1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон со нов манифест: Европа може да умре!

26 април 2024

Битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена, таа ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија. Европа мора да почне од зајакнување на одбраната, изјави Макрон. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4fCgk
Емануел Макрон  говор на Универзитетот „Сорбона“ во Париз
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговиот говор на Универзитетот „Сорбона“ во ПаризФотографија: Christophe Petit Tesson/AP Photo/picture alliance

Постои ризик Европа да умре, ќе изјави францускиот претседател  Емануел Макрон  за време на неговиот говор на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, храмот на хуманизмот, од каде истовремено ќе повика да се воспостави пообединета, суверена и демократска Европа, наспроти, како што додаде, бројните геополитички и економски предизвици.

Евокацијата на смртта во говорите на Макрон има некое чудесно ревитализирачко дејство. Сѐ уште е свежо сеќавањето кога во 2019-та  Макрон предупреди од опасноста дека НАТО е во состојба на мозочна смрт. Од тогаш до денес, секако и поради руската инвазија на Украина, НАТО се разбуди и зајакна, се прошири на две нови членки како Шведска и Финска и денес доминира од Балтичкото Море до бреговите на Африка. Од тој аспект можеме да се надеваме дека и овој пат црните превизии на Макрон ќе имаат воскреснувачки ефект.

Макрон во својот говор сакаше да им покаже на критичарите дека не станал лидер во заминување и дека сѐ уште ги има енергијата и свежото размислување што му помогнаа да дојде на претседателската функција во 2017 година. Исто како и во 2017-та, кога Макрон ја истакна својата визија за Европа како пообединета, суверена и демократска, така и денес повторно од Сорбона, францускиот претседател кој во меѓувреме преживеа внатрешни немири, една пандемија и две војни на континентот, сега ја пласира новата верзија на неговата европска доктрина.

„Се наоѓаме во момент на големо забрзување“, објаснува францускиот лидер, во моментов зафатен и со менување на лидершипот на Европската Комисија каде како наследник на Урсула фон дер Лејен  го замислува Марио Драги.  „Треба да бидеме луцидни“, Европа денес може да умре, смртна е. Но, тоа зависи целосно од нашите избори, одлуки кои мора да се донесат денес“.

Предизвици и закани

Макрон го уклучи алармот: „Европа е опколена“ од закани и не е „доволно вооружена“ наспроти предизвиците предизвикани од „бескруполозни регионални сили“ како Русија и Кина. Во неколку наврати за време на својот повеќе од едночасовен говор, Макрон ќе ги покани Европејците да ја напуштат „наивноста“, збор кој што ќе го повтори неколку пати во своето обраќање. „Врз нашиот континент се одигрува  прашањето на војна и мир“.  Макрон повикува на креација на една „моќна Европа“, како одговор на големите предизвици на 21-от век.

Битката за изградба на силна Европа, како што рече тој, е далеку од завршена и посочи дека таа ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија. За таа цел Европа мора да почне од зајакнување на одбраната. Макрон предупреди и дека правилата на игра се сменети, но и дека Европа не е вооружена, како што додал, да се соочи со ризиците. Претставувајќи ја својата идеја за посилна одбрана на ЕУ, Макрон рече дека  не смее да и` се дозволи на Русија да победи во Украина и повика на зајакнување на европскиот сајбер-безбедносен капацитет, поблиски одбранбени врски со Британија по Брегзитот и создавање европска академија за обука на висок воен персонал. 

„Нема одбрана без одбранбена индустрија, ние со децении не инвестираме доволно“, додавајќи дека Европејците треба да му дадат предност на купувањето европска воена опрема. „Мораме да произведуваме повеќе, мора да произведуваме побрзо и мора да произведуваме како Европејци“. Макрон во својот говор ќе забележи и оти се завршени деновите кога Вашингтон ја гарантирал  безбедноста на Европа, како и дека тоа најмногу било изразено по инвазијата што рускиот претседател Владимир Путин ја изврши во Украина и со тоа ја донел војната во дворот на Европа. „Европа мора да покаже дека не е вазал на САД и дека знае да разговара и со сите други региони во светот“.

 Емануел Макрон Сорбона Париз
Постои ризик Европа да умре, изјави францускиот претседател Емануел МакронФотографија: Blondet Eliot/ABACA/picture alliance

Францускиот лидер се надева дека неговиот говор ќе го има истото влијание како сличното обраќање во Сорбона што го одржа пред седум години, а каде предочи на некои значајни промени во политиката на ЕУ.  Овој пат од сцената на Сорбона 2, како што многумина ја нарекоа, Макрон објаснува дека Европа треба да одговори на предизвиците со „сила, просперитет и хуманизам“. Целта е „да и` се даде содржина на Европа, со цел да не исчезне“. Во наредните месеци, Макрон најави дека сака да ги покани сите европски партнери со цел да создадат „заедничка одбранбена иницијатива“ која би била кредибилна наспроти „руските ракети“, заговарајќи и можеби еден заеднички европски антиракетен штит.

Опасност од економско заостанување на Европа

Макрон рече и дека Европа ризикува да заостане  економски, во контекст кога глобалните правила за слободна трговија се оспорувани од големите конкуренти, и повика на намалување на бирократијата за малите и средни бизниси. Во таа насока, Макрон повторно зборуваше и за одбранбените фондови, односно, идејата за нов заеднички заем преку кој би се финансирала европската одбрана. Идејата за нов „recovery“ план е нагласена и во насока на обезбедување средства за финансирање на еколошката и дигиталната транзиција, односно, огромните средства кои во наредните години ќе и` бидат неопходни на ЕУ со цел да го оддржи чекорот со САД и Кина. Во неговиот економски дискурс ќе се осети и мала провокација околу монетарната политика: „Не може да имаме Централна банка чија единствена цел е инфлацијата“. Макрон фактички ја лансираше својата идеја за заедничка фискална политика и инвестициски шок.

Парадоксот, како што ќе нотира Макрон е дека „европеизмот ја победи грамшианската битка“. „Сите национализми се откажаа од своите предлози за напуштање на Европа“. На нешто повеќе од еден месец од европските избори, францускиот лидер со говорот од Сорбона фактички ја започна својата кампања за 9-ти јули, каде според анкетите двојно заостанува пред  листата на Марин Ле Пен.

Европски хуманизам

Макрон ја трасираше својата визија за следното европско законодавство во француска салса, која содржи бројни конкретни предлози, иако финалниот дел од неговиот говор е речиси филозофски, посветен на одново откривање на европскиот хуманизам, токму во моментот кога континентот кој ја измисли либералната демократија се чувствува загрозен и во своите основачки вредности и принципи. „Од Париз до Варшава, од Лисабон до Одеса, имаме уникатен однос кон слободата и правдата“, ќе нагласи Макрон, евоцирајќи ги Ренесансата и Илуминизмот и нагласувајќи ја идејата дека Европејците не може да бидат само „делче од Западот“, туку мора да се вратат како протагонисти во големите трансформации на овој век. „Европа не е само географија, таа е и култура“, ќе заклучи Макрон.

Дека зборовите на Макрон не делуваат само како нов дијалектички блеф потврдува и поддршката од Германија. Мерките за економски посилна и побезбедна Европа на претседателот на Франција се суштински – оцени германскиот канцелар Олаф Шолц и рече дека ги поддржува и дека заедничката цел на Франција и Германија е да ја одржат Европа силна. Очигледно е дека Берлин полека се помирува со француското будење и фактот дека Европа сѐ помалку е под германско водство, а сѐ повеќе под француско. Германија се наоѓа во момент на слабост предизвикан пред сѐ од економските и внатрешно-политичките проблеми, па оттука и нејзиното политичко владеење со Европа доживува одредено ослабнување. За волја на вистината, франко-германскиот дуопол сѐ повеќе преоѓа во триаголник, каде Полска на Таск внесува една доза на рамнотежа и посредништво помеѓу двата гиганти. Вајмарскиот триаголник и покрај историската недоверба и националните аспирации, полека, но сигурно гради една нова обединетост, разбирање и лидершип во Европа.

 Се разбира, под услов да не превладее француската мегаломанија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема