18 членки на НАТО годинава одвојуваат 2% од БДП за одбрана
14 февруари 2024Мнозинството членки на НАТО годинава повторно ќе се држат до т.н. НАТО-квота: 18 од 31 држава членка на алијансата ќе одвои најмалку 2% од својот брутодомашен производ за трошоци за одбраната, соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој истовремено ги предупреди 13-те други земји од НАТО брзо да ги исполнат своите обврски и потсети на одлуката на самитот од минатата година, според која сите земји-членки на алијансата се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана.
„Овие два процента се минимум“, нагласи Стоолтенберг. Според дипломатски извори, Шпанија, Турција и Белгија, меѓу другите, сè уште имаат тешкотии со исполнување на целта, додека Франција сака да ја достигне целта следната година.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус (СПД) неодамна објави дека Германија оваа година ќе постигне НАТО-квота од 2,1 отсто. Германските трошоци за одбрана според тоа годинава ќе изнесуваат 72 милијарди евра.
Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД со најголеми изгледи, неодамна се закани дека ако победи на изборите во ноември, нема да им даде поддршка на земјите кои не ја исполнуваат НАТО-квотата во случај да бидат нападнати. Столтенберг тоа остро го критикуваше: „Секоја сугестија дека сојузниците нема да се бранат ја поткопува целата наша безбедност“,рече тој. Генералниот секретар денеска (14.02) нагласи дека трансатлантскиот сојуз е „во национален безбедносен интерес на САД“.