1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Избори во Франција: Кога фудбалерите се политизираат

АРД
18 јуни 2024

Франција од вчера и официјално е во предизборна кампања. Многумина се плашат од подемот на екстремната десница - други копнеат по тоа. За предвремените избори се огласи и фудбалската ѕвезда Килијан Мбапе.

https://p.dw.com/p/4hBSL
Француската фудбалска ѕвезда Килијан Мбапе
Француската фудбалска ѕвезда Килијан Мбапе предупреди од доаѓањето на власт на екстремната десница во ФранцијаФотографија: Tnani Badreddine/DeFodi Images/picture alliance

Сега дури и француската фудбалска ѕвезда Килијан Мбапе се вклучи во оваа неверојатно куса изборна кампања. На воведната прес-конференција на француската фудбалска репрезентација во Диселдорф по повод Европското првенство во Германија, капитенот на „сините“ со сериозен лик и многу страсно предупреди дека екстремистите се на прагот на власта. Во оваа важна ситуација тој ги повика сите сонародници, особено младите, да гласаат.

„Мораме да се идентификуваме со нашите вредности, со социјалната и културната различност, со толеранцијата и почитта. Се надевам дека на 7 јули сите ќе бидеме горди што сме Французи“, додаде тој во однос на одлучувачкиот втор круг на гласање на предвремените парламентарни избори во Франција на 7 јули.

Од сите луѓе, токму портпаролот на екстремно десничарската партија Национален собир (РН), Лоран Јакобели, ги поздрави зборовите на Мбапе и објасни дека неговата партија не може да се подразбира под терминот „екстремна“. Мбапе е во право, смета тој. Има луѓе во државата кои сакаат да се поделат. „Макрон го направи токму тоа. И сега новата левичарска алијанса е склона на поделба“, изјави Јакобели за Франс инфо.

Пинг-понг обвинувања

Мануел Бомпар, еден од кандидатите за левичарската алијанса Народен фронт, ги отфрли овие обвинувања, а потоа - како Јакобели - го впери прстот во кампот околу претседателот Емануел Макрон. „Не можете навистина да кажете дека пензиската реформа на Макрон ја обедини земјата.“

францускиот претседател Емануел Макрон
Цел на критиките како на екстремната десница, така и на екстремната левица: францускиот претседател Емануел МакронФотографија: Stephane Mahe/REUTERS

Премиерот од партијата на Макрон, Габриел Атал, пак, утрово на радио станицата РТЛ ги предупреди Французите да дозволат да бидат заведени од програмите на другите. Тој уште еднаш ја прогласи екстремната левица како опасна исто како екстремната десница. „И двете би биле катастрофа за земјата - особено што се однесува до социјалната клима, бидејќи би имало кавги и поделби на сите нивоа.“

Две гласачки ливчиња, еден праг

Во меѓувреме, сите три главни блока - лев, десен, центар - работеа трескавично до неделата вечер (16.06) за да го стават својот табор со најдобрите кандидати на најдобрата стартна позиција за првиот круг на гласањето на 30 јуни. Има изборен праг од 12,5 насто од гласовите. Само оние кои ќе го надминат овој праг ќе влезат во вториот и одлучувачки круг на 7 јули. Анкетите, на кои сепак треба да се гледа со претпазливост, предвидуваат дека РН ќе има сличен резултат во првиот круг како и на европските избори, односно над 30 отсто. Левичарскиот сојуз Народен фронт, кој го сочинуваат екстремно левичарската ЛФИ, социјалистите, зелените и комунистите, ќе се најде на второ место, а листата на претседателската партија на трето место. Конзервативната Републиканска партија ја започнува трката тешко погодена. Лидерот на партијата Ерик Чиоти најави сојуз со РН минатата недела без консултации. Остатокот од партиското раководство оттогаш залудно се обидуваше да го собори. Сега на партијата ѝ се заканува раскол.

Пол позиција за двата изборни круга

Со цел да се зајакнат умерените сили во секоја од 577-те изборни единици, листата на Макрон нема да настапи насекаде. На пример, ако кандидат на конзервативците  има поголеми шанси да се пласира во вториот круг, Заедно за Републиката нема да истакне свој кандидат. Слична тактика спроведуваат и десните националисти од партијата Реконкет (Повторно освојување). Иако не е формиран официјален сојуз со силната РН, Реконкет сега се воздржува од кандидирање кандидати кои се противат на РН во некои изборни единици. На овој начин тие се надеваат дека ќе ја зајакнат екстремната десница. Левичарската алијанса Народен фронт на своите приврзеници викендов им приреди лош спектакл: во последните мометни партиското раководство не дозволи официјално да се кандидираат некои искусни партиски војници.

Марин Ле Пен, лидерка на екстремно десничарската партија РН
На чекор до власта во Франција? Марин Ле Пен лидерка на екстремно десничарската партија РНФотографија: LAURENT SANSON/PanoramiC/IMAGO

Притоа стануваше збор за критичари на контроверзниот духовен водач на левичарската екстремистичка партија ЛФИ, Жан-Лук Меланшон. Зрак на надеж за некои гласачи на  Левицата е дека социјалистот и поранешен претседател Франсоа Оланд се кандидираше за пратеничко место во неговата стара изборна единица во Корезе. Вонредната ситуација бара вонредни одлуки, изјави Оланд во петокот.

Куповната моќ - главна предизборна тема

Едно од најважните прашања на стартот на изборната кампања е куповната моќ. Премиерот Атал во интервју за телевизијата РТЛ објасни дека кога станува збор за економијата и вработувањето, со двете екстремистички партии на власт се заканува катастрофа. „Двете партии презентираат програма вредна неколку стотици милијарди евра, а не посочуваат како ќе ја финансираат. Тоа би значело зголемување на даноците, а со тоа и големи загуби за средната класа и за пензионерите, објасни Атал. Сепак, од претходните планови се оддалечува и изборната алијанса на претседателската партија, кој неодамна најави поскапување на струјата и пакет за штедење од 20 милијарди. Наместо тоа, таа сега нуди перспектива за намалување на цените на енергијата и исто така сака да ја зголеми границата за оданочување на бонусите на вработените. РН, пак, ветува намалување на даноците за електрична енергија и гориво. И левичарскиот сојуз се залага за зголемување на минималната нето плата за 200 евра - на 1.600 евра месечно. Експресната изборна кампања е во полн ек.