офанзива за повторно да ги освои француските срца и умови.

„Макрон верува дека може да оди на избори, соочувајќи ја Франција со јасен избор помеѓу про-ЕУ, проукраинско и центристичко статус кво, наспроти егзистенцијалниот ризик од една екстремно десничарска влада која останува длабоко антиевропска и има историја на обожавање и поддршка на Путин“, вели аналитичарот Муџтаба Рахман.

Инспирација од Шпанија?

Францускиот претседател можеби го имитира шпанскиот премиер Педро Санчез, кој ја стави својата кариера на коцка минатата година на предвремените избори - кои на крајот тој добро ги помина.

Но, Павел Зерка истакнува: ако планот на Макрон не успее, победници секако ќе бидат Ле Пен и нејзиниот 28-годишен наследник Бардела, кои моментално се во многу силна позиција.

„Не можеме да го исклучиме сценарио дека по изборите во јуни нејзиното влијание врз француската политика многу брзо ќе се зголеми, во случај таа да стане дел од идната влада“, посочува Зерка.

Последици за Европската Унија

Настапот на партијата на Макрон на претстојните избори има импликации и надвор од границите на Франција. Ако РН триумфира, Франција би можела да заврши како најновата членка на ЕУ со тврдодесничарска партија во владата, по Италија и Шведска.

Емануел Макрон - Олаф Шолц
Двоецот Емануел Макрон - Олаф Шолц е заслабнат Фотографија: ODD ANDERSEN/AFP via Getty Images

Резултатите од овие европски избори им зададоа тежок удар на лидерите во Париз и Берлин, политичкиот тандем на двете најмоќни нации на  Европската унија.

Во последниве години,  Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц  работеа заедно за да ја истуркаат нивната европска агенда за силна поддршка на Украина во нејзината војна со Русија и давање приоритет на климатската политика.

Со владите на  Германија и Франција  на разнишани нозе, и двајцата политичари изгледаат помалку моќни пред битката за највисоките позиции во ЕУ што следува по изборите за Европскиот парламент.

Во меѓувреме, грижите во Париз се повеќе од локална природа. Емануела, која исто така ја запревме на улица, за ДВ изјави дека му е лута на Макрон поради неговата ризична игра. „Не сум сигурна дека може да победи. Навистина не разбирам зошто го направи тоа, бидејќи како што јас ги гледам работите, тоа е начин екстремната десница да дојде во владата. Мислам дека тоа е вистинско коцкање, никогаш не се знае како може да се одвиваат работите“.