Бајден со остра критика за изјавата на Трамп за НАТО
14 февруари 2024САД веќе нема да бидат солидарни кон државите сојузнички во НАТО, кои трошат премалку за одбрана? Со оваа изјава, поранешниот американски претседател Доналд Трамп предизвика жестоки реакции. Американскиот претседател Џо Бајден со остри зборови ги критикуваше изјавите на неговиот претходник. „Тоа е глупаво, тоа е срамно, тоа е опасно, тоа е неамериканско“, рече Бајден за најавата на Трамп дека нема да обезбеди заштита од Русија на партнерите во НАТО кои не ги исполнуваат своите финансиски обврски.
Трамп, кој сака да го предизвика Бајден на наредните претседателски избори во ноември и повторно да настапи како кандидат на Републиканската партија, за време на предизборен митинг минатиот викенд рече дека „претседателот на една голема земја“ еднаш го прашал дали САД сепак ќе ја заштитат оваа земја од Русија доколку не ги плати трошоците за одбрана. Тој одговорил: „Не, не би ве заштитил“. Уште повеќе, тој „дури би ја охрабрил Русија да прави што сака“.
„Најлошо е што Трамп навистина го мисли тоа“
Бајден уште на викендот остро ја критикуваше оваа изјава на Трамп, но сега се надоврза со дополнителна критика. „Можете ли да замислите поранешен претседател на САД да го каже тоа? Целиот свет го слушна тоа“, рече демократот. „Најлошо е што тој го навистина го мисли тоа“. „За Трамп принципите не играат никаква улога“, критикуваше Бајден. „Тој во НАТО не гледа сојуз кој ги заштитува Америка и светот“.
Наместо тоа, Трамп ја гледа Алијансата како товар или средство за рекетирање и не разбира „дека светото ветување што го дадовме, исто така ни користи и нам“, рече Бајден. Како одбранбен сојуз, НАТО се потпира на принципот на одвраќање и членот 5 од Северноатлантскиот договор е особено релевантен за ова. Тој ја регулира обврската за заемна помош во Алијансата и одредува дека вооружен напад против еден или повеќе сојузници се смета за напад против сите членки на НАТО .
Бајден потсети дека членот 5 од Договорот на Алијансата беше активиран само еднаш во историјата на НАТО, а тоа беше да се поддржи Америка по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година. Американскиот претседател исто така уште еднаш нагласи дека стои зад обврската за заемна помош во НАТО, и сѐ додека тој е претседател, САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на Алијансата.
Трамп ја брани изјавата
Изјавата на Трамп предизвика збунетост и загриженост кај земјите од НАТО. Водечката кандидатка на германската Социјалдемократска партија (СПД) за европските избори, Катарина Барли, дури предложи и нуклеарен штит за ЕУ со оглед на заканата на Трамп. Според новата проценка на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, околу две третини од земјите членки на НАТО планираат годинава да потрошат најмалку два процента од нивниот брутодомашен производ за одбрана. Оваа долна граница ја утврдија шефовите на државите и на владите на земјите членки на НАТО. Досега тоа го исполниле само единаесет од 31 земја членка. Трошоците за одбрана на Германија од 1,57 отсто од БДП досега беа под договорената граница. Меѓутоа, канцеларот Олаф Шолц најави дека сега планира да ја исполни целта од два отсто секоја година.
Во меѓувреме Трамп ја бранеше својата контроверзна изјава. „Го направив НАТО силен“, напиша тој на социјалната мрежа „Truth Social“ која самиот го основаше.
„Кога им кажав на 20-те земји кои не го платија својот дел дека мора да платат или нема да добијат американска воена заштита, парите почнаа да течат“, тврди тој. Уште за време на неговиот прв мандат, почнувајќи од 2017 година, Трамп ги обвини европските партнери во НАТО дека инвестираат премалку пари во одбраната и оти оставаат да бидат заштитувани на сметка на САД.
Министрите за одбрана на државите од НАТО денеска се среќаваат во Брисел на дводневен состанок. Таму ќе се разговара за натамошна соработка со Украина и проширување на одбранбените способности на Алијансата. Но, сега изјавите на Трамп веројатно и тука ќе предизвикаат дебати.