Германска БНД: „Русија е во нашите мрежи“
28 јули 2022Тоа беше шпионска операција од големи размери. Над 150 фирми во Германија требаше да бидат хакирани - и тоа пред сѐ оние кои спаѓаат во таканаречената критична инфраструктура. Хакерите имаа намера да го истражат снабдувањето со струја и со вода. Според информациите на јавните сервиси БР и ВДР, покраинската канцеларија за борба против криминалот во Баден Виртемберг по повеќегодишна истрага успеа да идентификува еден осомничен.
Павел А., како што сметаат, е член на хакерска група која, како што претпоставува Министерството за правда на САД, работи за руската тајна служба ФСБ, поточно, за оделението „Центар 16“ со седиште во Москва. Според обвинението на американското Министерство за правда, хакерите сакале да ѝ овозможат на руската влада „кога ќе биде потребно, да ги онеспособат или да ги оштетат“ важните фабрики за производство на струја.
„Преку екстерни фирми“
Павел А. е обвинет дека во летото 2017 година продрел во мрежата на фирмата Нетком БВ. По повеќе од 4 години, во септември 2021 години, главниот државен обвинител во Карлсруе издејстува налог за апсење - кој сѐ уште не е јавен.
Нетком БВ е дел од струјниот концерн ЕнБВ и е задолжен за поставување мрежи од стаклени влакна како и за пренесување на важни интерни податоци за снабдување со струја преку посебно обезбедени мрежи.
На новинарско барање, ЕНБВ соопшти дека хакерите продреле во системот на една екстерна фирма која работи за нив „и така ја компромитирале нејзината структура“. Така тие преку тој систем дошле до можност да влијаат и на менаџментот на јавната телекомуникациска мрежа на фирмата Нетком БВ.
Компромитирачки документ
ЕнБВ и натаму тврди дека неговиот систем за управување со струјна и гасна мрежа во ниту еден момент не бил погоден, „бидејќи тој се наоѓа во одвоена и посебно обезбедена мрежа“. Освен тоа, откако е извршен нападот, Нетком БВ редовно се наоѓа под контрола на независни инстанци. „Кибернетичките одбрамбени способности на ЕнБВ се засилени.“
Повеќе: Шест хакерски напади кои го шокираа светот
Јавните сервиси БР и ВДР пренесуваат и оти хакерите своевремено го нападналe и енергетскиот концерн „е.он“. Тие напишале документ со наслов „Проценка за долгорочна потреба за инвестирање во децентрализираната струјна мрежа на е.он“. Кога некој корисник ќе го отвори овој документ, доаѓа до обид податоците со кои се пријавува да се испратат на сервер кој го контролираат хакери. Со тоа тие би добиле можност да се пријават и на други налози на овој корисник, на пример, на неговата електронска пошта.
Вмешана уште една руска тајна служба?
Од избувнувањето на руската војна против Украина, германските органи за безбедност предупредуваат на опасност од руски напади на струјната мрежа. Така Волфганг Вин, потпретседател на разузнувачката служба БНД, на една конференција на крајот на јуни рече: „Мораме да бидеме свесни - Русија е во нашите мрежи“.
Јавниот сервис АРД пишува дека хакерите во Украина во декември 2015 година извршиле голем напад врз електричната мрежа. Повеќе ИТ-системи „се инфицирани со штетен софтвер под името Блек енерџи и се исклучени. Погодени се над 200.000 луѓе, а струја немало и до 6 часа. За одговорна за нападот е прогласена групата Сендворм за која европските органи за безбедност сметаат дека припаѓа на една друга руска тајна служба - ГРУ“.