1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот не може да испорача доволно муниција за Украина

23 февруари 2024

Ветувањето на Западот дека брзо ќе ѝ испорача муниција на Украина не се остварува. Продолжува воената супериорност на Русија во војната во Украина, додека западната индустријата за оружје се преориентира.

https://p.dw.com/p/4cmcG
Самоодна хаубица 2000 од германско производство
Самоодна хаубица 2000 од германско производство на фронтот во УкраинаФотографија: REUTERS

Целта беше амбициозна - Европа сакаше да ѝ испорача на Украина еден милион парчиња артилериска муниција. Целта беше да се намали воената супериорност на Русија во војната против Украина. Но, ветувањето не може да се одржи, мораа да признаат експертите на Минхенската безбедносна конференција која заврши пред неколку дена. Тоа, меѓу другото, се должи и на структурата на индустријата за оружје. Но, има зраци на надеж. Индустријата се престројува и ги зголемува своите капацитети. На Украина би можеле да ѝ помогнат и нови соработки.

Првиот човек на германската компанија за оружје Рајнметал, Армин Папергер, доцнеше пет минути на една од дискусиите на Минхенската безбедносна конференција која не се најавуваше наголемо. Нејзиниот наслов гласеше „Затворање на јазот во производството во одбраната во Европа“.

Цената на акциите на Рајнметал од почетокот на големата руска инвазија на Украина се зголеми за четирипати. Концернот, меѓу другото, произведува тенкови за германскиот Бундесвер, но и муниција за противавионските тенкови од типот Гепард, кои се користат и во Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во посета на компанијата Рајнметал
Германскиот канцелар Олаф Шолц во посета на компанијата РајнметалФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Преструктуирањето на индустријата за оружје бара време

На 24 февруари се одбележува втората годишнина од нападот на Путин врз Украина. Рајнметал во меѓувреме на некои локации работи во три смени. Компанијата планира и отворање нови фабрики. А политичарите во Германија, особено министерот за одбрана Борис Писториус, го повикуваат Бундесверот и целата земја да станат „подготвени за војна“ за Русија да може да се одврати од евентуален напад врз земја на НАТО во иднина.

Но, ова трае многу подолго отколку што дури и безбедносните експерти би очекувале за земја како Германија, која во годишните извештаи на шведскиот Меѓународен институт за истражување на мирот СИПРИ секогаш е рангирана меѓу петте најголеми извозници на оружје во светот.

Средните компании во одбранбениот сектор имаат големи проблеми

Додека голема компанија како Рајнметал од резервите може релативно брзо да финансира инвестиции, почетната позиција за многу помали компании е потешка, вели за ДВ раководителот на Сојузот на безбедносната и одбранбената индустрија (БДСВ), Ханс Кристоф Ацподиен.

Ацподиен зборува за 200 германски компании во одбранбениот сектор. Од нив, 80 отсто немаат повеќе од 300 вработени. „Многу од нив се многу специјализирани“, вели Ацподиен, додавајќи дека тие се добавувачи за други. Класична германска средна класа.

Германската влада неодамна објави дека за првпат оваа година ќе ја постигне целта на НАТОза инвестирање најмалку два отсто од својот брутодомашен производ во вооружените сили.

Германија: целта на НАТО само преку специјален фонд 

Меѓутоа, Германија ја постигнува целта само затоа што се вклучени пари од специјалниот фонд од 100 милијарди евра што го најави канцеларот Олаф Шолц по почетокот на големата инвазија на Путин на Украина. Со дополнителните средства ќе се финансираат, меѓу другото, американски борбени авиони Ф-35.

Редовниот буџет за германскиот Бундесвер меѓутоа останува приближно ист. А, токму тоа им е потребно на помалите компании за оружје во Германија, вели воениот експерт Јирген Фишер за ДВ. Фишер е главен уредник на списанието Европска безбедност и технологија.

„Потребни ни се нарачки“, изјави еден претставник на индустријата за оружје на состанокот на маргините на Минхенската конференција за „јазот во Европа во производството на одбрана“.

американска воена помош за Украина
Во Украина се испорачуваат гранати од 155 милиметри од американските резервиФотографија: Alex Brandon/dpa/AP/picture alliance

Поголема соработка во одбранбената индустрија 

На средбата, на видно место во средината седеше украинскиот министер за стратешки индустрии, Александар Камишин, „Напредуваме“, изјави Камишин за ДВ по средбата. Две години по почетокот на руската инвазија, Камишин, кој е одговорен за производството на оружје во Украина, на безбедносната конференција се состана со германски менаџери за оружје за да разговараат за заедничките вложувања. Во јануари, украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на патувањето во балтичките држави и Полска најави вакви проекти меѓу одбранбената индустрија во Украина и компании од ЕУ. Украина се обидува да произведе повеќе муниција и воена опрема во својата земја - во иднина и со западно „ноу-хау“.

Проблемите со производството на оружје во земјите на ЕУ сѐ повеќе се мешаат со оние во Украина. Во Минхен, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба укажа на уште еден проблем. Европските гранати од 155 милиметри од земјите поддржувачи често може да се користат само за многу специфични артилериски системи. „Тоа е огромен проблем“, вели Кулеба. „Не можеме да ја користиме истата муниција за друга опрема.“ НАТО го препозна проблемот. Иако проектилите се со иста големина, технологијата на управување е често различна. Во минатото усогласувањето пропадна поради воената бирократија на европските земји.

Deutschland | Münchener Sicherheitskonferenz | Robert Habeck, Nancy Pelosi, Antonio Tajani, Dmytro Kuleba und Mette Frederiksen
Разговор на Минхенската безбедносна конференција: германскиот министер за економија Роберт Хабек (л.) и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба (второ од десно) Фотографија: Kuhlmann/MSC

Чешка муниција за Украина 

ЕУ не можеше да го исполни ветувањето дека подобро и побрзо ќе ѝ обезбеди муниција на Украина. Но, има трошка надеж. Чешкиот претседател Петр Павел сега вети дека ќе преземе нешто. Министерството за одбрана и производителите од неговата земја идентификуваа гранати произведени во Чешка кои може да се купат повратно, а потоа да ѝ се достават на Украина. „Колку што знам, нашите компании имаат идентификувано во светот до 500.000 парчиња муниција од 155 милиметарски НАТО-калибар и до 300.000 парчиња од калибар 122 милиметри“, рече Павел. За тоа треба да се обезбедат финансии.

И Германија сака брзо да помогне. За и помалите одбранбени компании да го зголемат производството, во иднина треба да има повеќе гаранции од страна на владата за купување на таа воена опрема, соопшти германскиот министер за економија Роберт Хабек. Министерот е оптимист дека тоа може да му помогне на Бундесверот, но и на Украина.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик