Каде се руските шпиони?
21 мај 2022„Ѝ реков на Москва дека си добро момче. Дека имаш многу пријатели“, вели човекот во поло маичка, безбол капа и чанта на рамо. Тој нервозно пуши цигара. Неговиот соговорник, маж во бела маица со побелена коса, внимателно слуша. „Москва реши дека треба да станеш ловец.“ Тој би требало да набави информации, на пример доверливи документи од НАТО. Тогаш мажот во поло маица вади од џебот банкноти, 1.000 евра, и му ги дава на соговорникот.
Ове е сцена како од лош шпионски филм, тајно снимен и прислушуван од страна Словачката воена разузнавачка служба. Во средината на март, словачките медиуми го објавија видеото од надзорот. Тоа покажува како заменикот на руското воено аташе во Словачка, човекот во поло маица, регрутира доушник - блогер кој пишува за теории на заговор и за проруски веб-страници. Слични обиди за регрутирање веќе биле направени и кај еден високорангиран словачки воен офицер. Како одговор на шпионската акција, Словачка протера неколку руски дипломати од земјата.
Протерани се стотици осомничени шпиони
Многу други земји го направија истото од почетокот на војната против Украина: околу 400 руски дипломати, за кои се вели дека се прикриени агенти на тајната служба, беа прогласени за „непожелни лица“ во Европа во последните неколку недели и мораа да се вратат во Русија.
Повеќе: Експерт: Русија сè уште има агенти и врски насекаде во Бугарија
Меѓу нив се и 40 Руси кои беа акредитирани во Германија во амбасадата во Берлин и во генералните конзулати. „Во Германија, 40-те члена на руските мисии кои ги протеравме не поминале ниту еден ден во дипломатска служба за време на нивниот престој во Германија“, истакна германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, на крајот на април. Таа истакна дека овие агенти „со години и систематски работеа против нашата слобода и против заедништвото во нашето општество“.
Протераните дипломати не смеат да бидат заменети
Од страна на германското Министерство за надворешни работи беа протерани пред сѐ лица кои се сметаат за членови на руската воена разузнавачка служба ГРУ и на странската служба СВР. Нивните семејства исто така мораа да ја напуштат Германија. Во некои случаи се размислувало да не се прекине веднаш правото на престој, бидејќи децата на шпионите требало да ја завршат училишната година. Протераните лица не смееја да бидат заменети, што значи дека вкупниот број руски дипломати во земјата е значително намален.
Москва мора да ги приспособи методите
Неволното повлекување на стотици агенти на тајните служби, од кои некои беа многу искусни, се оценува како сериозен удар. Европските безбедносни власти претпоставуваат дека Русија сега ќе ги приспособи своите шпионски активности за да продолжи да добива информации од политиката, бизнисот, војската и од научните истражувања.
Повеќе: Москва протера 40 германски дипломати
Според безбедносните експерти, може да се претпостави дека сајбер нападите ќе се зголемат. Пред сѐ се очекуваат хакерски напади насочени кон информации за енергетската политика, санкциите и за проектите за вооружување. Руските опозиционери и украинските активисти исто така би можеле да бидат засилено шпионирани, предупредија неодамна полските власти. Покрај хакерските и сајбер нападите, и познатите методи од ерата на Студената војна сега би можеле да доживеат ренесанса.
Веројатно повеќе патувачки агенти во иднина
Според безбедносните кругови, може да се претпостави дека Москва во иднина сѐ повеќе ќе користи патувачки шпиони, односно луѓе кои се опремени со фалсификувани идентитети и кои патуваат во целната земја само по одредена задача. Се смета дека во случајот на труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија, во пролетта 2018 година, бил ангажиран токму таков тим на патувачки агенти. Ограничените летови меѓу Русија и ЕУ, визите за Русите и зголемената будност на западните безбедносни власти ги отежнуваат ваквите операции. Сепак, предупредуваат безбедносните службеници , руските служби навистина имаат логистички мрежи кои можат да се користат за конспиративни патувања.
Убиство во берлинскиот Тиргартен
Случајот со атентатот во Тиргартен, во Берлин, во летото 2019 година, ја покажува важноста на таквите патувачки шпиони, кои очигледно дејствуваат без никаква врска или контакт со руската амбасада. Тогаш, руски платен убиец со пиштол застрела Чеченец во егзил. Атентаторот, кој е фатен и оттогаш е осуден на доживотен затвор, со велосипед ѝ пришол на жртвата, а потоа се обидел да побегне со електричен тротинет.
Берлинската полиција и германската сојузна канцеларија за борба против криминалот до ден-денес не можеа да утврдат од каде убиецот ги добил велосипедот и тротинетот. Но и кој му го набавил оружјето за убиство и кој претходно ја набљудувал жртвата. Сѐ уште се трага по маж за кој се вели дека е член на руската тајна служба ФСБ и кој во исто време пристигнал во Германија. Тој е осомничен дека бил вмешан во атентатот.
Ренесанса на врховната дисциплина на шпионажата?
Безбедносните власти се сомневаат и дека Москва во наредните години би можела да ја оживее исклучително сложената, скапа и ризична форма на шпионажа, која се смета за „врховна дисциплина“: таканаречената „нелегална програма“.
Првобитно лансирана од КГБ за време на Студената војна, сега неа ја води Дирекцијата С на руската служба за надворешно разузнавање СВР, оддел за особено ризични шпионски операции. „Илегалците“ се шпиони кои се прошверцувани во целната земја со конструирани биографии и лажни идентитети и остануваат активни таму со години или дури со децении. Тие не располагаат со дипломатски статус и затоа не се заштитени од кривично гонење доколку бидат откриени. Нивната камуфлажа обично е во тоа што се преправаат дека живеат живот на граѓани од средната класа, како нормална брачна двојка или семејство од соседството.
„Илегалци“ се откриени и во Германија
Такви „илегалци“ до денес се откриени само во ретки случаи: и тоа во летото 2010 година, кога американскиот ФБИ разоткри руски шпионски синџир и уапси единаесет шпиони.
Набргу потоа, во Германија беше разоткриена брачна двојка која шпионирала за Москва од доцните 1980-ти. Со лажните идентитети, агентската двојка, Андреас и Хајдрун Аншлаг беа осудени на неколку години затвор и конечно предадени на Русија. Во германската Служба за заштита на уставниот поредок се уверени дека во земјата има и други „илегалци“.
Шифрирани наредби сè уште се пренесуваат од Москва преку радио на кратки бранови - и се снимени од страна германските власти. Речиси секогаш е нејасно кои се примателите на ваквите наредби и каква е содржината на радио пораките. Пред неколку години имаше опсежен заеднички проект на европските контразузнувачки тајни служби за пронаоѓање на таквите камуфлирани шпиони, кои во Русија ги нарекуваат „вундеркинд“. Меѓутоа, со само умерен успех.