1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Историја на труења кои се поврзуваат со Кремљ

18 август 2023

Неодамнешен извештај покажува дека Кремљ можеби е одговорен за труење на руски новинари во егзил. Користењето отров против политички неистомисленици не е ново за Русија.

https://p.dw.com/p/4VJGB
Алексеј Навални | руски опозиционер
Алексеј Навални е една од најпознатите жртви на политичките труења во РусијаФотографија: Pavel Golovkin/AP Photo/picture alliance

Зад труењето на три истакнати руски новинарки кои живеат во егзил можеби стои Кремљ, покажа неодамнешната истрага на рускиот портал „Инсајдер“. Истрагата нагласува дека новинарките биле познати по својот отворен став против Кремљ.

Наталија Арно, Јелена Костјученко и Ирина Баблојан, три новинарки во егзил цитирани во извештајот, биле примени во болница откако доживеале збунувачки и необјаснети симптоми.

Истрагата, која беше објавена на 15-ти август, цитира различни експерти, вклучително и лекар познат по тоа што му го спасил животот на опозицискиот водач Алексеј Навални. Овие експерти колективно укажуваат на можноста за „егзогено труење“ како убедливо објаснување за симптомите што ги доживеале новинарите.

Овие труења се најнови во серијата труења насочени кон противниците и критичарите на Кремљ, бидејќи отровот долго време е оружје што го користат руските безбедносни служби за да ги замолчат истакнатите политички неистомисленици.

Во некои случаи, се појавија докази кои силно ги поврзуваат со руската држава, додека други остануваат мистериозни, а Кремљ упорно ја негира својата вмешаност.

Еве преглед на некои труења што се случиле во изминатите 20 години.

2022: Наводно труење на санкциониран олигарх

Рускиот олигарх и сопственик на ФК Челзи, Роман Абрамович, покажал симптоми на наводно труењез а време на мировните преговори на границата Украина - Белорусија во март 2022 година.

Покрај Абрамович, група украински преговарачи исто така се жалеше на сериозни симптоми, вклучувајќи црвени очи, солзење и проблеми со кожата. Абрамович, како што се велеше, привремено го загубил видот, кој подоцна му се вратил. Западните земји го санкционираа Абрамович поради неговите блиски врски со Кремљ. Истрагата на фондацијата Белингкет сè уште им го припишува нападот на тврдокорните застапници за војна во Москва, сметајќи го како предупредување против мировните преговори, а не како фатален обид за атентат.

Роман Абрамович
Западните земји го санкционираа Роман Абрамович поради неговите блиски врски со КремљФотографија: Stringer/REUTERS

2020: Напад со Новичок врз Навални

Во август 2020 година, антикорупцискиот активист Алексеј Навални тешко се разболе на лет во Русија, што предизвика итно слетување. Подоцна беше префрлен на лекување во Германија. Повеќе независни лаборатории го потврдија присуството на Новичок, нервен агенс, во неговиот систем. Навални за тоа го обвини Кремљ, а Москва негираше. Инцидентот ги влоши веќе заладените односи на Русија со западните земји и предизвика низа санкции против руски официјални лица.

Во декември 2020 година, британскиот весник „Тајмс“ ја обвини руската влада за втор обид за атентат врз критичарот на Кремљ пред тој да биде пренесен во Берлин на натамошно лекување. Навални на крајот се опорави и се врати во Русија, само за да биде уапсен, што предизвика дополнителни меѓународни негодувања.

2018: Труење на двоен агент

Во 2018 година, поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервен агенс Новичок во Солсбери, Велика Британија. И Скрипал и неговата ќерка го преживеаја труењето по укажаната медицинска помош. Тогашната британска премиерка Тереза Меј го осуди нападот, тврдејќи дека тоа е директно дело на Русија. Кремљ ја негираше својата вмешаност, обвинувајќи ја Британија за труењето. Скрипал претходно беше затворен во Русија поради шпионирање за Велика Британија. Нападот предизвика меѓународна осуда, доведе до протерување на руски и британски дипломати во двете земји и беше проследен со санкции против руски официјални лица.

Џонсон: имаме докази за руската улога во нападот врз Скрипал

Напади со отров врз поранешни претседатели

Во 2004 година, украинскиот проевропски лидер Виктор Јушченко беше отруен со диоксин за време на неговата претседателска кампања, во која противник му беше Виктор Јанукович, кој беше поддржан од Русија. Тој го преживеа нападот, но претрпе трајни последици, како сериозни лузни на лицето и дамки. Противникот на Јушченко, проруски настроениот Виктор Јанукович, победи на изборите. Но, неговата изборна победа беше проследена со широко распространети обвинувања за измама и протести познати како Портокалова револуција. Откако украинскиот Врховен суд ги поништи изборните резултати и нареди повторно гласање во декември 2004 година, Јушченко стана претседател на Украина.

Покрај Јушченко, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој беше приведен од властите во Тбилиси минатата година, исто така тврдеше дека руски агенти кои се инфилтрирале во грузиската разузнавачка служба се обиделе да го отрујат во затвор.

Говорејќи за „Политико“ во март годинава, Саакашвили рече дека „за малку ќе умрел“ како резултат на нападот и дека оттогаш е во лоша здравствена состојба.

Украина, Портокалова револуција
Портокалова револуција: Илјадници луѓе протестираат на улиците на Киев (архивска фотографија)Фотографија: Sergey Dolzhenko/picture-alliance/dpa

2006: Труење на поранешен руски шпион

Поранешниот руски шпион Александар Литвиненко беше отруен во Лондон во 2006 година. Како критичар на Путин, тој пребегна од руската разузнавачка служба, барајќи засолниште во Лондон во 2004 година. Околу две години подоцна, Литвиненко пиел чај со поранешните руски агенти Андреј Луговој и Дмитри Ковтун во хотел во центарот на Лондон. Веднаш потоа се разболе и почина неколку недели подоцна. Истрагите на Велика Британија и ЕУ го посочија Луговој како главен осомничен, сугерирајќи дека Путин „веројатно“ го одобрил убиството. Кремљ негираше вмешаност и одби екстрадиција на Луговој. Инцидентот предизвика ескалација на британско-руските тензии, што резултираше со протерување на дипломати од амбасадите на двете земји во 2007 година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема