Германски воен офицер уапсен поради шпионирање за Русија
9 август 2023Германското обвинителство соопшти дека е уапсен офицер на воената служба за набавки кој е осомничен за предавање тајни информации на руската разузнавачка служба. Германскиот државјанин кој е идентификуван како Томас Х., во повеќе наврати контактирал со рускиот конзулат во Бон и со руската амбасада во Берлин од мај годинава досега, на сопствена иницијатива и нудел соработка, соопшти обвинителството.
„Јавното обвинителство уапси германски офицер под сомнение за странска тајна служба. Будноста е тема на денот“, твитна германскиот министер за правда Марко Бушман на платформата Х.
Германија е еден од најголемите снабдувачи со воена опрема на Украина, и една од главните цели на руските шпионски операции, кои значително се засилија по инвазијата врз Украина.
Осомничениот во притвор
Во една прилика, осомничениот пренел информација добиена на работното место со цел да биде пренесена до руската разузнавачка служба, тврди германското обвинителство.
Осомничениот бил уапсен во Кобленц, а претресени се и неговиот дом и работното место. Судијата му одреди притвор.
Околу 12.000 луѓе работат за агенцијата за набавки на германската армија, од кои околу 1.800 војници. Во 2021 година, агенцијата склучила договори за купување оружје и опрема за Бундесверот во вредност од 17,6 милијарди евра.
Во декември минатата година, германските власти уапсија вработен во тајната служба- БНД кој беше осомничен за шпионирање во Русија.