Како бил откриен германскиот агент кој шпионирал за Русија?
28 декември 2022За Сојузната разузнавачка служба, БНД, ова претставува истовремено успех и комплетно потфрлување: во редовите на германската тајна служба за странство е откриен осомничен предавник. Кратко пред Божик, беше уапсен Карстен Л., вработен во БНД, кој сега се наоѓа во истражен затвор. Обвинението е посебно тешко: велепредавство. Карстен Л. ѝ предал информации на руска тајна служба, меѓу кои и документи на БНД со ознака државна тајна.
Според истражувањата на германските јавни сервиси ВДР и НДР и весникот Зиддојче цајтунг, БНД првично му влегла во трагата на „кртот“ пред неколку месеци, по укажување од страна на странска партнерска тајна служба: руски шпиони дошле до тајни документи на БНД, значи некаде „протекло“. За случајот известуваше и весникот „Билд“.
Комплицирана потрага
Веднаш била започната интерна истрага, била активирана единицата за внатрешна сигурност, која работи надвор од останатата служба со задача да открива шпиони во БНД. Таа располага со сопствена надзорна служба, која тајно ги следи соработниците, делумно дури и во странство.
Истражителите од БНД започнале потрага: од каде потекнува предадениот материјал и кој имал пристап до него. Ни малку лесна задача, со оглед што во БНД работат околу 7.000 вработени на повеќе локации.
Преку дојава од странство, единицата за внатрешна сигурност конечно стигнала до Карстен Л., службеник на висока позиција, вработен во колективно раководство на одделот за техничко разузнавање, сектор на БНД задолжен за надгледување на телефони, сателити и интернет комуникација.
Една од најделикатните функции
Тоа е една од најделикатните функции во тајната служба, тука се слеваат сознанијата добиени од прислушувани телефонски разговори, радиоврски или пресретната електронска пошта, на пример одподрачја на воени конфликти како Украина или Сирија, или поврзани со иранската атомска програма. Тука стигнуваат редовно и сознанијата на партнерските тајни служби, првенствено од американската НСА или британската тајна служба. Приближно половината од сите стекнати информации на БНД потекнува од странско разузнавање.
Карстен Л. важел за експерт, пред неколку години преминал од Бундесверот во БНД, има чин на полковник. Тој работел како во старата централа на БНД во Пулах кај Минхен, така и во новото седиште на тајната служба во Берлин. Досега никогаш не паднал в очи, но сега влегол во визирот под сомнение дека предава тајни. Случајот бил поврзан и со една од неговите соработнички.
Колешката во меѓувреме не е сомнителна
Карстен Л. од таа колешка постојано барал на увид тајни документи, деликатни информации кои не спаѓале всушност во негова надлежност. Иследниците од БНД почетно се сомневале дека оваа колешка можеби исто така учествувала во велепредавството.
Кога сомнението против Карстен Л. било доволно зацврстено, БНД го информирал Генералниот сојузен обвинител, кој повел постапка и ја доверил истрагата на Сојузната служба за борба против криминал, БКА.
На 21 декември Карстен Л. бил уапсен во Берлин. Бил извршен претрес на неговиот стан и на канцеларијата во централата на БНД во Берлин, како и на неговата куќа во близина на Минхен. Исто како и на станот на колешката. Таа во меѓувреме е ослободена од сомнение, не постојат никакви укажувања дека свесно учествувала во предавството.
Протокот на информации е докажан
Постојат цврсти докази дека информациите од БНД стигнувале до руска тајна служба, велат извори од истрагата. Во тоа спаѓа и материјал кој содржи индикации на каков начин постапуваБНД при стекнувањето информации за Русија. Странските партнерски тајни служби притоа не се засегнати.
Останува уште нејасно какви биле мотивите на Карстен Л. Нема докази дека примал пари, па се истражува опцијата дека бил можеби уценуван.
За Карстен Л. и натаму важи презумпцијата на невиност. Неговиот адвокат на поставено прашање одговорил дека не дава коментар на обвинувањата. БНД и генералното сојузно обвинителство не даваат натамошни објаснувања во врска со случајот.